Минивал за веѓи: Иновативен и неинвазивен метод кој е совршена алтернатива за микроблејдинг

Имајте го ова на ум!

Ефектите на ламинацијата на веѓите можете да ги забележите на фотографиите на голем број познати дами, како и на Инстаграм.

Оваа иновативна техника, настаната во Русија, со молскавична брзина се шири низ светот.

Со ламинацијата се коригираат обликот, густината и правецот на растењето на веѓите, па акцентот паѓа на нивното подигање. Конечниот полутраен резултат се супермазни веѓи, кои изгледаат како да сте нанеле гел на нив. Без разлика на недостатоците – проретченост, неправилен раст или прекумерно отстранување на влакненцата во минатото – ламинацијата е најдобар метод за постигнување најубедливи резултати досега.

За оваа техника еднакво се одлучуваат млади девојки, жени во 50-тите години, како и оние што се соочуваат со значителна загуба на влакненцата во пределот на веѓите, било поради природниот процес на стареење, болест или, пак, прекумерно кубење.

Експертите велат дека благодарение на оваа постапка, првпат сме во можност да го постигнеме саканиот изглед на веѓите без примена на микроиглички или потрајна шминка. Ајде да се запознаеме подобро со ламинацијата!

МИНИВАЛ ЗА ВЕЃИ

Ламинацијата е облик на минивал за веѓите – со оваа постапка се фиксира нивната новодобиена форма во подолг период. Фиксатор во форма на гел ги подига веѓите во саканата форма до шест недели. На тој начин, со малку среќа, во рок од два месеца секое утро ќе можете да се будите со погусти и совршено обликувани веѓи.

Самиот процес на ламинација почнува со нанесување гел на веѓите, со што се постигнува нивното подигање, бидејќи тој го активира хемискиот процес на разделување на клеточните врски во структурата на секое влакненце, што овозможува нивно поместување во нов облик. Потоа веѓите се чешлаат и се нанесува неутрализатор, со кој се обезбедува формирање на посакуваниот облик.

Потоа, заради обновување на хидрираноста по хемиската постапка, на веѓите се нанесува хранливо масло. Дополнителните третмани вклучуваат кубење, обликување со ножички или тример, депилација со восок, како и боење на веѓите, во зависност од тоа кој стил сакаме да го постигнеме.

Доколку сакаме да ги продолжиме резултатите на ламинацијата, можеме да се послужиме со специјален безбоен восок за депилирање веѓи.

ВНИМАНИЕ! Без разлика на сите предности и ефекти на оваа постапка, дерматолозите предупредуваат на следново. Прво, станува збор за евентуални последици врз очните капаци, чија кожа е многу потенка во однос на другите делови на телото. Токму затоа, на кожата ѝ е неопходен посебен режим на нега, со употреба на наменски производи.

Примената на хемиските агенси при постапката на ламинација може да доведе до појава на егзема, а друг ризик е можноста за контакт на хемиските материи со очите, што може да резултира со тешки, па и непоправливи оштетувања. Иако овие предупредувања не ги премислуваат жените да се одлучат за трајно боење на веѓите и за ламинација, многу е важно за време на третманите да се преземат сите мерки за заштита на очите и очните капаци.

НЕГА ПО ПОСТАПКАТА Дерматолозите предупредуваат дека процесот на ламинација може да ја оштети структурата на влакната. Исто како што и честото третирање на косата доведува до истенчување, кршење и сушење, па дури и губење на влакната, истото тоа важи и за веѓите.

Во хемиските третмани на косата (како минивал и слични третмани за трајно виткање на косата), се користи амониум-триогликолат, со кој се разбиваат природните меѓуклеточни врски во влакната и така им се менуваат структурата и текстурата.

Овој процес неизбежно ја оштетува косата. Токму затоа негата на веѓите по ламинацијата, со примена на масла и хидратантни кремови, е од пресудна важност.

Имајте го тоа на ум!

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.