Модна листа на Андријана Илиоска: Ова се нејзините трикови за впечатлив изглед во секоја пригода

Урбан изглед

„Мојот прв избор за шик-стајлинг во посвежите денови е удобен џемпер во комбинација со елегантни кратки панталончиња“

Светските брендови не останаа имуни на нејзината маркантна убавина, па така Андријана Илиоска моментално ја освојува најголемата модна престолнина – Милано. Ова се нејзините трикови за впечатлив изглед во секоја пригода.

Андрогено

Машката мода за жени секогаш си го наоѓала својот пат на светските писти, но во моментов, поимите како „родова флуидност“ и „андроген стил“ апсолутно владеат со модната сцена. Границите се дефинитивно поместени, па предимензионираните кроеви, костумите и вратоврските се главниот избор на смелите дами. Мора да признаеме дека има нешто особено моќно кај жена во машкикостум стилизиран со доза женственост!

Лежерен шик

Без разлика дали станува збор за кафе со пријателките, деловен состанок или прошетка низ градот, мојот прв избор за шик-стајлинг во посвежите е удобен џемпер во комбинација со елегантни кратки панталончиња и впечатливи модни додатоци. Чантичката во светла боја и очилата за сонце се задолжителни!

Спортски стил

За мене важи правилото: изгледај добро и додека вежбаш! Тоа не значи дека треба да се дотеруваме за во вежбалница, туку дека треба да одбереме спортска облека што прави да се чувствуваме пријатно и самоуверено. За мене тоа е квалитетна памучна маичка и интересни бициклистички со необичен дизајн. Мотивацијата за вежбање веднаш станува поголема!

Универзално парче

Секоја девојка поседува парче облека без кое не може да си го замисли плакарот. Тоа е обично нешто практично, нешто што добро ни стои и по коешто посегнуваме секогаш кога немаме инспирација што да облечеме. Во такви ситуации, знам дека не можам да згрешам со фантастичен корсет кој ја истакнува половината, а за да постигнам контраст, го комбинирам со елегантни, ѕвонести панталони. Безвременско!

Гламурозен печат

За посвечени пригоди и важни настани, претпочитам елегантни фустани со доза сексапил и блескав накит, надополнети со префинета шминка и фризура. Тоа е мојот рецепт за постигнување ефект на холивудски гламур!

ПОДГОТВИЛА: МАРИЈА ЛУКАРЕВСКА

ФОТО: ДАРКО МИТЕВ, ЗОРАН ЗОНДЕ СТОЈАНОВСКИ, АНТОНИО СТАНКОВ, ЕЛЕОНОРА АДАНИ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.