АНКЕТА: Кој плаќа на првиот љубовен состанок?

Мажот? Жената? Или секој за себе?

Еднакви плати, еднакви права, еднакви услови… Феминистките се залагаат за општество во кое мажите и жените ќе бидат сосема рамноправни. Но дали правилата се менуваат кога станува збор за љубовта?

Според традиционалните убедувања, вистинските џентлмени треба да платат на првиот љубовен состанок. Дали во овој случај феминизмот паѓа во вода или време е да срушат стереотипите? Наши новинари ги споделија своите мислења на оваа тема…

ОД ЖЕНСКИ АГОЛ

Александра Тимковска, новинарка

Не очекувам секогаш од мажите да плаќаат на првиот љубовен состанок, но најчесто да…

Ха, ха, се разбира дека се шегувам. Никогаш не очекувам ништо од оној што седи спроти мене. Освен, нормално, ако за тоа нема некој повод. Поважни ми се разговорот, хемијата, пеперутките, од тоа кој плаќа, што јадам или каде сум. Нека има муабет, за сметката лесно е.

Далеку од тоа дека сметката во ресторан може да е мерило за рамноправност или дека може да ме навреди. Но тоа не важи за оној тип луѓе што кога ќе го видат келнерот со сметката в раце, некако веднаш „мораат“ да појдат до тоалетот или, ете, баш тогаш паричникот „го заборавиле“ дома или во автомобилот.

Повеќе ме повредува кога некој го цени и вреднува исклучиво своето, а за туѓото мисли дека паднало од небо. Јас, на пример, имам понудено да ја платам сметката и притоа воопшто не мислам дека тој мој гест треба да „тресне некого од земја“ или нешто слично. Сметам дека со мојата понуда да се подели сметката можеби ќе му олеснам, па немаме сите секогаш неброени пари во џебот и никому парите не му паѓаат од небо.

Едноставно е. Кај мене не важи она „се има – се може, се нема – се глуми“. Па, така, не би ми се уништил впечатокот за некој човек доколку тој не се понуди да плати на првиот љубовен состанок. Навистина не мислам дека е лошо во одреден момент да немаш. Лошо е да немаш идеи, концепт, мотив, инспирација, љубов… за пари лесно е!

Од друга страна, пак, доколку е тип што се расфрла со брендирани парчиња, автомобили, скапи работи, тогаш не само што ќе помислам туку и ќе сум стопроцентно сигурна дека е „циција со тапија“ и тоа со сигурност ќе ми го смени мислењето. Човек што не е подготвен да сподели со тебе убав момент, спомен, ситуација, не е подготвен да сподели ниту чувства. За емотивни инвалиди немам време! Поради овој кавалерски гест, понекогаш мажите забораваат дека ситниците го прават животот. На овој начин, само си го хранат егото и покажуваат доминација.

Мене многу повеќе ќе ме изненади или трогне ако, на пример, доаѓајќи на средбата скине цвет, макар и од некоја грмушка попатно. Така ќе знам дека навистина мислел на моментот што следува. На крајот на краиштата, главното правило е дека нема правила. Кавалер е секаде кавалер, без разлика дали е во Македонија, Африка, Австралија…

Човек со убави манири си е таков роден, скроен и тука нема простор за дискусија. Има една убава мисла вели вака: „Немаме право да уживаме во среќата ако не ја делиме со другите, ниту во богатството ако не го произведуваме и за другите“.

Воопшто не е застарен модел да му се покажат некому внимание и емоција. Ние, диносаурусите што веруваме во искрени чувства, без разлика за какви чувства се работи, сме малку, за жал, ама не се даваме!

ОД МАШКИ АГОЛ

Васко Спасоски, новинар

Машкото е тоа што треба секогаш да се фати за џебот и да ја плати сметката на крајот од состанокот. Барем јас никогаш, ама баш никогаш не сум дозволил на првиот состанок да плати девојката и сметам дека ниту едно машко не смее да си го дозволи тоа.

Веќе кога сме решиле да поканиме некоја девојка на еден таков состанок, треба да сме свесни дека тоа ќе нѐ чини одредена сума пари.

Се разбира, девојката, пак, не смее да помисли да нарача скапа пијачка или, пак, да го нарача најскапиот специјалитет, бидејќи, и да е во можност машкото да ја плати сумата, изгледа невкусно и по малку безобразно.

Иако постојат и такви девојки, ова правило е всушност „закон“ во целиот свет. Не гледам причина зошто еден Норвежанец не би ја платил сметката на крајот од состанокот.

Е, сега ако една двојка е веќе подолго време во врска, не гледам проблем во тоа ако некогаш сметката ја плати и девојката. Ми се случило девојката да се понуди да ја плати сметката и на првото рандеву, но не сум дозволил, се разбира.

Дури сметам дека е кавалерски ако машкото ја плати сметката и со „стара“ другарка со која се нема видено подолго време. Не дозволувам девојките да ме честат, а познавам луѓе што на состаноците со своите девојки си ја делат сметката на пола.

Во ред е да се дели сметката на еднаков дел кога сте повеќе луѓе, ама да делиш на еднаков дел со партнерката, е за тоа немам коментар. Секако дека плаќањето на сметката не е единствениот кавалерски гест што еден маж може да го направи, но да не се лажеме дека ние, Балканците, знаеме да им носиме цвеќе на нашите партнерки без некаков повод.

Дури на шега велиме: „Ако ѝ подариш букет цвеќе на партнерката без повод, или претходно си ја оплескал работата или, пак, си ја изневерил“. Но верувам дека има и такви мажи што го прават тоа со цел навистина да ја изненадат својата сакана. Еве, за себе можам да кажам дека не го правам тоа. Не сум ја изненадил девојка ми со букет цвеќе и досега не сум станал да ѝ отворам врата од автомобил. Не се гордеам со тоа, но, ете, моја грешка, која се надевам ќе ја поправам понатаму.

Освен тоа, жените треба малку да заборават на својата борба за рамноправност и да им дозволат на мажите да прават убави работи за нив. Жените претеруваат обидувајќи се да докажат дека се рамноправни со мажите. Еве, сега ќе звучам баш балкански, ако жените секогаш сакаат да се рамноправни со мажите, зошто секогаш мажот е тој што е „задолжен“ да обезбеди покрив над глава? Искрено, мене ми пречи моменталниот феминистички бран што го има зафатено светот.

Не велам дека жената не треба да има исти права како мажот, но, според мене, најдобро е сепак да знаеме дома кој носи панталони, а кој фустанче. Не ми е јасно зошто понудата мажот да плати на првиот состанок, некои жени ја сфаќаат како обид за покажување доминација.

Не би можел да зборувам генерално, но лично јас не сакам да покажам ништо, туку едноставно така сум воспитан и сосема нормално е да си платам на првиот, вториот, третиот, четвртиот состанок. Меѓутоа, искрено мене ми пречело кога и на десеттиот состанок девојката нема да се фати за својот паричник и да се понуди да ја плати сметката. Инаку, не гледам причина да се промени ова правило.

Пак ќе кажам, нема ништо лошо во тоа машкото да ја плати сметката на првиот состанок.

Текст: Марија Лукаревска

Фото: Приватна архива

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.