И птиците грабливки можат да му бидат верни пријатели на човекот: Доказ за тоа се јастребот Хари и соколарот Трајче Китановски!

Уникатно пријателство

„Кога вашиот јастреб ве следи од дрво на дрво и оди по вас без да го повикате – тоа е врвот на социјализацијата и токму тоа го прави нашиот однос толку посебен“

Птиците грабливки фасцинираат со својата моќна природа, раскошна убавина и неприкосновена слобода. Навидум нескротливи, но со правилен пристап, однос и грижа, и тие можат да му бидат верни придружници на човекот. Пример за тоа е пријателството помеѓу соколарот Трајче Китановски и јастребот Хари.  

Соколарството не е занимање што се среќава често, па не е ни чудо што Трајче и Хари привлекуваат големо внимание за време на нивните прошетки покрај Вардар. Мора да признаеме дека да се види јастреб како слободно лета не е секојдневна глетка, па затоа е и толку импресивна. Како што објаснува Трајче, соколарството подразбира пасија и не може да биде само хоби, бидејќи бара сето слободно време да им биде посветено само на птиците:

„Нашата птица не нè прашува дали денес имаме време за неа или не. Постојано ѝ требаме и животот го организираме според нејзините потреби, колку и да звучи тоа невозможно. Треба да сте родени за ова занимање, да го сакате и да бидете подготвени за многу жртви и откажувања“.

„Кога вашиот јастреб ве следи од дрво на дрво и оди по вас без да го повикате – тоа е врвот на социјализацијата и токму тоа го прави нашиот однос толку посебен“

Соколарите од утро до вечер се со нивните птици, за најпрво да се зближат со нив и да ги социјализираат со луѓето околу нив, па потоа и да ги оспособат за ловење. Иако ова не му е првата птица грабливка што ја чувал, Трајче потврдува дека неговата врска со јастребот Хари е посебна:

„Со Хари се дружиме веќе две години, а го имам откога беше тримесечно пиле. Го купив од Загреб, од најдобрата одгледувачница за јастреби од видот харисон. Веднаш ми падна в око кога го здогледав со раширени крилја и отворен клун, подготвен за напад. Покрај сопственикот на одгледувачницата, јас бев првиот човек што воопшто го видел, па нормално беше исплашен и моравме да поминеме низ процес на социјализација и градење заемна доверба“.

Денес, Трајче веднаш штом ќе го погледне Хари знае што сака од него, а Хари него го гледа како партнер во ловот, некој што ќе му помогне во секоја ситуација.

ДОВЕРБАТА Е НАЈВАЖНА

Трајче е соколар веќе осум години и неговото искуство со дресирање диви птици е големо, па го прашавме како изгледа целиот процес на нивно припитомување: „Првиот контакт со птицата е најважен. Не треба да се плашите од неа, во спротивно птицата ќе го забележи тоа и нема да ви дозволи да ѝ се приближите, а тоа значи дека сте ја утнале работата од старт. Треба да ѝ пристапите самоуверено, никако не треба таа да биде над вас или вие над неа, треба обајцата да бидете на исто ниво. Првата фаза е стекнување доверба, па социјализација со домашните и со околината надвор. Потоа следува учење послушност, тренинг на мамка, кондициски тренинг, за на крајот да завршиме со лов – она за коешто птицата постои.“

На јастребот му треба да лета околу пет пати неделно и се храни исклучиво со  живо месо, но не купено од месарница, туку со такво какво што би јадел во природата, како гулаб, глушец, фазан, врапче и слично. Само така птицата може да ги внесе потребните хранливи материи.

СОВЕТ: Кога птицата е млада и сè уште е во фаза на тренинг, не смеете да ја гледате право в очи, особено не додека јаде, бидејќи таа не ве перципира како човек, туку како поголемо животно и може да ве нападне.

 

КОГА НЕ ЛОВИ, ХАРИ ПОЗИРА!

Трајче и Хари се единствените кај нас што прават еколошко и биолошко чистење со птица грабливка – тоа се практикува на аеродроми, земјоделски насади и важни национални објекти, за да се бркаат штетниците што шират зарази и го уништуваат родот на земјоделците. Но во слободно време, Хари позира покрај модели и „глуми“ во видеоспотови! Неговата професионалност се должи на максималната посветеност од страна на неговиот сопственик. „Вистинскиот соколар поминува 5-6 часа во денот со својата птица. Не е само да ја излетаме птицата и да ја вратиме на сталак или во волиера. Јас и Хари комуницираме во вистинската смисла на зборот, па затоа мојот јастреб е комплетно социјализиран  и нема никаков проблем пред камери, на разни снимања и фотосесии. Но и покрај тоа, успеав да ја зачувам дивината во него, она што го прави неприкосновен ловец“.

Трајче се надева дека годинава ќе му пристигне партнерка за Хари, па ќе биде единствениот во Македонија што истовремено ќе лета со две птици заедно!

 

Во дружељубивоста на Хари можете да се уверите и самите на едукативните соколарски прошетки во природа што ги организира Трајче во Кучково и во парк-шумата Гази Баба и каде што секој љубител на птиците има несекојдневна можност да се запознае со неговата грабливка, да добие кратка професионална фотосесија со неа, како и други изненадувања. Повеќе информации за ова побарајте на фејсбук-страницата Falconry Macedonia и на инстаграм-профилот @my_hawk_harry – сигурно ќе посакате да учествувате во нивните авантури!

Подготвила: Марија Лукаревска

ФОТО: Ѕвонко Петровски, приватна архива

Барате домашен миленик? Ако го чувате правилно, папагалчето може да биде вашиот доживотен компањон!
Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.