Жена предвремено породена за време на авионскиот лет: Не знаела дека е бремена (ФОТО)
Неверојатно!
Патниците во авионот на „Делта Ерлајнс“ за време на летот до Хонолулу, Хаваи, имале вистинско изненадување. Никој, па ни самата мајка, кога се качиле на авионот од Солт Лејк Сити, САД, не очекувале дека авионот ќе слета со еден патник повеќе.
Како што пренесуваат американските медиуми, Лавинија „Лави“ Моунга воопшто не знаела дека е бремена во 27-та или 28-та недела. Така, кога на 28 април на летот до Хонолулу започнало породувањето, тоа било вистинско изненадување како за сите патници во авионот, вклучувајќи ја и мајката.
Нашата сестра не знаеше дека е бремена и таа беше еднакво шокирана како нас кога нашиот внук се роди“, напишаа сестрите на родилката на страницата на GoFundMe каде што веќе се собрани околу 6.000 долари.
Среќната околност била тоа што во авионот имало цел медицински тим: лекарот Дејл Глен од Hawaii Pacific Health, како и медицинските сестри Лани Бамфилд, Аманда Бидинг и Мими Хо.
Не знам како некој пациент може да биде толку среќен и да има три акушерки на истиот лет за време на кој добива неочекувани породилни болки, но таква беше ситуацијата. Најдобро беше тоа што имаше тимска работа. Сите се здружија и сите помогнаа“, изјави Моунга.
Доктор Глен вели дека имало повик преку звучниците на авионот на половина пат од летот, а дека стјуардеса дополнително го информирала за што се работи. Кога стасал до пациентката, трите акушерки, кои имаат искуство и познавање од предвремени породувања, веќе биле до неа.
Со оглед дека немале соодветна медицинска опрема, лекарскиот тим морал да се снаоѓа, па така наместо инкубатор, користеле затоплени шишиња од микробранова, а со паметен часовник ги мереле отчукувањата на срцето на бебето за време на преостанатите три часа од летот.
Инаку Лавинија Моунга живее во Орем, Јута, а кога се породила била на пат да го посети нејзиното семејство. По слетувањето, таа и бебето веднаш биле пренесени во болница.
Мајката била пуштена на домашно лекување неколку денови подоцна, а новородениот Рејмонд ќе остане во болница сè додека не биде подготвен во целост да си оди дома.