Дали мама е секогаш во право? Дури и кога станува збор за мудрости и за совети врзани за нега и за разубавување? Ги прашавме експертите…

Истражување

Мама вели… „Папилоти и лак за коса можат да решат секаков проблем со фризурата“

Експертите велат: Вистина! Навиткајте ја косата со топли папилоти додека се шминкате, а кога ќе ги отстраните, напрскајте ја со малку лак. Така, без многу мака, ќе формирате бранови, кои секогаш изгледаат секси.

Мама вели… „Немој многу често да ја миеш косата!“

Експертите велат: Повеќето жени го сакаат мирисот на свежо измиена коса, како и изгледот на чистите влакна. Сепак секојдневно миење е апсолутно непотребно. На тој начин на косата ѝ ги одземате природните маснотии што ја прават здрава. Почекајте прво добро да се измрси и имајте на ум дека три миења неделно е сосема доволно.

Мама вели… „Кога се работи за шминка и за фризура, помалку е секогаш повеќе…“

Експертите велат: Генерално, тоа е вистина. Всушност, станува збор за нанесување вистински препарати на соодветни делови од лицето – за истакнување на нивната убавина. Пренагласена шминка и фризура се резервирани исклучиво за сценски настапи.

Мама вели… „Миј се со потопла вода за да ја исчистиш кожата темелно…“

Експертите велат: Тоа никако не треба да го практикувате, бидејќи претоплата вода не ѝ годи на кожата на лицето и на телото. Доколку страдате од акни или од розацеа, состојбата дополнително ќе се влоши. Премногу топлата вода го отстранува слојот на природна маснотија од кожата, кој ѝ овозможува заштита од бактерии.

Фото: Getty Images

Мама вели… „Поскапите кремови се поефикасни бидејќи содржат поквалитетни состојки.“

Експертите велат: Некои скапи препарати навистина содржат суперефикасни состојки, додека истите не се наоѓаат во составот на други производи од истата платежна категорија. Значи, ова тврдење не може да се генерализира. Најдобро е да користите кремови што проверено ви одговараат.

Мама вели… „За да ги намалиш брчките, кремот втривај го со движења нагоре.“

Експертите велат: Повеќето брчки не се последица на гравитационата сила, туку на штетното дејство на сончевите зраци. Правецот на движењата не е толку важен колку што е важно тие да не бидат премногу енергични и груби.

Мама вели… „Најважно е кожата да ти биде хидрирана – така ќе изгледаш помладо!“

Експертите велат: Хидратантните производи го зголемуваат волуменот на кожата и, благодарение на тоа, таа ја рефлектира светлината. Во таа смисла, редовната употреба на ефикасен хидратантен препарат навистина ја зачувува младоликоста. Но прво мора да се направи ексфолиација на кожата, потоа таа треба да се хидрира и накрај, во текот на целата година, да се штити со СПФ-препарат. Така ќе изгледате младолико.

Мама вели… „Потемен кармин ќе те направи постара.“

Експертите велат: Изборот на бојата зависи од личниот вкус. Факт дека потемната нијанса кармин не е секогаш најсреќното решение, но не мора задолжително да ви „додаде години“. Тоа се случува доколку карминот е мат. Кармин во потемна боја со сјај или со седеф вашите усни ќе ги направи дури и попривлечни. Секогаш имајте на ум дека класичниот црвен кармин е секогаш полн погодок – елегантен е, заводлив и одразува голема самодоверба на лицето што го носи.

Мама вели… „Нанесувањето пудра ќе го спечи несаканиот сјај на кожата.“

Експертите велат: Прво, треба да се направи разлика помеѓу сјајна кожа (поради вишок маснотии) и младешка кожа, која дише со свежина. Доколку имате масна кожа, користете минерална талк-пудра, која е побрашунеста и потранспарентна за разлика од обичната, и тоа само на деловите од лицето што брзо се мастат. Имајте предвид дека пудрата не им е потребна на сите жени. Ако кожата ви е сува, заборавете на талк-пудрата.

Мама вели… „Нанесувај течна пудра и на вратот!“

Експертите велат: Благодарение на сè поквалитетните мејкап-подлоги, сега е возможно да ја пронајдете онаа што најмногу му одговара на вашиот природен тен. Течната пудра навистина мора да се стопи со бојата на лицето и да не се создаде онаа видлива линија помеѓу лицето и вратот. Доколку разликата сепак се забележува, пренесете малку подлога (со козметичко сунѓерче) од брадата на вратот.

Мама вели… „Убавината мора малку и да боли“

Експертите велат: Ако се работи за разубавување, тоа првенствено треба да биде пријатно и забавно искуство. Но ако се работи за постапка на естетската хирургија, тогаш навистина е неизбежен одреден степен на болка. Но навистина никој не треба да подлежи на вакви радикални зафати. Се работи за личен избор!

Мама вели… „Поцртај ја линијата на долниот очен капак за покрупен изглед на очите…“

Експертите велат: Доколку користите беж или бело моливче, очите ќе ви изгледаат покрупни. Ако употребите црно или кафено моливче, тогаш ќе ги истакнете, но не и зголемите.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.