Велосипедот нека ви стане најдобар сојузник – за топење килограми!

Еве како!

Многумина од нас сонуваат да изгубат килограми. Нема поповолен период за тоа од летото. Покрај тоа, во текот на летото имаме дополнителен поттик за слабеење – целиот вишок се гледа, не може да се скрие под повеќеслојна облека. Исто така, само во текот на летото можете да изгубите килограми на отворено, а во исто време и да го подобрите вашето здравје. Велосипедот ќе ви биде одличен сојузник во тоа.

Возењето велосипед може да биде добра основа за губење килограми на сметка на согорувањето маснотии, а за тоа нема никакви ограничувања за возраста. Исто така е важно да се напомене дека велосипедот е исклучително корисен и за здрави луѓе и за оние што страдаат од некоја болест (прво консултирајте се со вашиот лекар за контраиндикации!). Значи, доста брзо можете да ослабнете со возење велосипед, само треба да се придржувате до одредени правила.

Колку често треба да се вози

Идеално би било да го правите тоа секој ден – седум пати неделно по едно возење велосипед. Не грижете се, вашето тело ќе има време да закрепне до следниот ден. Ефектот се постигнува само со чести редовни возења.

Возењето евентуално можете да го прескокнете поради лоши временски услови или здравствена состојба. „Критичните денови“ кај жените не се причина да се откажат од возењето велосипед, освен ако не станува збор за силни болки.

Запомнете, секој пропуштен тренинг ве оддалечува од целта!

Возењето велосипед треба да трае 90-120 минути. Дури по толку време започнува процесот на согорување маснотии. Но до тоа треба да дојде постепено. Започнете со 15-30 минути на ден. Доколку во текот на годината активно сте се занимавале со некоја физичка активност и чувствувате дека сте во добра форма, тогаш можете да започнете со 60 минути.

Потоа, времето на возење велосипед дневно зголемувајте го за пет минути.

! Ако во некој момент, додавајќи ги тие пет минути, почувствувате дека ви е претешко (ве болат нозете и зглобовите, пулсот ви е поголем од нормалниот), тогаш останете на претходното време на тренинг уште два до пет дена.

Кога да се практикува возењето

Кога е најдобро време да се вози велосипед? Тоа се одредува според нечии способности и желби. Ако се чувствувате силно наутро, возете се еден час по појадокот. Попладне, кога е сончево, подобро е да не седнувате на велосипед, бидејќи веројатноста за сончаница или прегревање е преголема. Препорачливо е да се прави тоа навечер.

Во тој случај, ќе вечерате 30-40 минути по тренингот и нема да морате да се занимавате со домашни работи, туку можете да се опуштите во мир.

>>> Кога целта е согорување масти, патеката треба да биде воедначена. Не се неопходни високи планини ниту големи угорници. Идеален е рамен пат.

Два важни броја

За да може возењето велосипед да биде ефикасно, потребно е да се следат два показатели: брзината на движење и брзината на отчукувањата на срцето.

* Брзината на рамен терен за жени треба да биде 15-20 км на час, додека мажите може да возат побрзо.

* Пулсот за време на активности за согорување маснотии треба да биде во опсег од 120 до 150 отчукувања во минута.

Со помош на спортска белезица можете да утврдите колку брзо чука вашето срце без да се симнете од велосипедот. Затоа што ако застанувате на секои десет минути за да го измерите пулсот, ефектот на тренингот ќе биде многу послаб – значи, возењето не треба да се прекинува.

Првпат проверете го пулсот по десет минути возење, вторпат – на средината на тренингот, а третпат – по крајот на возењето. Ако пулсот ви е помал од 120 отчукувања во минута, тогаш треба да возите со поголема брзина. Ако е, пак, повисок од 150, возете побавно.

Текст: Б. Стојменовиќ

Фото: Getty Images

 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.