Вистински предизвик е да се зачува љубов што трае – дознајте како да успеете во тоа!

Партнерски односи

Стручен соработник: м-р Тиана Ивановска, психолог, гешталт-психотерапевтка и сопственичка на „СебеСложувалка“

Секоја емотивна врска се менува со текот на времето. Додека преминувате од фазата на „меден месец“ до онаа на длабока поврзаност, добро е да знаете што можете да очекувате од врската за да го зајакнете односот со партнерот, а совети побаравме од м-р Тиана Ивановска, психолог, гешталт-психотерапевтка и сопственичка на „СебеСложувалка“.

Љубовта е во воздухот – барем судејќи според многубројните запросувања на кои можевме да посведочиме на социјалните мрежи последниве месеци. Турбулентниот период на пандемија на ковид-19 сите нè затекна неподготвени и нè принуди да ги преиспитаме нашите приоритети. Сфативме дека ништо не е извесно, па почнавме да донесуваме многу од оние големи одлуки што го менуваат животот. Дознавме со кого сакаме да поминуваме време изолирани, во карантин, а со кого никако не можеме да се усогласиме. Па, оттука, разбирливо е тоа што произлегоа две екстреми кога станува збор за љубовните врски: разделби и свршувачки.

„Се случи една интензивирана физичка близина, која сосема нормално и природно предизвика бран на позитивни и негативни промени. За некои од партнерите тоа беше можност да се запознаат подобро, да креираат нешто конструктивно или, пак, едноставно да поминат време во одмор и забава. За други, пак, пандемијата беше шанса за преиспитување на релациите, веројатно бидејќи луѓето дојдоа до увиди кои претходно немале можност да ги добијат, станувајќи преокупирани со секојдневните обврски во едно ужасно брзо и хипердинамично време“, објаснува психологот Тиана Ивановска.

Животното партнерство не е едноставно, партнерските релации постојано се развиваат, па затоа вистински предизвик е да се зачува љубов што трае. Но не е невозможно – само треба да се фокусирате на суштинските вредности што ја одржуваат врската во живот.

Фаза на вљубеност

Сите двојки се различни, но речиси сите врски минуваат низ истите фази. Првата, секако, е „фазата на вљубеност“, кога страста е на највисоко ниво, а партнерот го ставаме на пиедестал. Но што откако ќе заврши оваа фаза? Тука започнуваат првите проблеми! „Фазата на вљубеност обично во психологијата велиме дека трае околу шест месеци, период во кој најчесто гледаме со розови очила и го идеализираме партнерот/партнерката. По овие шест месеци, се смета дека започнува вистинското запознавање на партнерите. Сепак, лично јас сметам дека секоја двојка има своја динамика и токму тоа е убавината во интерперсоналните односи, нивната различност и уникатност“, објаснува Ивановска.

По завршувањето на оваа фаза, многу двојки се жалат дека страста исчезнала, но сепак и тоа зависи од самите партнери. „Страста ја гледам како некоја линија што има свои високи и ниски точки. Нејзината одржливост зависи од желбата на партнерите да се вложат во нејзиното заживување и да не остават секојдневјето да ги одведе во монотонија. Да не го исклучиме и фактот дека постојат двојки кои функционираат со прекрасна динамика, иако можеби физички не се толку блиски. Секој човек е приказна за себе, индивидуална и уникатна, и токму така треба да се толкува“, заклучува психологот.

Продлабочување на врската

По подолг заеднички живот, почетната еуфорија неминовно стивнува, но се раѓа нешто многу повредно – чувство на доверба и блискост. Сепак, со текот на времето ги спознаваме и негативните особини на партнерот, па големи се шансите да дојде до разочарување. Но не се сите негативни особини еднакво интензивни. Тиана Ивановска ни го илустрира тоа со пример: „Како негативна особина може да ја перципирате нивната навика да го оставаат прозорецот отворен навечер. Но исто така може да ви пречи и нивната мрзеливост, незаинтересираност и повлеченост. Е, сега, поверојатно е дека партнерот полесно ќе најде начин како да научи да го затвора прозорецот одошто да ја промени својата личност.“

Токму затоа, таа смета дека многу е важно да процениме до кој степен можеме да толерираме одредени разлики. Некогаш токму тие разлики се причина за поголемо зближување, бидејќи партнерите се дополнуваат и функционираат како сложувалка. „Некогаш, пак, најчесто еден од нив компензира и потиснува незадоволство, кое кога тогаш ќе излезе на виделина. Според мене, главниот фокус треба да биде на трансформацијата. Целта на секоја релација во нашиот живот е да нè трансформира во поцелосни и пофункционални живи битија. Доколку партнерите одбиваат да се трансформираат, големи се шансите дека ќе наидуваат на пречки во комуникацијата“, предупредува Ивановска.

Конфликтите се нормални, но каде е границата?

Природно е партнерите да се скараат некогаш и да имаат несогласувања, но кога однесувањето на саканите станува неприфатливо? Ивановска ни објасни дека е важно најпрво да се идентификува изворот на фрустрација, но исто толку е важно и времетраењето на конфликтот: „Токму природната блискост што ја имаме со партнерите ни дава слобода целосно да ги искажеме емоциите. Па, често се случува поради бурен и напнат ден на работното место, или пак нерешена семејна ситуација, да се истуриме на партнерот/партнерката. Но доколку ваквите настани се таложат, без притоа да следува разговор во кој се комуницираат чувствата и кажаните зборови, ако партнерите не успеваат да најдат заеднички јазик и секој разговор завршува со жестока кавга, тогаш е време да се направи едно преиспитување за функционалноста на врската и колку таа навистина духовно ги храни или изгладнува. Времетраењето на конфликтот е она што е од круцијално значење. Колку подолго време сте во тензична атмосфера, толку повеќе се истрошувате, живеете во немир и сето тоа се отсликува на вашето ментално здравје.“

Најчестите проблеми

Не дозволувајте да дојдете до работ на врската! Обидете се да го најдете коренот на проблемот и да го решите, сами или со стручна помош…

  • ЉУБОМОРА. Овој проблем се сведува на индивидуалната самодоверба на партнерите и нивните претходни искуства. Човек што има базична недоверба во луѓето, ќе има недоверба и во партнерот/партнерката. Тоа не е поврзано со партнерите, туку со нашата способност да градиме релации со другите луѓе. Значи, прво работа на себе, потоа работа на партнерот.
  • НЕДОСТИГ ОД СТРАСТ. Нашето секојдневје е преполно со лесно предвидливи настани, кои сме принудени да ги правиме за да опстанеме. Но не задушувајте го детето во вас, кое е гладно за игра, забава и авантура. Експериментирајте. Не треба многу да вложувате или планирате. Доволно е само да пуштите гласна музика, да танцувате и да пеете наглас заедно со партнерот. Колку повеќе расте спонтаноста на овие авантури, толку повеќе ќе уживате во моментот.
  • ВРСКА НА „АВТОПИЛОТ“. Двојките што остануваат заедно од навика, треба да се запрашаат што ја храни нивната навика во врската. Дали е стравот од останувањето сам? Можеби е некаква несигурност, страв од реакцијата на партнерот, страв од напуштање на нешто веќе познато и комфорно и многу други причини штони ги испраќа нашиот мозок. Лекот е да ги согледаме и препознаеме. Не е страшно да се има лоша навика, речиси не постои човек што нема некаква лоша навика. Прашањето е колку сме свесни за неа и во колкава мера дозволуваме да нè оштети.
„Магични“ состојки

Иако на сите ни е добро познат рецептот за љубов што трае, сепак, честопати грешиме во неговата примена или, пак, ни недостига некоја од клучните состојки: отворена комуникација, доверба и толеранција. Главната причина за тоа е што станува збор за состојки што бараат многу работа и труд за да се развијат и да го добијат својот полн сјај. „Комуникацијата секогаш ја ставам на прво место, бидејќи ако двајцата партнери зборуваат на ‘различен љубовен јазик’, секогаш ќе постојат пречка и тензија во релацијата“, советува Ивановска.

Секако, вреди да се спомене и значењето на времето поминато заедно. Работа, деца, домашни обврски – брзото секојдневје не остава многу простор за интимност, па партнерите лесно може да ја занемарат својата врска. И психологот Ивановска се согласува со тоа: „Од голема важност е партнерите да одвојуваат време еден за друг, во кое ќе бидат ослободени од секакви обврски поврзани со домот, работата, семејството.“

Дали тоа ќе биде одење на вечера сами, прошетка во парк, бегство за викенд или едноставно заедничко гледање филм во домашна атмосфера, не заборавајте да си обрнете внимание. За жал, често се случува еден од партнерите или двајцата да не се подготвени да вложуваат во врската и да се развиваат заедно. Ако почесто се чувствувате лошо со партнерот одошто добро, ако забележувате дека поминувате повеќе време во карање одошто во уживање, можеби е време да ја преиспитате вашата релација. „Не плашете се од конфликт и не плашете се од крај. Крајот на токсична релација е потенцијален почеток на здрава. Доколку едното не заврши – другото не може да почне“, порачува психологот.

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА, GPOINTSTUDIO/POGONICI/GETTY IMAGES VIA GULIVER

5 чекори што ќе ја подобрат вашата врска со партнерот до крајот на денот
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.