„Изгледот е залуден без карактер“: Роберт Стојовски за женската убавина

У&З мажи

Жените секојдневно му го доверуваат својот изглед, па природно е што нè интересираше како еден од најпознатите специјалисти за пластична и естетска хирургија ја перципира женската убавина

Роберт Стојовски е еден од нашите најбарани специјалисти за пластична и естетска хирургија, како и за напредни нехируршки третмани, а за тоа сведочи фактот што голем број жени одлучуваат да го подобрат својот изглед токму во неговата ординација. Секогаш коректен и професионален, не ги исполнува екстремните барања на клиентите по секоја цена, туку работи во служба на разубавувањето. И покрај тоа што признава дека на прв поглед се забележува надворешната убавина, смета дека таа е залудна ако не е надополнета со вистинските внатрешни вредности.

Која жена последно те има воодушевено со некоја своја постапка?

Секако, таа што се грижи за ќерка ми и за мојот дом – мојата сопруга. Во светски и домашни рамки, има многу успешни жени на секое поле, но нив не ги познавам така како што ја познавам неа.

Со оглед на тоа што си задолжен за разубавувањето на голем број жени, како се справуваш со оваа голема одговорност?

Навистина ги има во голем број и многу сум среќен поради тоа. Секојдневно се трудам да не ги изневерам. Го правам тоа што би било најдобро за нив, а не тоа што е моментален тренд и што го бараат повеќето.

Како постапуваш во ситуации кога клиент сака да направи промена со која не се согласуваш?

Секојдневно ми се случува тоа, но бидејќи знаат дека сум коректен и ми веруваат, заеднички се договараме што би било подобро за нив. Ретко се случува да не се согласиме и да треба да ги испратам кај некој од колегите кој ќе сака да им ја исполни желбата.

Зошто сè повеќе млади девојки се одлучуваат за естетски корекции?

Најголемо влијание имаат медиумите. Повеќето од девојките прават корекции кои навистина ги разубавуваат и им даваат поголема самодоверба, што влијае врз нивното секојдневно расположение и стануваат попродуктивни.

Каква жена се надеваш дека ќе стане твојата ќерка кога ќе порасне?

Таа е татина принцеза, како и повеќето ќерки. Се надевам дека ќе биде самостојна, одлучна и вредна како тато. Така ќе ѝ биде полесно да се справува со животните проблеми и нема да треба да се потпира премногу на мене и мајка ѝ, иако ние секогаш ќе бидеме тука за неа.

Од што се состои убавината на една жена?

Тоа е пакет од внатрешна и надворешна убавина: љубов, емоции, лојалност, насмевка, стабилност, изглед, став, облека, однос кон останатите… Секако, на прв поглед ја забележувам надворешната убавина, па потоа сè друго. Но залудно е ако некој е убав однадвор, а не ги поседува другите особини.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: БОЈАН СТОИЛКОВСКИ

Александар Ристовски – Принц за машко-женските односи: „Боли колку сме исти!“
Прочитајте и

Коментарите се заклучени.