СОВЕТ ОД СТРУЧЊАК: Како правилно ДА СЕ НАПРАВАТ АНАЛИЗИ

Еве како да избегнете грешки...

За најважните недозволиви процедури пред анализата на крвта пишува интернистката Јелена Александровна Пискунова.

ГЛИКОЗА

При вадењето крв за проверка на гликозата, не смеете да ги четкате забите или да џвакате гуми за џвакање. А утринската шолја кафе или чај радикално ќе ги промени индикаторите за гликоза. На наодите, исто така, може да влијаат и контрацептивите, диуретиците и други лекови.

УРЕА

Неопходно е еден-два дена пред анализата да се ограничат месото, кафето и чајот во исхраната, како и да не се консумираат намирници богати со пурини (мешунки, риба, трбушки, печурки, спанаќ). Избегнувајте интензивна физичка активност.

Пред анализа на УРИНАТА

Кога во рацете ќе добијат еден куп упати за анализа, луѓето обично претпоставуваат дека анализата на урината е наједноставната од нив. Што може да биде поедноставно од собирање урина во шишенце? Сепак, благодарение на оваа анализа, можеме да дознаеме како функционира уринарниот систем, еден од најважните системи на организмот, и да откриеме болести на бубрезите и мочниот меур, како и дијабетес (се оценуваат гликозата и протеините). Урината за анализа мора да се собере правилно, за да не се наруши вистинската слика со туѓи примеси.

ПРАВИЛА за собирање УРИНА

* Десет-дванаесет часа пред анализата избегнувајте алкохол, кафе и минерална вода; производи што ја менуваат бојата на урината (цвекло, боровинка, морков); лута, солена, зачинета и слатка храна.

* Доколку е можно, не користете диуретици, витамини, антибиотици и антипиретици (лекови за намалување на температурата).

* Трудете се да избегнувате тежок физички напор, одење во сауна или парна бања.

* Жените треба да прават анализа пред менструацијата или два-три дена по нејзиното завршување.

* Урината треба да се собира наутро, на празен стомак, веднаш по будењето.

* Пред собирањето на урината, хигиената на надворешните генитални органи направете ја со сапун и избришете се со чиста крпа.

* Соберете ја урината на пропишаниот начин, во зависност од видот на анализата.

* Собраната урина доставете ја во лабораторија во рок од еден или два часа.

Запаметете! Подобро е да користите специјално, стерилно пластично шишенце (се продава во аптека). Иако, одговара и обична стаклена тегличка со дебел капак, но задолжително мора да ја стерилизирате претходната вечер за да се исуши садот до утрото.

 

ОПШТИ АНАЛИЗИ

Во чист сув сад соберете ја целата утринска урина што сте ја измокриле, измешајте ја, па потребното количество префрлете го во подготвеното шише. Остатокот истурете го.

ПО НЕЧИПОРЕНКО

(метод за проучување на количеството елементи во еден милилитар урина)

Соберете ја урината на следниот начин:

* Почнете да уринирате во тоалетната школка, само неколку капки.

* Потоа, без да го прекинувате процесот, поставете го шишето за да се собере средниот млаз (50-100 мл).

* Тргнете го шишето настрана, без да го прекинувате мокрењето во тоалетната школка.

Текст: д-р Надежда Горшенева, интернистка

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.