Заедно и во добро и во зло: Приказната на Гере и Симона ќе ви ја врати вербата во љубовта!

Љубов... посилна од сѐ!

Прочитајте ја оваа инспиративна љубовна приказна

Животот понекогаш е полн со предизвици, а од нас самите зависи како ќе се справиме со нив и дали ќе излеземе како победници. Ведриот дух и позитивната мисла се добри сојузници во таа битка, но ништо не може да ја замени поддршката на вистинската личност што сме ја одбрале да биде до нас и во добро и во зло…

„Кога сите ѕвезди на небото ќе се наредат, не мора да се трудиш многу да почувствуваш дека личноста до тебе е вистинската“ – вака Гере и Симона Трипкови ја почнуваат својата љубовна приказна. Оваа инспиративна двојка ми падна в очи кога пред неколку години на Фејсбук налетав на видео од нивниот прв свадбен танц, кој изгледаше волшебно, зашто совршено се дополнуваа еден со друг.

Гере во јавноста е познат како проект-менаџер на „Скопје постер фестивал“ и како претседател на Equality – здружение за активно вклучување и соодветен третман на лицата со попреченост. Неговите следбеници на социјалните мрежи, пак, го знаат како позитивна личност, која редовно споделува мотивациски идеи и вести, особено сега, во време на пандемијата на вирусот.

„Човек што го сака животот и кој ужива во поттикнувањето позитивни промени во општеството“, ќе рече тој за себе.

Неговата ведрина и оптимизам биле ставени на тест, кога судбината решила да му приреди малку поголем предизвик. Имено, на 28 години му била дијагностицирана вродена маана на ’рбетниот столб – артериовенозна малформација, која потоа почнала да го притиска нервниот систем. Промените во неговиот живот настанале нагло и без предупредување, но тој тоа го нарекува „преродбеничко искуство“. Токму во периодот кога се наоѓа на животна раскрсница, ја запознава Симона – една од волонтерите во рамките на некое од изданијата на „Скопје постер фестивал“…

Почетоците и развојот на една голема љубов…

„Две планети споени со неверојатна гравитација, која моќно нѐ привлекува еден кон друг“, така тие ја опишуваат својата врска. Симона го освоила Гере со својата искреност, скромност, оригиналност и креативност, а тој неа со неговата позитивна енергија.

„Од неговата борба научив како се живее животот и колку не знаеме да ги цениме секојдневните мали работи, а колку малку ни е потребно за среќа“, раскажува Симона.

Нивната формула за успешен брак се состои од разбирање, поддршка и љубов. Вистинска реткост е да се најде партнер од кого може да се очекува максимална поддршка, а тие ни открија во кој момент станале сигурни дека го нашле тоа еден кај друг.

„Станав сигурна дека го најдов вистинскиот кога бевме пресреќни и уживавме во малите секојдневни работи, како што е пиењето кафе од термос на кеј“, вели Симона, а Гере се надоврзува. „Поддршката ја имаме во изобилство, се разбираме и се почитуваме. Она што ме направи сигурен дека Симона ќе ми биде животна сопатничка се партнерските односи, кои од самиот почеток ни дозволуваа да имаме сопствена слободна, истовремено имајќи разбирање за другиот.“

Љубов во самоизолација: предизвик или уживање?

Нивната љубов уште еднаш се потврдила и во ова време на пандемија на коронавирус. Корисниците на социјалните мрежи често знаат да се пошегуваат дека самоизолацијата е вистински тест за издржливоста на еден брак, но Симона и Гере тврдат дека уживаат во времето поминато заедно.

„Во вакви мигови, луѓето се погледнуваат себеси и својот живот од дистанца и конечно можат да разберат што им недостигало, а што имале во изобилство. Ние во ова несекојдневно секојдневје ги храниме душата, телото и разумот. И уживаме во секој момент.“

Хаштаг #убајни

За да ги мотивира своите следбеници на социјалните мрежи да живеат поисполнето и поквалитетно овој период, Гере го активира и користењето на хаштагот #убајни, со што ги поттикнува редовно да споделуваат како го поминуваат времето и што ги инспирира.

„Мене ме поттикнува околината во која живееме, луѓето, ме поттикнува сѐ што можам да видам, искусам и замислам. Ме исполнува уживањето во семејната атмосфера, ме исполнува мојата мисија да работам на промоција на правата на лицата со попреченост, ме исполнува тоа кога јас некого ќе мотивирам преку моето дејствување… Следствено на сето тоа, во напливот на енормни количества негативни вести во медиумскиот простор, го иницирав хаштагот #убајни, под кој луѓето почнаа да објавуваат позитивни вести и активности од секојдневјето. Ако самите кај себе не најдеме позитивни вибрации, ќе ги најдеме кај другите, па потоа ќе ги побараме и во нас.“

Шегувањето на сопствена сметка е здраво!

Хуморот е уште една корисна алатка за справување со тешките животни ситуации, па, така, Гере често знае да се пошегува на сметка на својата попреченост, што за многумина можеби се чини апсурдно, но за него е ефективно.

„Што ќе ни е животот ако не го гледаме и од птичја перспектива? Ние сме само преносители на енергија. Ако таа енергија ја чуваме во себе и не ја споделуваме, тогаш немаме шанса да добиеме нов извор на енергија. А старата енергија тлее и создава надуван балон од нас. Хуморот ми е една од омилените алатки за самомотивација и за поттикнување социјална интеракција. Секој би требало да го испроба тоа и да го искористи за сопствен развој, духовно продлабочување или, едноставно, како начин на релаксирање. Барем сега, кога имаме време во изобилство.“

„Немаме меморија за непотребни спомени!“

За жал, луѓето имаат тенденција да ги осудуваат работите што не ги разбираат, па, така, предрасуди за Гере и неговата врска со Симона има на секој чекор, но не и однатре кај нив двајцата.

„Глуви сме за предрасудите. Во нашиот најблизок круг од никого и никогаш не сме биле цел на предрасуди. Од околината, да, но кога луѓето ќе разменат неколку реченици со нас, предрасудата ја заменуваат со заинтересираност, а потоа и со поддршка. Има и крајно негативни случаи, но нив не ги паметиме. Немаме меморија за непотребни спомени“.

Гере и Симона нашле ефективен начин на справување со туѓите предрасуди, но факт е дека имаме потреба од инклузивно општество во кое ќе бидат срушени сите табуа што влијаат врз квалитетот на животот на лицата со попреченост. Здружението на Гере Equality се залага токму за тоа и тој секојдневно се обидува да ја испрати својата порака до пошироката јавност.

„Биди љубопитен, но не пристапувај со стереотипи. И не суди пред да знаеш што е предмет на твојот суд. Мојата желба е на улиците да гледаме многу повеќе лица со попреченост. Немаме доволно можности за социјализација, поради физички пречки, институционални пречки, социјални стигми…Има лица што поради тие причини со години се самоизолираат, од страв од надворешниот свет, од предрасудите. Не треба да се заборави дека сите сме луѓе, имаме чувства, имаме свои потреби, права, обврски во општеството. Искрено, си замислувам свет во кој прашањата што ги засегаат овие лица не се повеќе актуелни. Речиси е веројатно дека тоа нема да се случи во овој наш век, но ако нашите дејствувања денес се првиот, вториот, третиот чекор до таа цел, тогаш нашите наследници ќе имаат поголема шанса да стигнат до финалната цел!“

Несомнено е дека Гере и Симона се личности кои инспирираат со својот оптимизам, особено во овие тешки времиња, кога на сите ни треба малку мотивација. Нека ни послужат како пример за тоа дека од секое лошо може да се извлече нешто добро и дека навистина постои таа љубов – посилна од сѐ!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.