Слушнете ги песните на македонските кандидати за Евровизија и гласајте за фаворитот

За разлика од претходните години кога Македонската Радио Телевизија избираше претставник, а потоа преку конкурс беше избирана и песна за него, годинава во изборот е вклучена публиката.

Стручно жири при МРТ селектираше 6 песни од вкупно 47 пристигнати композиции на објавениот конкурс. Станува збор за песни од Ris Flower, Кали, Yon Idy, Лара, Виктор и Андреа, кои добија „лирик“ спотови, а секој ќе може да гласа за својот фаворит на https://evrovizija.mrt.com.mk до 4 февруари, кога ќе биде познат и победникот.

Резултатот од гласањето на публиката ќе обезбеди 50% од вкупните гласови, а преостанатите гласови ќе бидат доделени од меѓународно стручно жири. Доколку дојде до изедначен број на поени, тогаш предност ќе има мислењето на меѓународното стручно жири.

А еве ги и песните:

Ris Flower – „Flying to Berlin“

Музика и текст: Ris Flower

Аранжман: Mustafa Canbazlar

Ris Flower е единствениот артист од Македонија кој е застапен на Vevo платформата. Дебитираше со “Translucent” во 2020та, летото во 2021ва беше актуелен со проектот Live Power Sessions, a кон крајот на истата година го објави и видеото за Hearts so cold. Ris Flower е комплетен автор на својата музика, а за нејзино усовршување работи во најреномираното студио „Ари“ во Истанбул, Турција и тоа со музичари кои работат со светски познати имиња како Таркан, Сертeб Еренер, Мустафа Сандал и многу други. Ris Flower на издавање на својата музика работи со професионални издавачки куќи од Турција и Британија, задолжени за дигитална дистрибуција на преку 160 музички платформи.

Kaly – „Love and Light“

Музика: Давор Јордановски

Текст: Весна Малинова

Аранжман: Никола Васков – Нино, Давор Јордановски, Петар Лукиќ

Kaly важи за една од најразноличните вокални интепретаторки во земјата. Во 2006та, како што вели, го доживеала своето музичко „огнено крштевање“ со составот Стил Темпл и тоа како предгрупа на култните Whitesnake. На сцената е присутна повеќе од 15 години, а во нејзиното музичко портфолио ќе најдете кавер и авторски проекти од безброј музички правци – од класика, џез, етно до фанк, поп и рок – од акапела состави до филхармониски концерти. Посебно значење му дава на проектот Kaly’s Music challenge – концептуални музички видеа во домашни услови, со единствена цел обединување на музичарите и создавање музика.

Лара – „Flower of Sorrow“

Музика: Роберт Билбилов

Текст: Робин Зимбаков

Аранжман: Роберт Билбилов, Дарко Димитров

Лара за прв пат и се претстави на македонската публика на Макфест 2019та година, кога имаше само 16години, со темата „Кој те учи така“ и остави силен впечаток со својата изведба во живо. Оттогаш разви исклучителна динамика и континуитет во кариерата, па така денес има 8 синглови со видео запис зад себе, а за дел од нив има и препев на англиски јазик. „Некогаш ќе помине“, „Осамена“, „Кој е сега крив“ се само дел од нејзините хитови. На последното издание на Макфест 2021ва година, сосема заслужено, доби награда за најдобра вокална интерпретација.

Yon Idy – „Dreams“

Музика и текст: Yon Idy

Аранжман: Анѓел Ќосев и Yon Idy

Yon Idy честопати во јавноста го опишуваат како „странецот од Македонија“ затоа што неговиот музички стил и продукција се многу блиски до најактуелните инди поп артисти од западната сцена. Неговиот деби сингл “Gentle” во 2019та година се искачува на 12то место на топ листите во Албанија, а “Back around” во 2020та година убедливо најмногу допира до македонската публика и радио станиците. Покрај регионалниот успех, Yon Idy се слуша на радио станиците низ повеќе европски земји како Британија, Швајцарија, Германија, Грција, Хрватска, а дури и во САД. За една од неговите песни познатиот европски музички портал Sounds European вели дека е „без сомнеж најдобрата песна од Македонија“.

Андреа – „Circles“

Музика: Александар Масевски

Текст: Александар Масевски и Андреа

Аранжман: Александар Масевски

Андреа e артист и автор од Скопје, чијашто музика за само десет месеци е стримувана повеќе од девет милиони пати на платформата Тик Ток и 2.2 милиони пати на YouTube. Македонската публика ја освои со нејзиното првенче “I know”, а денес веќе ја препознава и Европа. Песните на Андреа се вртат на повеќе до 200 радио станици во 40 земји, вклучувајќи ги САД, Англија, Канада, Германија, Франција и Италија. По големиот успех на нејзините први две песни, Андреа сними сет од 3 песни со светски познатиот оркестар FAME’s.

Виктор Апостоловски- „Superman“

Музика: Владимир Дојчиновски

Текст: Владимир Дојчиновски и Виктор Апостоловски

Аранжман: Владимир Дојчиновски

Виктор Апостоловски е пејач/автор/мулти-инструменталист од Битола, Македонија кого публиката го запозна во 2011та година како натпреварувач во талент-шоуто Македонски Идол. Во последните десет години има издадено над 50 песни, два албуми на македонски јазик и еден албум со колеги од САД, како и безброј настапи и соработки низ светот. Неговата деби песна “You were mine” во 2011та се пласираше во топ 20 на MTV Adria, во 2020та доби награда на Макфест за најдобар сценски настап, а последна песна “Mine” беше второнаградена на меѓународен натпревар за музика и продукција.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.