Каков татко е нашиот познат музичар Таско: „Имам повеќе трпение одошто сум мислел!“

Модерни татковци

Разговаравме со Таско за сите аспекти на модерното татковство…

Во јуни минатата година се роди Лукијан! Нашиот музички артист Таско се почувствувал како да лебди кога го слушнал првиот крик на штотуку родениот син. Додека возел накај дома, непрекинато ја слушал песната The Circle of Life од „Кралот лав“ и дури утредента сфатил што добил и каква среќа имал. Неодамна, тој и неговата сопруга Таша открија на социјалните мрежи дека го очекуваат нивното второ бебе, овој пат ќеркичка! Додека се подготвуваат за новиот член на семејството, со Таско разговаравме за предизвиците и убавините на родителството…

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tasko (@tasko.ur)

Каква беше твојата реакција кога дозна дека ќе станеш татко?

Бев возбуден и збунет. Со Таша бевме сигурни дека сакаме да имаме дете, но мислам дека никој не е подготвен целосно да стане родител. Колку и да си подготвен, секогаш нешто ќе недостасува, а најубаво се учи низ самиот процес.

Какво бебе е Лукијан?

Да не го подречам, досега не сме имале некои големи проблеми со него. Од грчевите што ги имаат бебињата на почеток, па сè до денес, Лукијан е супер. Сега сме во процес на растење запчиња и затоа сме малку полути и нервозни, ама си правиме да ни биде интересно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tasko (@tasko.ur)

Како се промени твоето секојдневје откако стана татко?

Секојдневјето си остана исто, бидејќи засега Таша е на породилно отсуство, па таа има повеќе „слободно време“ (иако чувањето дете воопшто не дозволува слободно време), ама во однос на моите обврски, тоа ми е од голема помош бидејќи не го менува начинот на којшто функционирам. Сепак, татковството многу ме смени како личност и ми даде до знаење дека имам многу повеќе трпение одошто сум мислел.

Лукијан сè уште е многу мал, но за каков родител се сметаш?

Ја сум голем љубител на деца, така што сигурно ќе бидам попустлив родител. Некако не се гледам како строг родител, туку како кул татко кој ќе ги чува сите тајни на своето дете, ќе се обидува да му помогне и да го насочи, наместо да му забранува и да го ограничува.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Tasko (@tasko.ur)

Кои се најголемите стравови со кои се имаш соочено како татко?

Се плашам од тоа што не го гледам. Секојдневно, како јавна личност, ми стигнуваат многу акции за споделување и собирање средства за млади луѓе, па и деца, кои не по своја вина се соочуваат со одреден здравствен предизвик. Искрено не ми е страв од сите работи кои можам да ги видам, се плашам од она што не го гледам и врз коешто не можам да влијаам.

Какви вредности се надеваш дека ќе му пренесеш на твојот син?

Љубов, почит и разбирање. Овие работи не се купуваат, се стекнуваат со текот на времето и градат карактер на човек кој ќе биде сакан и почитуван од многумина. Сакам да знае дека никогаш не треба да престане да верува во тоа што го сака, бидејќи порано или подоцна, сè ќе се оствари. Светот го менуваат луѓето кои се доволно луди да веруваат дека можат да направат промена.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Убавина и Здравје користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Ќе претпоставиме дека сте во ред со ова, но можете да се откажете ако сакате. Прифати Дознај повеќе