SOMAFIT REATREAT: Успешно се одржа првото велнес-патување во организација на Софија Манчева и Предизфит

Ментална хигиена

Софија, заедно со уште 5 девојки и 3 инструкторки се повлекоа во прекрасни приморски вили во Грција, каде работеа на себе

На почетокот од минатиот месец, во Грција се одржа првиот ритрит во нашата држава, во организација на Софија Манчева (@manchevas) и predizfit.com.

Софија на јавноста и е позната по своите онлајн програми за вежбање во кои има и психолошки предавања, а ритритот овојпат беше наменет токму за победничките од минатата програма, но со планови за организирање и на отворен ритрит во следна прилика.

Самиот збор retreat означува повлекување, па така, во мај, Софија, заедно со уште 5 девојки и 3 инструкторки се повлекоа во прекрасни приморски вили во Грција, каде работеа на себе, по малку вежбаа, беа дел од работилници, заедно готвеа и одмараа.

Се работи за пракса која е позната насекаде низ светот и многу луѓе одбираат дури и да летуваат или зимуваат на ритрити поради можноста да се одморат не само физички, туку и ментално, а воедно можеби и да научат нешто или да запознаат други луѓе кои исто така сакаат да посветат внимание на својата ментална хигиена.

Токму на тоа и и се должи големата популарност на овој вид на организирани патувања; а првиот SOMAFIT retreat се покажа и како повеќе од успешен.

Имено учесничките имаа можност да уживаат во мирна атмосфера, да читаат или да се капат во базените, но наутро можеа да вежбаат јога, попладне фитнес, а во меѓувреме да ги посетат работилниците за mindfulness или здравје. Поразговаравме со некои од нив по завршувањето, и она што го одвоија како најспецифично е што ниту една од нив не очекувала дека ќе се разделат со солзи на крајот од ритритот. Дополнително, изјавија дека стекнале пријателства за цел живот, но доживеале и промена во себе која сами не можеле да ја постигнат претходно.

 

Софија сподели со нас како оделе подготовките кои биле повеќемесечни, бидејќи се’ морало да биде совршено. Нејзиното искуство во работата со девојки како тренер и психолог и’ помогнало многу во изработка на програмата, а останатите инструкторки исто толку детално ги подготвувале своите работилници, па имало многу промени и модификации пред да се добие финалниот резултат.

Таа ги одвои и заклучоците кои произлегле од овој ритрит, а тоа се дека девојките денес се под голем притисок околу својот изглед и тоа уште од многу мали. Денешните генерации веќе на 16-17 години го бркаат совршеното тело, внимавааат на исхрана и како што вели таа, се преоптоваруваат со работи кои не треба да се приоритет во животот. Работењето на сликата за себе е она што треба да се зајакне, самодовербата и личните потенцијали се оние кои се трајни, а вежбањето и исхраната потоа ќе можат да си го направат своето.  На ритритот главниот фокус бил да се зацврсти токму ова јадро кај девојките, а резултатот бил и повеќе од успешен.

Додека Софија го подготвува следниот СОМА ФИТ РИТРИТ; останува да ги погледнеме фотографиите од претходниот, a повеќе информации ќе пронајдете на @predizfit. 

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.