Дознаваме каков татко е нашиот водител Ненад Ѓорѓиевски: „Попуштам, но мора да има ред!“

Модерни татковци

Со Ненад Ѓорѓиевски зборувавме за сите предизвици на модерното татковство…

Познатиот водител отсекогаш посакувал да стане татко на близнаци и таа желба му се остварила пред осум години, кога се родиле Иво и Љупка. Ненад ни откри дека тој скокал од радост, додека сопругата била тотално збунета, но и двајцата биле комплетно подготвени да го сменат своето секојдневје и да ја преземат улогата на родители.

Со оглед на тоа што се близнаци, дали Иво и Љупка покажуваат слични особини и интереси?

Иако се близнаци, двајцата се сосема различни. Имаат различни интереси, различни карактерни особини. Љупка е онаа љубезната, тивката, посрамежливата… А Иво е тотална спротивност, секогаш гласно го кажува тоа што го мисли и без проблем реагира секогаш кога смета дека е во право.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате ти и сопругата како родители?

Сега е многу полесно. Веќе се посамостојни, па многу полесно се координираме околу грижата за нив. Но кога се родија, навистина беше огромен предизвик да им се задоволат потребите на две бебиња истовремено. Близнаците се предвремено родени, па тоа ни беше дополнителен напор, со оглед на тоа што имаа многу мала тежина и буквално мораше да се хранат во точно, до минутка определено, време. Со Горана моравме да бидеме максимално организирани за да постигнеме сè. Но со текот на времето, се забораваат непроспиените ноќи и грижи, и остануваат веселите спомени. Околу воспитувањето, за среќа и двајцата имаме исти ставови, па личните примери кои Иво и Љупка ги гледаат од нас, се поклопуваат со она што им го зборуваме, што сметам дека е многу важно.

Колку те смени целото ова искуство како личност?

Комплетно ми се промени секојдневието. Пред да станам татко, мислев дека никогаш нема да успеам да станувам рано и да функционирам во раните утрински часови. Еве, веќе неколку години сум водител на утринска програма и воопшто не ми е тешко станувањето рано. Близнаците ни наметнаа друг ритам, па сега и за викенд сите сме на нога пред 7 часот. Родителството ме смени многу, но на подобро. Веќе осум години функционираме со сосема различни приоритети. И не се жалам, напротив! Многу повеќе уживам во петок навечер сите заедно да гледаме некој интересен цртан филм, отколку да останам во дискотека до раните утрински часови. Но како што велат, сè во свое време!

Како би се опишал себеси како родител?

Во филмовите има лош и добар полицаец. Јас сум веројатно оној вториот. Не сум толку строг за да се плашат од мене, но сметам дека авторитетот на родителите е многу важен. Мора да има ред и правила. Нормално, понекогаш знам да попуштам, но кога станува збор за навремено легнување, користење Интернет, училишни обврски и слично – нема отстапки.

Кои се најважните лекции што би сакал да им ги пренесеш на твоите деца?

Како што растат, доаѓаат нови предизвици и стравови. Ново време, сè помалку човечност, сè повеќе злоба и завист, искривени вредности. Се трудиме со лични примери и со многу разговори да ги насочиме на вистинскиот пат. Како претставник на генерацијата која растела со стравот „што ќе кажат другите“, се трудам малку поинаку да ги воспитувам моите деца. Многу ми е важно да бидат самоуверени, да се сакаат и почитуваат себеси и да не се заморуваат многу со тоа што ќе кажат другите.

Совет за идните и новите татковци?

Трпение-спасение. Вооружете се со нерви првите четири години, потоа сè е полесно. До тинејџерскиот период, претпоставувам.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Каков татко е нашиот познат музичар Таско: „Имам повеќе трпение одошто сум мислел!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.