Земете го својот живот во свои раце!

Иако звучи како фраза, ова е неопходно доколку сакате некаква позитивна промена

Околностите не ни одат во прилог. Криза е, невработеност, општо незадоволство… Сепак не смееме да дозволиме животот да поминува крај нас додека чекаме подобри времиња

Дали кризата е навистина добра причина за одложување на бракот?

Тешките времиња нè здружуваат, а не нè разделуваат. Тогаш ни е попотребна поддршка и логично е да тежнееме кон заедница.

Заедница значи да имате со кого да го поделите товарот, да се посоветувате, заедно да направите повеќе. Кризата е веројатно добра причина за одложување на многу нешта, па и на бракот како заедница. Заедницата на двајца луѓе не е нужно формална и дефинирана со лист хартија.

Тоа е договор на двајца да живеат заедно, да се грижат еден за друг и да растат и да се развиваат. Тоа е единствена, неповторлива формација на секоја двојка за која еднакво се одговорни обајцата. Таа заедница може да биде совршен полигон за личен развој на поединецот.

Дел од формацијата е создавање потомство. Во услови на криза, за потомството не се размислува само со срцето, туку и со разумот.  Кога еднаш ќе се одлучиме за родителство, тоа станува наша професија, можеби и најодговорна од сите, бидејќи животот го креираме во контекст за развојот на тоа суштество.

Секој од нас има право сам да одлучи дали таа улога е за него. Секој пат ќе има многу пречки, предизвици, можеби и погрешни знаци. Искреноста е предуслов партнерите да се разбираат и да се поддржуваат на избраниот пат.

Кризата може да влијае врз самодовербата, да го засили чувството на безвредност, да ни ја одземе смислата. Може, но не смее. Токму тоа нè оддалечува од нашите потенцијали, од нашите успеси, се разбира, и од другите луѓе.

Ако имате волја и ако работите на самоиницијативата, тоа е сигурен пат за победа во сите животни полиња и во сите улоги во кои ќе се најдете.

Како да не паднеме во апатија кога нашите квалитети не ни се доволни да ги оствариме целите?

Прв и најтежок чекор е да бидеме искрени кон себеси. Така почнува борбата со незадоволството, со апатијата, со предавањето.

Ако нашите капацитети ги согледаме на вистинскиот начин, ќе ни биде полесно реално да ги дефинираме целите и полесно да ги согледаме сопствените можности во моменталните околности.

Не можеме да влијаеме врз општата ситуација околу нас, но влијаеме врз тоа како ги доживуваме работите, како ги толкуваме и како учиме од нив.

Апатијата е сигурен изговор да се предадете пред да си дадете можност во втора или во трета битка сè да свртите во своја полза и резултатот да биде вашата победа.

Ако сме искрени кон себе, ако се обидуваме објективно да се согледаме себеси, тогаш ќе ги редефинираме и целите, ќе ги раситниме и ќе тргнеме во нивно освојување –  чекор по чекор. Во тоа можат да ни помогнат пријателите.

Ако им дадете слобода да ви кажат како ве гледаат, ќе ја добиете реалната слика за себе.

Прифатете ја таа слика, конструктивно согледајте ги работите и тоа ќе биде највредниот подарок што можете да го добиете од вистинските пријатели.

Таа слика ќе ви помогне да редефинирате некои свои цели и побрзо да дојдете до квалитетни промени во животот.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images, Pixabay.com

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.