Сини зони: Каде живеат најдолговечните луѓе и која е нивната тајна?

Ви ја откриваме!

Дали знаете дека најголемиот број најдолговечни луѓе на планетата Земја живеат само на пет локации? Случајност?! Па, не би рекле! Постои можност, ако ги истражиме нивните навики, да ја откриеме формулата за долг и среќен живот…

Верувале или не, постојат места на кои луѓето ја доживуваат стотата година од животот со бистар ум, виталност и подвижност. Тие и на стари години уживаат во животот. Станува збор за жители на цели региони! Како е можно тоа? Дали на нив тестираат нови лекови? Или во храната додаваат тајни лековити билки? Можеби живеат во посебно изолирана и заштитена животна средина?

Одговорите на овие и на други прашања ги дава проектот „Сини зони“, кој во 2004 година го почна списанието „Нешнл географи“. На чело со истражувачот Ден Бутне, овој проект се занимаваше со истражување локалитети на кои живеат најголем број 100-годишни жители.

Истражувањето траеше седум години, за време на кои научниците успеаја да пронајдат неколку такви зони и да ја откријат тајната на долговечноста и виталноста на нивните жители.

Бјутнер пронајде четири региони. Тие се Барбаџија на островот Сардинија во Италија, Окинава во Јапонија, градот Лома Линда во Калифорнија и полуостровот Никоја во Костарика.

На секое од тие места постои култура на живеење што довела до восхитувачки резултати: луѓето ги одржуваат здравјето и виталноста и во доцните деведесетти години од животот, па и во стотите, а поретко заболуваат од болестите што се вообичаени во современиот свет.

Во просек, луѓето во сините зони живеат десет години подолго од жителите на најголемиот дел од планетата. Интересно е тоа што мажите живеат еднакво долго како и жените, што е необично, бидејќи во целиот свет жените живеат подолго.

Дали постои рецепт за долговечност?

Како резултат на ова обемно истражување, Бјутнер ја напиша книгата „Сини зони“, во која најстарите жители на нашата планета ги откриваат тајните на своето здравје, кои му ги припишуваат на начинот на живот.

Во второто издание на книгата, четирите сини зони се дополнети со уште една, која се наоѓа во нашето соседство – островот Икарија во Грција.

Во рамките на овој проект, Ден Бјутнер ги интервјуира „ѕвездите“ на своето истражување, најдолговечните луѓе, ги истражува нивниот секојдневен живот, навиките, историјата, традицијата и културата на поднебјето на кое живеат, за да дојде до научно објаснување зошто токму тие живеат подолго од другите.

Секоја сина зона предлага свој рецепт за долговечност, но, како што излегува, основните состојки се исти секаде.

ГЕНЕТИКА VS НАЧИН НА ЖИВОТ

Научните истражувања покажаа дека должината на животот само 25 отсто зависи од гените. Преостанатите 75 отсто се условени од начинот на живот. Стареењето е неизбежно, но од нас зависи каква старост ќе дочекаме.

Благодарение на непроценливото искуство на долговечните луѓе од сините зони, дознаваме дека постојат навики што, ако ги усвоиме и ги спроведеме навреме, можат да станат нашата „формула“ за долговечност.

СЕМЕЈСТВО, ВИНО, СМЕА

Сардинија, Италија

Првата сина зона што ја истражи тимот на „Нешнл географик“ е тешкодостапниот планински регион Барбаџија на островот Сардинија, каде што има многу 100-годишни мажи. Цел живот главно се занимавале со овчарство, па дневно пешачеле во просек по десет километри, што придонело за нивното здравје.

Бидејќи помалку време поминувале дома, а грижата за децата и за домаќинството била во надлежност на нивните жени, помалку биле изложени на стрес. Покрај тоа, сакале да си пивнат чашка-две црно вино секој ден.

За разлика од другите вина, виното „канонау“ од Сардинија содржи два-три пати повеќе флавоноиди, кои имаат антиоксидантно дејство и им помагаат на крвните садови да ја задржат еластичноста.

Овчо сирење наместо месо

Жителите на овој остров имаат многу скромна исхрана: најчесто јадат тестенини од интегрално брашно или традиционална погача од брашно од јачмен и компир, кромид и ротквички. Како основен извор на протеини им служат производи од овчо или од козјо млеко.

За вечера, кога се собира целото семејство, се јаде минестроне – супа од зеленчук што го одгледуваат сами.

Во поголемиот дел на Барбаџија, месо се јаде еднаш неделно, и тоа во посебни пригоди. Иако станува збор за медитерански регион, нивната исхрана никогаш не изобилувала со риба.

Семејството пред сè

Благодарение на чувството на должност кон семејството и искрената поврзаност за постарите членови, старите луѓе на Сардинија живеат со своите деца и со нивните семејства до самата смрт. Тоа им дава големи бенефиции: веднаш добиваат помош и нега во случај на болест или повреда, а што е поважно – се чувствуваат сакано и потребно.

Докажано е дека луѓето што живеат во здрави семејства помалку страдаат од депресија и од стрес.

Освен тоа, бабите и дедовците на Сардинија им даваат љубов на блиските, ги делат својата мудрост и искуство, помагаат во одгледувањето на внуците и служат како извор на мотивација и морална поддршка за своите деца.

Многу смеа

Мажите од оваа сина зона се познати по остриот хумор, кој отсекогаш им помагал да ги преживеат тешките времиња. Секој ден се собираат за да се шегуваат и смеат на сопствена сметка.

Смеењето го намалува стресот, а со тоа и ризикот од појава на кардиоваскуларни болести. Докажано е дека смеењето го намалува притисокот и го зголемува бројот на клетките што се борат успешно со болестите.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.