Разговор за убавината: Сања Ристиќ ни откри што (не) сака кај себе

Бидете единствени

Сања Ристиќ за убавината, самодовербата и негата

Не можеме а да не си ја потпевнеме детската носталгија „Ех, тој Тоше“ при спомнувањето на нејзиното име, иако одамна не се занимава со музика. Денес е експерт за маркетинг и посветена мајка, која го негува природниот изглед и освојува со својата ведрина. Сања Ристиќ верува дека кога една жена е исполнета и насмеана, не ѝ треба ништо друго за да ја разубави.

Важиш за дама што негува природен изглед. Како се менуваше твојата перцепција за убавината со текот на годините?

Не знам од која причина, но никогаш не ми се допаѓала шминката, не само на мене туку на секоја жена. Сите жени ми имаат многу поубава енергија кога се природни во својот вистински сјај, иако минимално потенцирани црти не ми пречат – малку маскара или безбојно сјајче.

Како изгледа твојата рутина за нега и убавина?

Мојот рецепт за нега и убавина е доволно одмор, здрава храна, многу вода и полни дози убава енергија. Кога една жена е наспана, исполнета, си ги негува здравиот живот и насмевката, апсолутно не ѝ треба ништо дополнително да ја разубави.

Како би го опишала твојот стил на облекување?

Многу сакам необични, уникатни парчиња. Не ми се допаѓа кога сите се залетани по одреден тренд, сакам кога некоја комбинација драстично се издвојува од толпата. Многу сакам и необични детали за коса, пирсови, необичен, погруб накит.

Речиси сите жени некогаш се почувствувале несигурни поради некој дел од своето тело што го сметаат за недостаток. Си имала ли и ти таква фаза во животот?

Мајка ми од мала ме воспитуваше дека жената треба многу да се сака себеси и дека, ако е исполнета со таа љубов, нема да има проблеми со самодовербата. Уште во детството бев изложена на јавниот живот, што некако природно ми даваше дополнителна доза самодоверба, барем во мојот случај. Засега не би менувала ништо на себе, но понатаму, доколку сметам дека имам некаков недостаток, немам ништо против естетските корекции. Ги поддржувам жените што поради несигурност во умерени дози менуваат нешто кај себе.

Без задршка и скромност: кои работи кај себе ги сметаш за твои најсилни страни?

Она што најмногу ми помага во мојот развој се мојата одлучност и храброст. За мене не постојат граници на апсолутно ниедно поле. Сè е возможно ако доволно сакаме и се трудиме и би сакала секоја жена да го почувствува тоа! Овие адути ги имам од мала, но низ годините и искуствата ,се трудам да ги усовршувам. Немам проблем да работам и со психолог кога сметам дека ми е потребно и јавно го кажувам тоа, сакајќи да ги мотивирам и другите да станат подобра верзија од себе.

Каков совет би им дала на девојките што имаат проблем со самодовербата?

Никогаш, апсолутно НИКОГАШ, не дозволувајте нечиј коментар или дело да направи да се чувствувате помалку вредни. Вие сте едни и единствени, секоја посебна и секоја убава и однатре и однадвор на свој начин. Во секоја од вас има посебно жарче што свети со енергија! Негувајте си го тоа жарче, никој нема право да ви го изгаси! Сакајте си се себеси пред сè, за да имате доволно љубов за сите други околу себе.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.