Ја чекал долги 30 години: Единствената љубов на Иво Андриќ била ТАА!

Љубов што не познава граници

Поради неа, никогаш не се оженил, а тивко ја сакал оддалеку долги 30 години…

Југословенскиот нобеловец Иво Андриќ најголемиот дел од својот живот го поминал сам, а причината за тоа била жената која ја сакал, но со која не можел да биде – Милица Бабиќ, првата српска школувана костимографка и сопруга на негов добар пријател.

Познатиот писател ја запознал Милица Бабиќ додека таа била во брак со Ненад Јовановиќ. Андриќ им бил добар пријател на Ненад и на Милица – имале слични интереси и често разговарале на различни теми за време на нивните чести дружења.

Андриќ често му испраќал писма на брачниот пар, кои почнувале со „Драги пријатели“, но се верува дека писмата биле првенствено упатени на Милица, во која писателот бил потајно вљубен. Писмата што ги праќал Андриќ биле потпишани со „мандаринец“, прекарот што Милица му го дала пред неговото заминување во Кина.

Блискиот и пријателски однос меѓу тројцата луѓе бил негуван долги 30 години, а за сето тоа време, Андриќ во тајност длабоко ја сакал Милица, иако никогаш не го покажал тоа на кој било начин за време на низата години заедничко пријателство.

Од љубовта кон Милица настанала и приказната „Јелена, жената што ја нема“, за која тогаш се сметало дека е фикција – плод на писателска фантазија.

Пријателството траело сѐ до смртта на Ненад во 1957 година. Од моментот кога Милица станала вдовица, Андриќ сѐ почесто ѝ пишувал и ѝ се јавувал од сите негови патувања. Кратко потоа, Милица и Иво се венчале и почнале да живеат заедно.

Андриќ со својата сакана Милица ги поминал најубавите моменти од својот живот, а таа била тука и кога дознал дека добил Нобелова награда за книжевност. Иако трпеливо ја чекал долги 30 години, љубовта и заедничката среќа не им потрајале долго, бидејќи Милица се разболела од многу тешка форма на артритис, поради што земала лекови кои ѝ го ослабеле срцето и таа починала во 1968 година.

„Сега гледам – нашата судбина е да согориме. Секогаш така сум го чувствувал светот и себеси во него, иако не секогаш сум имал сила ниту можност да ја погледнам таа вистина в очи и мирно да ја прифатам. Сега, кога сето мое добро изгоре во еден миг, гледам јасно: сѐ што се раѓа на земјата и живее под сонцето оди по тој пат. И во тоа не треба да се бара причина, смисла или објаснување“, напишал Андриќ по смртта на Милица.

По смртта на Милица, Андриќ потонал и се повлекол во себе, сѐ повеќе ги одбегнувал друштвените активности и настани и се гледал со сѐ помалку луѓе, а здравјето полека му се влошувало. Починал во 1975 година, а неговата урна била положена во Алејата на заслужни граѓани во Белград, покрај гробот на неговата сакана Милица.

Иако нивната љубов и времето што го поминале заедно траеле значително пократко од чекањето да се случи истото тоа – иако нивната љубов имала тажен епилог, сепак ќе остане запаметена како пример дека кога сакате искрено и длабоко – ништо не може да биде пречка, па ни децениите!

Пештерски човек со големо срце: Ја видел на телевизија кога имал 8 години и решил дека ќе биде негова!

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.