Денес е Велика сабота: На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ трипати ја обиколуваат црквата

Велика сабота или Велисабота е христијански празник посветен на сеќавањето на погребот на Исус Христос и неговото слегување во пеколот, а воедно е и вовед во велигденските празници.

Велика сабота е ден пред Велигден, кога е завршена работата неопходна за одбележување на големиот празник. Куќата е подготвена и исчистена, јајцата се вапсани, по правило, рано наутро пред изгрејсонце. Во домот се замесува погача – велигденска торта – украсена со босилек, како и помали колачиња.

Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат. Вечерта околу полноќ се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.

Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ трипати ја обиколуваат црквата.

Околу полноќ, пред 12 часот, домаќинката ги разбудува сите домашни за во црква. На сите однапред им дава по едно јајце, свеќа, по едно зелено гранче или цвеќенце. Секој брза да дојде прв во црквата за да ја запали понапред од другите својата свеќа од попот, зашто таа свеќа ја носат дома и од неа си го запалуваат оганот.

Откога сите ќе ги запалат свеќите го чекаат попот и заедно со него пеејќи ја песната „Христос воскресе“ излегуваат на западната врата од црквата и свртуваат три пати околу неа. Потоа постарите остануваат во црквата за големата литургија и на крајот се причестуваат.

Помераклиите се к’цаат во црквата со јајцата и уште веднаш се омрсуваат со нив. Додека тртае литургијата обичај е да се отиде на гробишта каде се запалува свеќа со велигденската, оставаат црвено јајце и им се кажува на мртвите дека дошол Велигден.

Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со црвените јајца и се омрсуваат.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.