Пријателски однос со бившиот: Добра или лоша идеја?

Ви откриваме зошто не треба да останете во пријателски односи со вашиот поранешен партнер...

Вашата врска заврши, а вие сте исправени пред дилемата дали да останете пријатели со бившиот или целосно да го исфрлите од вашиот живот? Во потрага по одговорот, постојано барате од своите пријателки да ви понудат решение, но тие не знаат што да ви одговорат. Ви откриваме зошто не треба да останете во пријателски односи со вашиот поранешен партнер.

Едниот секогаш ќе биде жртва

Крајот на врската не значи и крај на чувствата. Голема е веројатноста барем кај едниот тие и понатаму да постојат. А, кога еден од вас сè уште има романтични чувства, тој лесно може да биде повреден. Моментот кога некој ќе ја пронајде својата нова љубов и ќе реши да продолжи со својот живот, ќе биде пресуден за тоа пријателство.

Секогаш ќе постои лажна надеж дека врската може да се обнови

„Колку поблиску сум до него/неа, толку поголеми ми се шансите да си го/ја вратам“ – оваа мисла често поминува низ главата на едниот од двајцата партнери. Таа личност постојано ќе живее со лажна надеж дека еден ден врската повторно ќе се обнови. Ваквото „пријателство“ може да биде само едно големо разочарување. Како да препознаете дека бившиот сака да му се вратите?

Постои ризик да станете „пријатели со бенефиции“

Не се чудете ако некое утро се разбудите до вашиот „пријател“. Не се изненадувајте и ако тоа утро се повтори повеќепати. Многу често се случува бившите двојки, во обид да останат пријатели, да не успеат да му одолеат на искушението, па да станат „пријатели со бенефиции“. На крајот на краиштата, тешко е да останете пријател со некој со кого сте биле интимни.

Има опасност да станете „златна резерва“

Тој продолжи со својот живот, а вие сè уште имате чувства кон него? Внимавајте, постои опасност да станете негова „златна резерва“. Мажите сакаат да имаат алтернативи, па кога неговата „нова љубов“ не му е на располагање, тој ќе знае дека може да смета на вас. Тоа значи дека вие сте заглавиле со него, а не тој со вас. Колку побрзо ќе го сфатите тоа, толку побрзо ќе го раскинете таквото „пријателство“ и ќе продолжите со својот живот.

Нема да можете да разговарате како пријатели

Не очекувајте бившиот да ви стане пријател со кого ќе можете да разговарате отворено. За вас секогаш ќе постојат „табу“ теми. На пример, нема да можете да му кажувате детали за вашата нова љубов или за вашето ново сексуално искуство, без да предизвикате негативни чувства кај него. Па, ако не можете да разговарате како пријатели, тогаш не ни можете да бидете пријатели во вистинска смисла на зборот.

Можно е да си создадете проблеми со новиот партнер

Ако имате нов партнер, не очекувајте од него да остане рамнодушен на вашето пријателство со бившиот. Колку и да ве разбира, кај него секогаш ќе постои одредена доза љубомора. Можеби вие навистина сте изградиле пријателски односи со бившиот, но без да сакате тоа може да ви ја уништи новата врска. Затоа, добро размислете. Можеби е најдобро да ѝ се посветите на сегашната врска, наместо да губите време со минатата, која завршила, и тоа со причина.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.