СЕЗОНСКИ ТЕГОБИ: Ефикасни начини да се борите против вирусите

Вреди да пробате!

За многумина зимата и настинката се синоними, а најмалата настинка често ги предизвикува или ги влошува вирусните заболувања. Како да не станете „жртва“ на вирусите, советува фармацевтката и билкарка Лидија Николаевна Ѓаконова.

За борба против вирусите, како и за спречување на болестите поврзани со нив, постојат многу антивирусни билни препарати. Во случај на акутна респираторна вирусна инфекција или грип, вирусите ги погодуваат органите за дишење, па на помош доаѓаат пред сѐ билките богати со етерични масла, како и растенијата што имаат горчлив вкус и го зајакнуваат имунитетот.

Лукот – исцелител

Од билните антивирусни лекови против настинки, на прво место би го ставила лукот. Тој е богат со етерични масла што се погубни за вирусите. Покрај тоа, лукот има и антибактериски својства. За време на епидемијата на грип, како и за време на првите симптоми на болеста, ве советувам да јадете по три чешниња лук дневно, дури и повеќе (со супи, каши, компири и сл.).

Исто така, многу е здраво да се користи одвар од лук за плакнење на носот, бидејќи на почетокот на болеста вирусите се акумулираат во горниот дел од носната празнина.

За да го приготвите одварот, изрендајте или ситно исечкајте со нож едно чешне лук, прелејте го со 50 мл зовриена вода и оставете да отстои малку. Овој одвар (на собна температура или малку потопол) капнувајте го во носот на секои два часа.

Паралелно со тоа, едно чешне лук шмукајте во устата – тоа ќе помогне побрзо да се уништи патогената микрофлора во носната празнина. Покрај тоа, се препорачува да се приготви масло од лук: изрендано чешне лук прелејте со 50 мл какво било растително масло, по два часа процедете го низ два-три слоја газа и вашиот лек е готов.

Ве советувам во почетокот најпрво со одварот да го исплакнете носот, а потоа да капнете масло, кое има подолго дејство бидејќи остава заштитен и лековит слој на слузокожата.

Во периодот на настинки, за бебињата е добро подрачјето околу носот да се намачка со масло од лук.

Морам да кажам дека и кромидот и лукот ја зголемуваат енергијата на организмот и ја активираат неговата внатрешна сила.

Лекови од кромид

Од кромидот исто така можете да приготвите антивирусни капки и раствор за плакнење на носот. Изрендајте приближно четвртина мала главица, прелејте со 50 мл вода и оставете во фрижидер. Добиениот раствор капнувајте го во носот или користете го за плакнење.

Лековити напивки

* Во аптека купете тинктура од еукалиптус, капнете 20-40 капки во мало количество вода и испијте ја. Или една лажица листови од еукалиптус прелејте со чаша зовриена вода и пијте ја во мали порции во текот на денот. Многу е добро покрај себе да се чува метличка од лисја од еукалиптус (Русите ја користат во бањи).

* Едно лажиче ледум (лат. Ledum palustre) прелејте со шолја зовриена вода и чајот пијте го во текот на денот.

* Свеж корен од ѓумбир сварете како чај – една третина лажиче изрендан корен ставете на шолја зовриена вода. Или во обичен чај додајте на врв на нож сушен ѓумбир во прав.

Помош од горчливите лековити билки

Горчливите лековити билки имаат антивирусно дејство. Препорачувам ајдучка трева, иѓирот (лат. Acorus) и пелин. Овие билки содржат и лековити етерични масла, така што можете и да ги пиете и да ги мирисате.

* Една лажица ајдучка трева прелејте со шолја зовриена вода и чајот испијте го во текот на денот.

* Корен од иѓирот можете да ставите во устата и да го шмукате.

* Тинктура од пелин купете во аптека и трипати дневно земајте по 20 капки.

 Вдишувајте етерични масла

Етерични масла што ги убиваат вирусите исто така се наоѓаат во ледумот, еукалиптусот и ѓумбирот, смреката и четинарите. Од овие билки можете да приготвите чај или да ги држите блиску до себе, одвреме-навреме вдишувајќи го нивниот мирис.

Извор: Руски доктор

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.