Сини зони: Каде живеат најдолговечните луѓе и која е нивната тајна?

Ви ја откриваме!

Дали знаете дека најголемиот број најдолговечни луѓе на планетата Земја живеат само на пет локации? Случајност?! Па, не би рекле! Постои можност, ако ги истражиме нивните навики, да ја откриеме формулата за долг и среќен живот…

ИКИГАИ, СОНЦЕ И КОМПИР

Окинава, Јапонија

Поголемиот дел од животот, постарата генерација Окинавци се хранела со намирници од растително потекло, од кои најмногу консумирале сладок компир, кој е богат со витамини А и Ц, калиум, фолна киселина и влакна.

Исхраната што се состои од зеленчук, сладок компир, тофу има висока хранлива вредност, а содржи малку калории. Иако 100-годишните луѓе во Окинава јадат свинско месо, по традиција го приготвуваат само за празници и го јадат во мали порции“, објаснува Бјутнер.

Најчеста намирница на менито на Окинавците е сојата, која редовно ја консумираат во облик на ферментирани производи – тофу и мисо-паста. Нивните традиционални начини на ферментирање се разликуваат од модерната индустриска технологија.

Класичната ферментација го подобрува квалитетот на сојата, која станува полесно сварлива, а се збогатува со флавоноиди и фитоестрогени, кои заштитуваат од рак.

Јади додека си гладен

Старите луѓе на Окинава пред секој оброк ги изговараат магичните зборови „hari hati bu”, што во превод значи „јади додека си гладен“, а тоа се случува кога сме само 80 отсто сити. Сигналот дека сме сити патува 20 минути од мозокот до желудникот, па овие зборови се одлична напомена да не се прејадуваме.

Паметните Јапонци нашле одличен начин за контрола на тежината, а оваа традиција има повеќекратни бенефиции и за нивното здравје.

Бавча, сонце и физичка активност

Всушност, секој 100-годишен жител на Окинава има своја бавча, која редовно ја обработува, што подразбира константна физичка активност, која активира разни групи мускули. Покрај овошје и зеленчук, во нивната бавча ќе најдете и ѓумбир, пелин и куркума, чии лековити својства се добро познати.

Во традиционалните куќи на Окинавците нема многу мебел, а јадат и се одмораат седејќи на земја. Бидејќи редовно мора да стануваат од подот, тоа ги одржува нивните зглобови и мускули во долниот дел на телото, штитејќи ги од скршеници.

Витаминот Д, кој го добиваат со секојдневен престој на сонце, исто така придонесува за здравјето и цврстината на нивните коски.

 Животен став, икигаи и моаи

На Окинава голема важност има икигаи – причина да се будиш наутро. Постарата генерација Јапонци без размислување ќе ви го опишат своето икигаи, кое му дава смисла на нивниот живот дури и на 100-годишна возраст.

За некои тоа е професијата, за други грижата за децата и за внуците, а за трети духовноста. Ненадеен губиток на смислата за постоење тука се поврзува со пораст на смртноста.

Филозофијата на Окинавците се огледува во насоченоста кон сегашноста и кон позитивниот пристап кон животот.

Многу се комуникативни, а голема улога во нивниот живот игра моаи – заедницата што се состои од блиските пријатели. Оваа традиција обезбедува цврсти социјални врски, а претставува извор на емотивна и финансиска поддршка кога времињата се тешки.

ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ, САБАТ И ВОЛОНТЕРИЗАМ

Лома Линда, САД

Гратчето Лома Линда е единствена сина зона во САД. Оддалечено е само 96 км од Лос Анџелес, има 9.000 жители, кои се припадници на Црквата на адвентистите на седмиот ден, кои ја сочинуваат најдолговечната популација во Америка.

Религија и исхрана

Адвентистичката вера забранува пушење, алкохол и храна што се смета за нечиста, како свинско месо.

Повеќето од нив се вегетаријанци, кај кои е откриено дека постојат 50 отсто помали шанси за заболат од канцер и кардиоваскуларни болести за разлика од адвентистите што не се вегетаријанци.

Нивната исхрана е богата со зеленчук, овошје, мешунки и со интегрални житарки, со што се намалува степенот на дебелеење на населението. Консумираат јаткасти плодови барем петпати неделно, кои ги заштитуваат крвните садови и го намалуваат холестеролот во крвта.

Калифорниските 100-годишни жители пијат најмалку 5-6 чаши вода на ден, со што го намалуваат ризикот од срцев удар за 60 отсто во споредба со оние што внесуваат помалку течности.

Во сабота – одмор

Адвентистите строго го почитуваат сабат – ден на традиционален одмор во сабота. Во текот на 24 часа во сабота никој не работи, сите им се посветени на семејството и на пријателите, како и на Господ. Со тоа го ублажуваат стресот, се опуштаат и ја обновуваат енергијата. Во текот на годината имаат 52 вакви денови, што не е малку.

 Физичка активност и помош во заедницата

Адвентистите практикуваат умерена физичка активност, како што се долги прошетки или работа во градина. Докажано е дека редовните вежби со слаб интензитет го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести и од разни видови канцер. Како и другите религии, Адвентистичката црква пропагира филантропија и волонтеризам.

Жителите на Лома Линда уживаат давајќи им помош на другите, а многумина токму во тоа ја гледаат и својата животна цел.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.