Дали знаевте? Повеќе луѓе умираат од правење селфи отколку од ајкули

Во просек, жртвите се на возраст од 24,4 години, а најголем број на такви смртни случаи имаат Индија, Соединетите Американски Држави и Русија.

Бројот на смртни случаи предизвикани од правење селфи го надмина бројот на фатални напади на ајкула, покажува најновата студија објавена во списанието Travel Medicine.

Во последните 13 години, евидентирани се 379 смртни случаи поврзани со селфи-фотографии, од кои 140 биле туристи, додека 90 фатални средби со ајкули, пренесува порталот Јуро викли њуз.

Во просек, жртвите биле на возраст од 24,4 години, а најголем број на такви смртни случаи имаат Индија, Соединетите Американски Држави и Русија. Луѓето, наводно, ги ризикуваат своите животи за совршено селфи, што доведува до фатални падови од карпи, несреќи со возила и возови, опасни средби со дивиот свет и давење.

Властите преземаат мерки, наметнуваат парични казни, па дури и затворски казни за несовесно однесување поврзано со селфи, а забраните за селфи стануваат се’ почести во туристичките места, па Портофино, Италија воведе привремена забрана за селфи за да ги спречи туристите да го нарушуваат сообраќајот додека се фотографираат.

Желбата за внимание и валидација на социјалните медиуми често предизвикува несовесно однесување, што ги наведува луѓето да ги игнорираат безбедносните предупредувања или да се впуштат во опасни области.

Како пример, порталот наведува гондола со туристи во Венеција, која за малку ќе се превртела бидејќи туристите биле премногу фокусирани на правењето селфи наместо да слушаат безбедносните предупредувања.

Се додава дека за среќа во тој инцидент немало повредени, но можело да заврши трагично. Студијата покажала и дека во претходните фатални случаи жените почесто биле убиени при паѓање или средба со животни, додека мажите најмногу гинеле во сообраќајни несреќи.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.