За(едно)

„Каде се крие вистинскиот партнер“ - Нова Убавина

„Да се обидеме одговорот да го извлечеме од приказните на среќните двојки што не се само големи и чудесни, туку тие се потрудиле да бидат EДНО, да останат ЗАЕДНО“

ЗА(ЕДНО) или едноставно еден со друг да си чекориме, да се бориме, да си се сакаме. Може ли држејќи се за рака?! Не! Тоа е премногу романтично… Кој денес се држи за рака?! Јас! Многу ми е поубаво кога ме држи за рака, дури и кога одиме ЗАЕДНО до автомобилот. Има нешто во тој допир, ви дава многу повеќе од зборовите обликувани во љубовна порака или гестовите со исто значење, тој е еден од оние допири што ве спојува со другиот во ЕДНО и ако ви е пријатно да трае и трае, ЗАСЕКОГАШ тогаш вие сте ЕДНО, вие сте ЗА(ЕДНО), вие сте ЗАЕДНО! Знаеме дека партнерствата со текот на времето се менуваат, тоа е нормално, но никој не вели дека љубовта треба да стивнува. Таа само треба да се трансформира во нешто посилно, да го изедначи ритамот на двете срца или да го хармонизира. Прашањето е како се прави тоа. Нема вистински начин. Секој има свој. Затоа, најважно е да не се слушаат големите чудесни приказни што ги живее некој друг, туку постојано да се потсетуваме на „Големината на нашите мали нешта“ (стр. 48). Но што кога и покрај сите наши напори за тој ритам на двете срца, едното се крши? Дали секој мора да ја доживее и преживее оваа вистинска физичка болка барем еднаш во животот? Прашавме има ли лек за скршеното срце. Добра вест – има! (стр.68) Истражувавме и „Каде се крие вистинскиот“ партнер, бидејќи многумина имаат чувство дека никогаш не се на вистинското место во вистинското време или дека тие едноставно не можат да пронајдат љубов. Дали можеби некаде грешат? Не знам. Да се обидеме одговорот да го извлечеме од приказните на среќните двојки што не се само големи и чудесни, туку тие се потрудиле да бидат EДНО, да останат ЗАЕДНО (стр. 44). Ако верувате дека љубовта се крунисува со брак, тогаш вашата свадба нека биде кралска или во согласност со новите трендови. Ви ги донесуваме сите заедно, со многу вистински приказни за венчавките на познатите, искомбинирани со идеи што ќе ве инспирираат за венчавката на ваш начин – „Специјал за венчавки“ (стр. 79). Зошто да не отпатувате во „романтичната Италија“ (стр. 100)? Ако се одлучите да го сторите тоа, поведете нѐ и нас! Да одиме ЗАЕДНО. И испратете ни фотографија со вашиот примерок на Убавина од вашето патување.

И за крај, ако ЗАЕДНО е спротивно од одделно, тогаш да не дозволуваме да ги делиме критериумите за тоа што ни е потребно нам, а што на нашиот партнер. Најчесто тоа е ЕДНО исто: љубов, внимание, почит, восхит, разговор, поддршка и сите други убави нешта што си ги посакуваме. И да, да не дозволиме другите да нѐ разделат!

А ние сме во среќна врска со вас десет и пол години!

Ваша, J

#онаштонавистинаеважно

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.