НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ: Најдобар лек против ракот на дојка е превенцијата! Еве што сè треба да знаете…

Дали закажавте преглед?

Фото: Pixabay

Апсолутна превенција кога станува збор за рак на дојка не постои. Дури и кога постои докажана генетичка мутација, како анализите на БРЦА1 и на БРЦА2-генот врзани за ракот на јајници и на дојка – а се индицира тотална мастектомија со реконструкција – и понатаму постои мал процент ткиво на дојките што може да стане малигно.

Единствена, условно кажано, превентива се редовни прегледи, кои овозможуваат откривање на ракот на дојка во стадиум кога е во висок процент излечлив. За жените постари од 40 години етаблиран „златен стандард“ на дијагностика на рак на дојка е мамографија. Со 30-годишниот скрининг, снимање на жените што немаат никакви симптоми, пред сè во скандинавските земји, смртноста од оваа болест е намалена за 30%.

Мамографија е преглед што се изведува во еднакви временски растојанија, најчесто на две години во повеќето земји, што е законски регулирано со национална програма. На овој начин се забележуваат најмали промени и се откриваат во рана фаза.

УЛТРАЗВУЧЕН ПРЕГЛЕД

Ултразвучната дијагностика е многу популарна во последно време, а се препорачува како дополнување на мамографијата, како и при преглед на млади жени, чие ткиво е жлездесто. Препорака е со овој преглед да се почне во 30-та година од животот, особено пред планирана бременост. Прегледот е неопходно да се изврши кај искусен радиолог кој се занимава со овој вид дијагностика, бидејќи толкувањето е субјективно.

ЗАДОЛЖИТЕЛЕН САМОПРЕГЛЕД

Самопрегледите, без соодветни годишни прегледи, не се прифатлив начин за дијагностика на ракот на дојка, што се докажа во голем број истражувања, бидејќи не ја намалуваат смртноста од оваа болест, а предизвикуваат паника.

ЖИВОТЕН СТИЛ

Сè што придонесува за општо здравје – ги минимализира и ризик-факторите за рак на дојка. Одржувањето нормална телесна тежина е важен фактор, бидејќи во масното ткиво се депонира естроген, кој може да биде иницијатор за развој на малигност.

Физичката активност, која го поттикнува нивото на хормонот на среќата – ендорфин – во секој случај придонесува за намалување на ризикот од равзвој на ракот на дојка. Алкохол и пушење не се пожелни, бидејќи го ослабуваат имунитетот на организмот.

Доењето е од голема полза за бебето, но истражувањата покажуваат дека ризикот од рак на дојка се намалува доколку се дојат четири деца во период од најмалку шест месеци, што донекаде го објаснува фактот што во минатото имало помалку случаи на ова злокобно заболување.

ЛОША ВЕСТ

Кога ќе се дијагностицира рак на дојка, неопходно е да се процени неговата распространетост за да се одредат понатамошни тераписки процедури. Со развој на дијагностиката, ракот сè почесто се дијагностицира во ран стадиум, кога е доволно да се отстрани само заболеното ткиво, со анализа на регионалните лимфни јазли. Оваа процедура е придружена од радиолошка терапија и во одредени случаи и со хемотерапија.

Во некои случаи тераписката процедура може да биде обратна, т.е. откако ќе се анализира земениот примерок од ткивото, прво се пристапува со хемотерапија, при која туморот се сведува на димензии прифатливи за операцијата, а подоцна се спроведува оперативен зафат.

Се прават и операции за комплетно отстранување на ткивото на дојката, но со зачувување на кожата и на брадавиците за изведување на реконструкција на дојките. Тоа навистина им помага на пациентките полесно да го пребродат ова тешко заболување, со примена на соодветни тераписки процедури.

 

МОЖНОСТ ЗА ИЗЛЕКУВАЊЕ

Она што се учи за малигнитетите на факултет – често не е апсолутно применливо за карцином на дојка. Основно правило е: колку е туморот помал – откриен во фаза од 1 см – шансите за десетгодишно преживување се поголеми дури за 95%. Но може да се случи пациентката да има лоши прогнозирачки параметри, а по десет години да биде во одлична кондиција. Во денешни услови, шансите за контрола на оваа болест и за нејзино лекување се големи.

ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА

Во светот, посебно во Америка, постојат сериозни и организирани клубови во кои се среќаваат жените заболени од рак на дојка, како и членовите на нивните семејства. Без разлика што се работи за болест на жените, во комплетниот состав на поддршка треба да учествуваат сите, вклучувајќи ги и децата, со што на жената ѝ се овозможува да увиди дека не е сама.

Кај нас сè уште постои одреден степен на предрасуди поради кои болеста се крие, што треба да се измени не само кај заболените туку и во општеството генерално. За жените е важно да се наоѓаат надвор од болничкото опкружување, во околина што им овозможува да се препознаат без знаците на болеста.

СВЕСНОСТ ПРЕД СÈ

Рак на дојка е мултифакторијално заболување, кое има корен и во генетиката, но она што го открива искуството е дека се работи за болест што е последица на долготраен и акумулиран стрес. Кога ќе се освестат, повеќето жени во животот создаваат пирамида од приоритети и продолжуваат да живеат значително посреќни.

ПРЕДРАСУДИ ШТО ТЕШКО СЕ ИСКОРЕНУВААТ

1 Мамографијата е штетно зрачење За жал, на Интернет секојдневно кружат безброј текстови за штетноста од зрачењето при мамографија. Важно е да се истакне дека вредноста на мамографијата е што во многу ран стадиум придонесува откривање на ракот на дојка, во фаза кога тој не се палпира.

Во голема мера, за тоа придонесува квалитетот на мамографот, како и искуството и знаењето на радиологот што ги толкува снимките. Кај новите апарати зрачењето е контролирано, минимално, еднакво на еден прекуокеански лет или на космичкото зрачење што го примаме во текот на годината.

2 Се плашам За жал, пациентките често не сакаат да одат на преглед откако ќе забележат некаква промена. Затоа, апелираме секоја забележана промена веднаш да му ја пријавите на својот лекар, особено ако во текот на годината не сте направиле мамографски или ултразвучен преглед.

3 Млада сум Треба да се стекне култура на превентивни прегледи меѓу младите жени, кои се во голема мера здрави, но не треба да се занемари податокот дека најголем број на смртни случаи од онколошка болест во старосна група од 25 до 44 години – се предизвикани од рак на дојка. Затоа со прегледи треба да се почне во 30-та година.

4 Хормоните предизвикуваат рак Една од најчестите заблуди е дека земањето на хормонска терапија е штетно. Како прво, оваа терапија треба да се припишува исклучиво под строга контрола на лекарски тим, сочинет од ендокринолог, гинеколог и радиолог.

Важно е да се истакне дека хормонската терапија што се дава за редуцирање на симптомите на менопауза не ги претвора здравите клетки во малигни, туку придонесува за побрз раст на веќе постојните туморски клетки, кои не се детектирани. Затоа самостојно земање на овој вид терапија е неприфатливо.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Pixabay

 

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.