Д-Р ЕМИЛ УГРИНОВСКИ: „Жената е двигател на општеството“

У&З маж

Која е тајната на успехот? Генералниот менаџер на „Неуромедика“, д-р Емил Угриновски, вели дека зад секој успешен маж стои успешна и способна жена

Тој е на чело на приватна болница со 30-годишно реноме, за чија успешна работа сведочат многуте признанија и награди во светски рамки, а сега е и новиот сопственик на познатиот скопски локал „Мош“. Сепак, вели дека не постои ниту една дејност што е потешко да се менаџира од здравството, бидејќи од една страна треба да се исполнат очекувањата на пациентите, а од друга барањата на работниот кадар. За да се одржат континуитетот и квалитетот на еден медицински бренд како „Неуромедика“, потребни се голема мудрост во менаџирањето, одличен тим, добра визија, но и многу љубов кон работата. Д-р Емил Угриновски медицината ја смета за женска професија, бидејќи две третини од здравствените работници се жени, а верува дека жената е двигател и на многу други сегменти од општеството и животот, генерално.

Кој повеќе се грижи за здравјето, мажите или жените?

Жените повеќе се грижат за своето здравје, бидејќи се многу поодговорни. Мажите го занемаруваат своето здравје и се поголеми кукавици на оваа тема. Веројатно причината за тоа е што жените повеќе зборуваат едни со други, се советуваат и се охрабруваат меѓусебно. Но болестите не избираат пол, туку еднакво се сурови и за мажите и за жените. Секој треба да си го сфати тоа сериозно. Ако знаеме возилото да си го однесеме двапати годишно на автомеханичар, мора да најдеме време и да посетиме лекар, превентивно, без да имаме никаков проблем.

Која жена последно ви има предизвикано восхит?

Тоа секогаш ќе биде мојата мајка. Таа жена не само што ми е мајка, туку и борец, на висока раководна функција, која знаеше успешно да менаџира и истовремено да ми ги наметне сите животни искуства онака како што треба да ги прифатам. Таа е жената херој во мојот живот.

Која жена најмногу влијаела врз вашиот професионален развој?

Не можам да издвојам една… Ако во детството и во образованието ме насочуваше мајка ми, подоцна во животот имав професорки и колешки што ми беа идоли. Од приватен аспект, многу е важно да имаш сериозна жена покрај себе со која ќе можеш да се консултираш и да бидеш отворен во тешките моменти. Секогаш кога сум требал да донесам важна одлука, имало жена до мене. Зад секој успешен маж стои успешна и способна жена, без разлика дали е тоа мајка, сестра или сопруга, девојка или љубовница. Тоа е формулата на успехот на секој успешен маж.

Кои особини би требало да ги поседува една комплетна жена?

Пред некое време, бев фасциниран од финската премиерка кога излезе нејзина фотографија како го дои своето седуммесечно бебе. Таа е дама во кабинетот и мајка истовремено. Во ниту еден момент не ја запоставила кариерата, но што е најважно, ниту своите деца и семејството. Една успешна жена, во јавноста и на работното место, треба да биде дама. Тоа значи да биде секогаш средена, со изграден стил на однесување и зборување. Треба да остава впечаток на недопирлива и недостапна за многумина. Но кога ќе заврши со работата, треба да му се посвети на семејството и да биде грижлива жена, мајка и сопруга. Формулата за успешна жена е да биде дама во професионалниот свет, а домаќинка во семејниот свет.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА

„Изгледот е залуден без карактер“: Роберт Стојовски за женската убавина
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.