Интервју со Џељо Дестановски: Има многу млади што сакаат да учат да свират зурла и кавал!

Неодамна тој ја промовираше преработката на „Ој Овчарче“ на Александар Сариевски...

Фото: Инстаграм

Еден од нашите најпознати виртуози на зурла и кавал, талентираниот Џељо Дестановски пред неколку недели ја објави преработката на една од најубавите песни на легендарниот Александар Сариевски – „Ој Овчарче“.

Покрај преработката, Џељо се потруди да сними и прекрасен видеоспот, кој дополнително само допринесува да се доживее музичката магија создадена од прстите и устата на Дестановски.

Токму по тој повод, со Џељо поразговравме колку е задоволен од неговиот најнов проект, ни откри какви желби си замислил за оваа Нова година, а разговаравме и за уште неколку други интересни детали поврзани со неговата кариера и планови…

Од каде идејата за да ја преработиш токму оваа песна на Александар Сариевски?

– Идејата е од колегата Александар Јовевски кој и го направил аранжманот на мојата инструментална верзија Ој овчарче од Сариевски и секако песната од предходно ја имам слушано и ете дојдовме до таа идеја за да ја преработиме во инструментална верзија во мој стил со моите омилени инструменти зурлата и кавалот.

Како си задоволен од реакциите на публиката?

– Јас сум презадоволен и секако на мојата публика им сум благодарен што ме поддржаваат и ги слушаат моите дела.

Ајде да се вратиме на твоите почетоци. Како дојде во контакт со кавалот и зурлата?

– Моите предци беа зурлаџии, исто така и татко ми е зурлаџија, па како што велат тоа е наследно и секако јас имав голема желба да бидам како нив и веќе сум зурлаџија 15 години и се трудам да бидам поразличен од сите други и мислам дека успевам во тоа.

Ако треба да избереш помеѓу двата инструменти, кој ти е подраг?

– Секако дека зурлата ми е омилен и драг инструмент, зурлата ми е главниот и матичниот инструмент по тоа сум претпознатлив , јас свирам уште многу други инструменти и тоа сите одлично ги свирам, ама зурлата ми е флавниот инструмент.

Нема премногу луѓе како тебе што добро ги владеат овие инструменти, не интересира, постои ли интерес кај младите генерации за нивно изучување?

– Не знам ниту јас дали ги има многу , но сепак ги има и секако секој си свири по свој стил… Младите имаат интерес секако и тоа ме радува , јас имам многу деца научено и секако уште многу ќе има и тоа ме радува што се интересираат и сакаат да ги свират нашите убави македонски традоционални инструменти.

Каква музика слуша Џељо приватно?

– Па секако повеќето слушам народна музика, но тоа не значи и дека друга не слушам , се што е добро за на уво вреди да се слуша…

Ти се допаѓа ли македонската новосоздадена фолк-музика?

– Има моменти каде се претерува со некои работи едноставно треба да со го зачуваме нашиот стил на музика а не да се трудиме да копираме некого , инаку има и доста добра новосоздадена музика , но сепак треба да си го зачуваме она што е нашето и сме свесни дека имаме многу музика.

Те погоди ли многу корона кризата тебе лично и твоите колеги?

– Корона кризата си го направи своето, но има и добра страна, бев дома со семејството си се запознавме поубаво затоа што предходно немав многу време премногу бев зафатен, имаше премногу работа, турнеи, свадби, концерти, снимања…. и си велам секое лошо со добро се враќа.

Кои се твоите идни планови?

– Моите идни планови се: да направам мој прв солистички концерт секако заедно со моите соработници, да направам втор албум и уште многу други убави работи кои што знам дека на нашите слушатели ќе им се допадне.

Што би си посакал во новата година?

– Пред се да сме здрави и живи, среќни, весели, бериќетни, успешни во својата работа… Среќна нова 2022 година и среќни Божиќни празници.

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.