Александар Ристовски – Принц за машко-женските односи: „Боли колку сме исти!“

Мажи VS жени

Кул, провокативен и оригинален, музичарот Александар Ристовски – Принц отсекогаш се издвојувал на нашата естрада со својот уникатен печат, а еве какви жени му оставаат впечаток нему

Сестран музичар со богато портфолио и пионер во многу нешта. Неговите музички експерименти редовно ги поместуваат жанровските граници, а неговата последна улога е таа на гитарист и клавијатурист во добро познатата рок-група „Мизар“. Епитетите „авангарден“ и „автентичен“ некако природно се врзуваат со неговото име, кој покрај со своето творештво, ја интригира јавноста и со своите провокативни статуси на Фејсбук – неретко посветени на жените и машко-женските односи. Конкретен, прецизен и секогаш директен, прочитајте како Александар Ристовски – Принц одговори на прашањата што, веруваме, отсекогаш ја интересирале нашата женска читателска публика.

Кога ќе се навратиш на твоето детство, која е жената што ти има извршено најголемо влијание?

Покрај мајка ми, секако, учителката од градинка Лела (Елена) Ванковска, која ми била како втора мајка, но и кон која секогаш сум имал стравопочит. Цел живот останавме во контакт. Во мојот случај, детството има особено моќен удел во моето обликување како личност. Паметам апсолутно сè, па дури и фрагменти и ситуации кои се случиле на моја 1-годишна возраст.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка или успех, во домашни или светски рамки?

Па ако е од светски рамки, нека е од Струга. Ружица Матлиеска секоја година, на своја иницијатива, организира добротворни активности за дечиња на кои им требаат работи, а не можат да ги имаат. Ниту невладина, ниту владина организација, сама.

Кога станува збор за музиката – кои женски гласови те инспирирале во текот на музичката кариера?

Па гласови не ме инспирирале никогаш, само комплетни артисти од типот на Џони Мичел, Венди Мелвоин, Лиса Колман, Бети Дејвис, Мејвис Степлс…

Сметаш ли дека жените денес добиваат сè позначајна улога во општеството за разлика од порано?

Ова е премногу комплексно за да се одговори вака. Прво треба да одлучиме или согласиме што е поимот „добивање“ и што се подразбира под „позначајно“.

Мажи наспроти жени: дали навистина се толку различни?

Ако ги набљудуваш одвоено, дури боли колку се исти. Кога се во присуство на спротивен пол, тогаш почнуваат да се однесуваат како според некој алгоритам за стандардизирано машко/женско однесување.

Според тебе, кои особини треба да ги поседува и какви вредности треба да негува една комплетна жена?

Прво треба да биде културна и педантна, па образована и по можност со авантуристички дух. Звучи како многу да барам, но тоа е општествен проблем, не мој. За мене е тоа минимум.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.