#постпартум: Дали сликите на социјалните мрежи покажуваат како навистина изгледа телото на мајката по породувањето?

У&З жени

Според експертите, фокусот не би требало да се става на изгледот на телото по породувањето, туку на тоа како се чувствуваат мајките

Стрии, масни наслаги околу стомакот, лузни од царски рез – ова е реалноста за многу нови мајки, но на социјалните мрежи се добива поинаков впечаток. Австралиски истражувачи разгледале 600 фотографии на Инстаграм со хаштагот #postpartumbody и дознале дека само на 5 отсто од сликите се прикажани стрии, целулит, виснати гради или лузни.

Всушност, на 91 отсто од фотографиите, жените биле вити и облечени во спортска облека. Заклучокот е дека најголемиот дел од сликите сервирани на социјалните мрежи не покажуваат како женското тело навистина изгледа во постпородилниот период.

Тоа е загрижувачко и го зголемува притисокот врз жените кои и онака веќе поминуваат низ огромна животна промена. Овие фотографии можат да предизвикаат незадоволство од сопственото тело кај новите мајки што потоа доведува до посериозни ментални нарушувања, како што се постпородилна депресија и анксиозност.

Според експертите, фокусот не би требало да се става на изгледот на телото по породувањето, туку на тоа како се чувствуваат мајките. Како се справуваат со промената, дали се добри и дали им треба поголема поддршка?

За да ги спречат негативните ефекти на сликите со хаштаг #postpartumbody, засега мајките би требало да им веруваат на своите инстинкти. „Ако видите фотографија во која не се пронаоѓате или прави да се чувствувате инфериорно, игнорирајте ја. Моќта на копчето ‘отследи’ на Инстаграм е нешто прекрасно“, советуваат психолозите.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: GETTY IMAGES

ТИ БЛАГОДАРАМ ШТО ПОСТОИШ! Плус-сајз манекенката покажа како изгледа 5 месеци по породувањето и на жените им олесна – ниту ФОТОШОП ниту СОВРШЕН ИЗГЛЕД, само природа! (ВИДЕО)
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.