Научете го детето да биде емпатично

Кога пофалувате грижливо и внимателно дете – користете именки: „Благодарам за твојата добрина!“, „Ми се допаѓа начинот на кој покажуваш внимание!“… Ефектот ќе биде многу посилен.

Што треба да негувате кај детето за да порасне во среќна, успешна и здрава личност? Психолозите на ова прашање одговараат гласно: емпатија! Токму емпатијата – сочувството, разбирањето на туѓите емоции – игра клучна улога во идниот успех и среќните односи на детето, во неговата емоционална стабилност и способноста да се справи со непријатностите.

Од најрана возраст, можете и треба да започнете да развивате емпатија кај вашето дете. Емпатијата е како мускулите: колку повеќе децата ја практикуваат оваа вештина, толку таа станува посилна. За среќа, постојат едноставни и делотворни начини да го научите детето да биде внимателно, грижливо и сочувствително. Ќе кажеме понешто за некои од нив…

Играта учи на добрина

Емпатијата се стекнува низ игра. Во соработка со познат бренд за играчки, научниците докажаа дека децата развиваат емпатија и социјална интелигенција додека си играат со кукли. Значи, играњето со кукли или меки играчки не е само забавно туку е и докажан начин децата да станат емпатични. Вашите прашања ќе ви помогнат да разберете што мисли вашето дете: „Што ја прави куклата среќна? Што прави твоето мече ако неговиот пријател тагува? Тоа изгледа осамено, како можеме да му помогнеме?“ Ова е најдобриот начин да го научите детето да ги теши другите, да им помага и да се грижи за нив.

Зборувајте за емоциите

За да се научи на емпатија, детето мора да знае да ги препознава емоциите. Научете го зборови што опишуваат различни емоции. Зборувајте за неговите чувства: „Мислам дека се лутиш? Дали си тажно?“ Поставувајте му прашања поврзани со позитивни чувства: „Дали си среќно? Дали ти се допадна да шеташ со другарите?“ Важно е децата уште од мали нозе да слушаат повеќе зборови што ги опишуваат емоциите и да можат да ги изразат своите чувства.

Научете го да ги препознава чувствата!

Клучен чекор на патот кон развојот на емпатија и добрина е способноста на децата да ги препознаваат чувствата. Тоа може да се постигне и преку игра. Направете картички со имињата на основните емоции: среќа, тага, страв, загриженост, чудење… Потоа нацртајте или залепете на соодветните картички слики што ги претставуваат емоциите.

Играта е многу едноставна: секој член на семејството црта картичка со некоја емоција (другите да не гледаат) и се обидува да ја покаже без употреба на гласови или зборови – значи со мимика на лицето. Погодувајте ги меѓу себе емоции, развивајте емпатија! Освен што е корисна, оваа игра е и многу забавна!

Правило за две добри дела

Во вашето семејство воведете правило за две добри дела: потребно е да правите најмалку две добри дела секој ден. Отпрвин, јасно насочете го вниманието на вашето дете кон добрите дела секогаш кога ќе се соочите со нив. Пофалете го гласно: „Браво што ѝ помогна на баба ти да ги најде очилата!“… Исто така можете да воведете и кутија за добри дела – тоа може да биде каква било кутија со отвор на горниот капак.

Во неа ставете цртеж или белешка на кои ја нагласувате добрата постапка на најмладиот член на вашето семејство. Кон крајот на неделата следува симболична награда за детето (сладолед, кино…), а тоа ќе се чувствува прекрасно и ќе сака да продолжи во таа насока.

Грижа за другите

Децата учат да сочувствуваат грижејќи се за другите. Затоа, дајте им можност да покажат грижа или помош. Доколку не сте во состојба да земете домашно милениче или немате постари роднини во близина на кои детето би можело да им помогне, може барем да се грижи за куклите. Има многу примери: лекар кукла лекува кукли пациенти, кукла прави засолниште за бездомни животни и слично…

Правилно пофалете го детето

Фалете ги децата користејќи именки. Имено, психолозите спровеле интересен експеримент со деца на возраст од три до шест години, на кои им предлагале да им помогнат, но наместо глаголи („Дали ќе ми помогнеш?“) – употребувале именки („Дали ќе ми бидеш помошник?“). Децата од кои било побарано да „станат“ помошници/асистенти/соработници повеќе сакале да дадат помош.

Ако сакате вашето дете да се смета себеси за грижлива личност и понатаму да покажува емпатија – користете именки за време на пофалбите: „Благодарам за твојата добрина!“, „Ми се допаѓа начинот на кој покажуваш внимание!“. Резултатот ќе биде уште подобар.

Текст: Наташа Човиновска

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.