Што сè треба да знаеме за КИСЕЛИНИТЕ?

Тие ѝ се моќни сојузници на убавата кожа, кои со правилна употреба даваат навистина волшебни резултати.

Хемиските пилинзи даваат најдолготрајни ефекти кога станува збор за подобрување на квалитетот и на структурата на кожата. Со пилинг се отстрануваат површинските слоеви мртви клетки за да се поттикне нејзиното обновување. Третманите со хемиски пилинг и понатаму се ненадминливи во споредба со сите други методи на подмладување.

Со киселините успешно се третираат различни состојби на кожата: акни, розацеа, митесери, пигментации предизвикани од сонце или од други фактори, дамки, брчки, почетни знаци на стареење, проширени пори и опуштена, груба кожа и себореична кожа, како и сивкастата, својствена за пушачи. Се разликува површински, среднодлабински и длабински пилинг.

Површински пилинг. Овој вид пилинг подразбира примена на АХА овошни киселини: гликолна, млечна, лимонска, бадемова, јаболкова и винска киселина. Тие се најнежни хемиски раствори за пилинг. Дејствуваат врз помалите брчки, сувите делови на кожата, помали хиперпигментациски дамки и врз акни. Резултат е мазна, посветла и освежена кожа, која е последица на стимулираното производство на колаген и на еластин.

Пилинг со средна длабочина. За овој пилинг обично се употребува трихлороцетна киселина (ТЦА). Тој влијае врз површинските брчки, дамки и пигментации, а освен на лице, ТЦА може да се примени и на врат и на други делови на телото. За да се постигнат посакуваните резултати, потребен е повеќе од еден ТЦА-пилинг. По третманот кожата е видливо помека и помазна, а резултатите се постојани околу 1 година.

Длабински пилинг. За време на овој пилинг се употребува фенол, еден од најсилните раствори за хемиски пилинг. Со него се третираат пациенти со длабоки брчки на лице, диспигментациски дамки, со кожа оштетена од сонце, израстоци… Се применува исклучиво на лице, бидејќи при примена на врат или деколте можна е појава на лузни. Резултат на овој вид пилинг е намалување на брчките и на дамките.

Како изгледа третманот? Третманите со киселини не се болни. Придружени се со нежно пецкање, кое е краткотрајно и минливо, а доколку претходно лицето нежно се измасира, може да се окарактеризира и како пријатно. Хемискиот пилинг е безбедна процедура доколку го спроведува квалификувано лице. Ретко се појавуваат несакани ефекти, како што се црвенило и лупење.

По површинските пилинзи пациентот веднаш може да им се врати на секојдневните активности. Пилинзите со овошни киселини можат да предизвикаат мала болка, оток или црвенило. Како што кожата му се приспособува на третманот, овие негативни ефекти постепено се намалуваат и исчезнуваат.

По среднодлабински пилинг, на пациентите им се препорачува да избегнуваат да се изложуваат на сонце неколку месеци за да ги заштитат новоформираните слоеви на кожата. Кожата третирана со фенол често ја губи способноста да создава пигмент. По пилингот е со посветла боја и потребна ѝ е постојана заштита од сонце.

Кога е вистинско време за хемиски пилинг? Хемиските пилинзи е најдобро да се направат наесен или во зима. Изложувањето на сонце по пилинг, особено доколку бил употребен повисок процент овошна киселина, може да предизвика оштетување на кожата и појава на дамки и на изгореници. Доколку пилингот се врши налето, важно е пациентот да биде дисциплиниран и секојдневно да се мачка со СПФ-крем. Не постојат старосни граници во однос на подвргнување на третманот.

Со хемиски пилинг се третираат траги од акни, дамки, митесери на млада кожа, како и старечки дамки и лузни на зрела кожа. Третман со киселини треба да се избегнува во бременост и за време на доење, како и во случај на кожата да постојат малигни промени, инфекции или розацеа.

Колку третмани се потребни?

Зависи од проблемот што се третира. За постигнување оптимални тераписки или естетски резултати најчесто се потребни 6-8 третмани. За да се отстранат хиперпигментации и лузни од акни, треба да се направи серија третмани, а потоа повремени третмани за одржување. Длабински пилинг со фенолна киселина, кој е и најсилен, се прави еднаш во десет години. Понежни пилинзи со гликолна киселина може да се повторуваат на 7-14 дена, додека оние со повисока концентрација на киселина на 4-6 недели.

КИСЕЛИНИ ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ

Многу козметички куќи имаат комплетни линии на препарати за избелување на кожата, кои се базираат на состојки што го разградуваат меланинот, а можете да ги користите и дома. Секоја маска што содржи лимон, грејпфрут, портокал или некое друго цитрусно овошје се смета за лесен хемиски пилинг, за кој кожата ќе ви биде благодарна.

Фото: Getty Images

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.