КРАЛИЦАТА НА ЦВЕЌИЊАТА во служба на убавината

Советува Алјевтина Кремњева, треварка.

По празник или роденден куќата често е полна со вазни со букети од ружи. Предлагам, кога ќе ви здосади цвеќето и ќе престанете да му се восхитувате, да ја искористите неговата лековита моќ.

Нега на кожата

* Тоник за отстранување акни и за стеснување пори

Во шишенце помешајте 50 мл ружина водичка, седум капки аптекарски глицерин и 70 г лешници сомелени во прав, па оставете го тоа да отстои една недела. Пред употребата тоникот протресете го.

* Тонизирачки коцки

Ружина водичка замрзнете во калап за мраз и секој ден тријте го лицето со коцка тоник по должината на линијата за масажа. Ова многу ефикасно ја затегнува кожата, го подобрува тонусот на лицето и ги отстранува ќесињата од под очите.

* Маска за подмладување

Помешајте две лажици ружина водичка, лажиче липов мед и две лажичиња иситнет суров бадем. Ќе добиете кремлива смеса. Нанесувајте ја на исчистена кожа на лицето и вратот 20 минути пред спиење.

* Маска за уморна и овената кожа

Помешајте три лажици месест дел од печена тиква и лажиче масло од волчји трн за да добиете хомогена смеса, па во тоа додајте едно-две лажичиња ружина водичка. Смесата треба да биде кремлива. Маската нанесувајте ја на чиста кожа на лицето и деколтето и држете ја 20 минути. Ставајте ја навечер, бидејќи тиквата може малку да ја обои кожата.

Со редовна примена на маската (двапати неделно) ќе ѝ ги вратите на кожата сјајот и еластичноста и ќе ја отстраните подуеноста.

* Бања против исип, псоријаза и егзем

За една бања е потребно 250 мл ружина водичка. Бањата не смее да биде врела и не треба да трае подолго од 20 минути. Ружината водичка помага во лекувањето на многу кожни заболувања кај возрасните и кај децата. Освен тоа, оваа бања го опушта телото и го подигнува расположението.

Ако ставите на тилот и на слепоочниците марамче натопено со ружина водичка, по 15 минути ја отстранува главоболката. Ако го држите на челото половина час, ја смирува нервната напнатост.

Ружина водичка

Ружината водичка лесно се приготвува во домашни услови, а има многу корисни својства. Таа ја хидрира, дезинфицира и храни кожата, ја збогатува со витамини, ја регенерира, помага за лекување мозолчиња, ги отстранува ситните брчки и го намалува јадежот од каснувања од инсекти.

Секако, постојат одредени видови ружи од кои се прави познатото ружино масло, но сигурна сум дека домашната козметика приготвена од овој волшебен цвет ќе ви пружи многу пријатни мигови. Ако имате можност, користете и цветови од шипка.

Приготвување на ружината водичка: ливчиња од три крупни цвета од ружа прелејте со 700 мл вода и оставете на тивок оган додека зоврие, па варете уште 20 минути. Потоа тргнете го тенџерето од шпоретот и почекајте да се олади. Ливчињата извадете ги, а водичката чувајте ја во фрижидер.

За нега на косата

Ружината водичка ја штити косата од агресивните влијанија на околината, ѝ дава здрав изглед, го запира опаѓањето и ѝ го враќа сјајот.

* Регенеративен шампон против опаѓање на косата. Потребно е: 50 мл ружина водичка, 30 мл бело вино (за сува коса) или 30 мл рум (за мрсна коса), четири јајца од препелица, лажица шестпроцентен оцет за плакнење. Јајцата изматете ги во цврста пена, виното и ружината водичка помешајте ги и додајте ги во пената од јајцата, со константно мешање.

Шампонот нанесете го на коренот на косата, па распоредете го по целата должина на влажни влакна. Држете го на главата 10–15 минути. Додајте го оцетот во литар топла вода и промешајте го. Шампонот втријте го во косата и измијте го со закиселената вода. Ефектот е забележлив уште по првата примена.

* Маска против опаѓање на косата. Помешајте три лажици ружина водичка и две рамни лажици синап, потоа додајте лажица масло од јојоба, по три капки во масти растворливите витамини А и Е и кокошкина жолчка. Мешајте додека добиете хомогена смеса.

Ако биде густа, додајте лажица ружина водичка. Еднаш неделно маската нанесувајте ја на коренот на сува коса, пред миење, и оставајте ја да отстои 30–40 минути. Курата трае два месеца.

* Спреј за сува коса. Во шишенце со распрскувач сипете 100 мл ружина водичка и две капки чајно етерично масло. Пред употребата добро протресете го. Нанесувајте го на косата доколку работите во просторија со клима-уред, каде што воздухот е многу сув или каде што има многу прашина.

Текст: Руски доктор

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.