Рецепти за убавина: Бидете сами свој козметичар

Сончево цветче

Поради широкиот спектар лековити својства, глуварчето од памтивек се применува во медицината и во козметиката. Ваше е само да го наберете, а тоа ќе се погрижи лицето да ви биде блескаво, без дамки и флеки

Глуварчето е широкораспространета билка, позната на сите бидејќи расте на целата територија на нашата земја. Народот му дал мноштво нежни називи: млечка, млечна козица, млечкојна, глушило, глушилче, ушолка и др. Своето прво пролетно венче девојките секогаш го плетат од овој скромен но многу мил пролетен цвет. Сепак, глуварчето може да ви помогне да бидете поубави и попривлечни не само со ставањето на ова венче на глава.

Сок од глуварче од памтивек се користи за отстранување дамки и пигментни флеки. Во Франција сокот од млади ливчиња од оваа билка се употребува за подобрување на тенот. Маслен раствор од корења претставува извонредно средство против изгореници, а со млечниот сок од стеблото се уништуваат брадавици и плускавци.

Маст од прав од корен од глуварче и мед во сооднос 1 : 2 се употребува за лекување егзем.

Се бориме со дамките и со пигментните флеки

Дамките внимателно мачкајте ги со млечен сок од ливчиња од свежо глуварче два-три пати дневно, а пигментните дамки четири-пет пати. Кога ќе се исуши сокот, лицето истријте го со сурутка или со кисело млеко.

Ефикасно средство за белење дамки и пигментни флеки е мешавина од корен од глуварче и сок од магдонос земени во еднакви количества. Со овој сок тријте ги дамките и флеките два-три пати дневно додека побелат.

Во Русија дамките се отстрануваат така што неколкупати дневно лицето го мачкаат со одвар од цветови од глуварче. Дланка цветови попарете со шолја зовриена вода, оставете да отстои еден час, па исцедете.

Корисно е во случај на дамки да се миете со ладен одвар од корен од глуварче, како и да ги миете со него другите делови на телото на кои се појавиле дамки. Две лажици иситнет корен варете во половина литар вода половина час, изладете и исцедете.

Лосион од глуварче

Иситнете ги сите делови од глуварчето (коренот, стеблото, ливчињата и цветовите), ставете ги во стаклен сад, прелејте ги со вотка со добар квалитет (на чаша иситнето глуварче ставете чаша вотка). Садот поклопете и го чувајте го на темно место десет дена. Потоа исцедете и во добиената тинктура додајте дупла зафатнина превриена вода. Овој лосион е погоден за сува кожа. Со него тријте го лицето наутро и навечер.

Рецепти за убавина

* Корисно е сувата и нормална кожа да ја триете со одвар од ливчиња од глуварче неколкупати дневно. Две лажици ливчиња прелејте со една и пол чаша вода, оставете да зоврие, па на тивок оган варете 15 минути. Исцедете.

* Сувата и нормална кожа тријте ја со смеса од исушена трева од глуварче. Наполнете шолја со сува трева до половина, прелејте ја со зовриена вода до врвот, а потоа, поклопувајќи го садот, оставете да отстои 24 часа, па исцедете. Наместо конзерванс, во добиената смеса додајте лажица глицерин. Ќе добиете гел што ќе можете да го користите секое утро за миење.

* Наместо утринско или вечерно миење, кожата нежно истријте ја со исцедено масло од глуварче. За негово приготвување, иситнете исушен корен, ливчиња и стебленца од глуварче, наполнете со нив стаклен сад до половина, до врвот прелејте со билно масло, добро затворете го и оставете го две недели на темно место.

* Местата каснати од инсекти или мозолчињата мачкајте ги со млечен сок од свежи ливчиња и корења од глуварче. Корисно е и во случај на проблематична кожа да пиете одвар од корен од глуварче. Лажица корења прелејте со шолја зовриена вода и оставете да отстои. Земајте по третина шолја од одварот, 15 минути пред јадење, три-четири пати дневно.

* Во Средна Азија сокот од глуварче од памтивек се применува за отстранување брадавици. Тие се мачкаат со свеж сок од стебло од глуварче четири-пет пати дневно.

* Доколку имате кршлива и сува коса, мијте ја со одвар од корен од глуварче (лажица ситно исечкан корен се остава да отстои во шолја зовриена вода).

* Сувата кожа што старее ќе ја оживее маска со листови од глуварче. Свежи листови изгмечете во аван, додајте малку превриена вода, а потоа измешајте ја со исто количество мед. Нанесете ја смесата на лицето и оставете ја да дејствува 10–15 минути.

Извор: Руски доктор

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.