Анатомија на кризата на средните години

Нашите чувства врзани за оваа животна фаза може да бидат комплицирани. Но тие може да ни укажат во која насока треба да се движиме.

Кризата на средните години кај мажите е сочинета од клишеата и холивудските потези: црвени спортски автомобили, кожени панталони и врски со помлади жени. Меѓутоа, за женската верзија се зборува многу помалку.

Многу нејзини симптоми, како што се несоница, чувство на тага и анксиозност, ѝ се припишуваат на перименопаузата. Јасно е дека тој физиолошки премин, со сите хормонски флуктуации, предизвикува емоционални промени, но кризата на средните години кај жените често е многу посложена, со многу културолошки елементи и психолошки предизвикувачи.

Добра вест е дека средната доба исто така може да биде просветлувачка и ослободувачка. Ова е време што носи саморефлексија, бидејќи се соочуваме со прашањата дали навистина сакаме да живееме така како што би сакале… некои жени поминуваат низ овој процес со минимални промени, а за други тоа е навистина криза.

Сепак, разбирањето на оваа транзиција може да ви помогне да го искористите своето длабоко внатрешно знаење, така што од сè можете да излезете целосно просветлени и со мир во душата.

Прашање на културата

Не е тајна дека живееме во општество опседнато со продуктивност. Таквата „забрзана“ култура на живеење може да биде особено немилосрдна ако вашето темпо забави во текот на средните години (на пример, ако престанете да се искачувате на корпоративната скала). Тоа е како некој да ви вели: „Па, добро, сега е готово.“ На тој начин нашата култура го гледа животниот тек, а, всушност, не го гледа како што треба.

За да ја оспориме оваа длабоко вкоренета перспектива, ви предлагаме да ги погледнете со нас другите делови на светот во кои стареењето се слави. На пример, да ја земеме предвид Кина. Таму, како што стареете, така стекнувате поголем углед. Вие сте личноста кај која другите одат по совет. А таа почит е сосема заслужена, затоа што навистина стануваме помудри на постари години.

Низ животните тешкотии и искуства доаѓаме до поширока перспектива. Размислувањето за животните лекции што сме ги научиле патем може да доведе до подобро уважување на сопствените сили (кои не сте ги поседувале пред 20, 10 или пред само пет години). Уште една пречка со која се соочуваат жените е одржувањето на сопствената привлечност за време на стареењето, бидејќи идеалот на вечна женска убавина е релативно нова појава.

Бидете порадикални во обидот да ја преиспитате сопствената дефиниција на убавината, советуваат психолозите. Забележете ги работите околу себе што ви изгледаат пријатни, дури и ако никој друг не се согласува со вас.

Тоа може да бидат алгите на површината на езерото или наборите на завесата. На тој начин можеби ќе успеете да пронајдете убавина и во своите брчки предизвикани од смеење, па и во некој килограм плус. Исто така, може да ни помогне и самодовербата што сме ја стекнале, бидејќи како што старееме, поголемата сигурност во себе и смиреноста исклучително придонесуваат за нашата привлечност.

Со текот на времето почнуваме да се чувствуваме удобно во својата кожа, што придонесува за една порастоварена убавина, која веројатно тешко ќе ја постигневме на помлади години.

Психолошки елементи

Природно е да почнете, приближно на средината на животот, да се преиспитувате како го трошите времето. Ако досега се грижевте за децата и за повозрасните членови на семејството, веројатно сега се чувствувате исцрпено.

Можеби ве фрустрира вашата кариера и копнеете по поголема смисла во своето секојдневје. Овој период е можност да го преобликувате животот, тврдат психолозите. Вистинско време да се исклучите од автопилотот и да станете свесни за сопствените одлуки.

Потпрете се на својата верба и оптимизам дека можете да бидете подобра верзија на самите себе. А за да ја изградите својата иднина, можеби би било добро да тргнете од своето минато.

Потсетете се на времето кога сте биле малечки и кога сте немале одговорности. Што правевте тогаш со своето време? Читавте, си игравте, трчавте надвор? Тие активности веројатно и сега би ве направиле среќни. Замислете си дека се забавувате онака како што се забавувавте во детството и проценете каква порака ви испраќа телото како одговор.

Дали дишењето ви станува подлабоко? Дали се чувствувате послободно? Тоа се добри знаци! Можеби ќе си поставите и некои потешки прашања. Со кого би сакале да го минувате времето? Кои се вашите клучни вредности? Поради што се чувствувате исполнето? Како подобро да се грижите за себе? Кога ќе ги поставите целите, веднаш преземете повеќе мали чекори кон нив.

Бидејќи станува збор за мали чекори, не е голема штета и да не успеете, бидејќи и тие и повторените неуспеси се начин нешто да ни се случи, велат терапевтите.

Фото: Getty Images

Биолошки промени

Во годините што ѝ претходат на менопаузата, невозможно е да ја занемариме улогата што ја играат хормоните во нашиот живот. Тие се во сè и влијаат на сè. Има денови кога не создаваме естроген, како и такви кога го создаваме двапати повеќе.

Во некои денови дојките нè болат, а во други имаме валунзи. Оваа променливост и непредвидливост може да предизвикаат депресија и колебање во расположението.

За среќа, сите овие прашања престануваат да нè опседнуваат или, барем, помалку да нè загрижуваат во почетокот на менопаузата (која во просек настапува околу 51-та година). Во меѓувреме, обидете се да бидете отворени и да разговарате за своите симптоми со пријателките, кои веројатно поминуваат низ истото тоа.

Ноќното потење можеби нема да ве излудува во толкава мера ако сфатите дека не сте единствените што поминуваат низ тоа.

Посоветувајте се со вистинските луѓе и ќе наидете на сочувство и солидарност. А тоа можеби ќе ја зацврсти и вашата врска со нив, бидејќи ако манифестирате ранливост и им ја соопштите вистината на жените што заслужуваат да ја слушнат, ќе се чувствувате растоварено, па дури и одлично, тврдат психолозите.

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.