„Прегорувањето се случува одеднаш“: Еве кога е вистинското време да го забавите темпото на живот и да се свртите кон себе!

Совети за личен развој

Разговаравме со Ивана Станковска, м-р по клиничка психологија и семеен советник

Брзото темпо на живеење нè растргнува на повеќе страни што честопати доведува до занемарување на грижата за себе, без воопшто да го забележиме тоа. Како да препознаеме кога е време да се свртиме кон себе, ни посочува Ивана Станковска, м-р по клиничка психологија и семеен советник.

Како да ги препознаеме знаците на „прегорување“ пред да биде предоцна?

Препознавањето на потребата од време за себе важно е да се случи пред прегорувањето. Всушност, времето за себе неопходно е да постои како животен стил, без разлика дали тоа ќе бидат 30 минути во денот, 1 час или 2 часа. Зависно од животниот период во кој се наоѓаме, може да се случи да имаме повеќе или помалку време за себе. И минималното време за себе, но на секојдневна основа, некогаш значи многу и овозможува релаксација, растоварување, простор за рефлексија, состојба на спокојство наспроти „состојба на штрек“.

За да имаме време за себе, важни се неколку нешта: да си го дозволиме и да ја увидиме неговата важност за нас; да се организираме така што ќе му најдеме место на тоа време во нашиот распоред; да увидиме дека блиските луѓе можат да ни го овозможат тоа време (доколку го побараме) а ние сме им благодарни за тоа (со причувување деца, со логистичка поддршка, со делегирање одредени обврски и слично). Инаку, прегорувањето се случува кога одеднаш сè почесто сме исцрпени, преплавени, деконцентрирани, не спиеме добро, имаме главоболки, се чувствуваме иритирано или „затапено“.

Потиснатите емоции може да доведат до импулсивни реакции, затворање во себе, па дури и до здравствени проблеми. Како правилно да се канализираат емоциите?

Секогаш има добра причина зашто одбегнуваме да се соочиме со некои наши содржини. Тоа е заштитен механизам, кој можеби долгорочно не помага и не е функционален, но првично има функција на заштита. За да се соочиме со оние содржини кои ги одбегнуваме, потребна ни е сигурна и безбедна средина. Само во контекст кој ќе го препознаеме како сигурен за нас и ќе се чувствуваме заштитено, можеме да си дозволиме да се соочиме со оние содржини што ги одбегнуваме.

Како да се прифатиме себеси целосно, со сите свои доблести и недостатоци?

Прифаќањето на себеси со своите доблести и недостатоци е основата на градењето здрава самодоверба и за тоа нема рецепт, туку тоа е пракса. Нешто кое се вежба и се гради. Клучно можеби во денешно време е да се одбегне стапицата на перфекционизмот, да се надмине паничниот страв од грешка и да се калибрираат нашите очекувања, од себеси, од другите и од светот. Во спротивно, овие карактеристики креираат нарцисоидни тенденции или црти, и тоа не помага во градењето вистинска, реална самодоверба и себеприфаќање.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.