Бидете вити и здрави во новата година: 8 фитнес-лекции од експерти

Одлични совети

Советите за поздрав, посреќен и поисполнет живот секогаш се добредојдени, особено кога ги даваат експерти од областа на фитнесот. Осуммина од нив споделија кои се најголемите фитнес-лекции што ги имаат научено досега

Страниците на магазинот „Убавина и здравје“ отсекогаш биле исполнети со совети за фитнес, исхрана и здрав живот, оправдувајќи го слоганот што го краси секој број „бидете убави, здрави и во форма“. Но како што почна да се менува одговорот на прашањето „зошто треба да вежбаме и да се храниме правилно“, така почна да се зголемува и застапеноста на ваквите содржини во нашиот мал прирачник за убавина и здравје. Порано вежбавме со една единствена цел – да ослабиме! Резултатите од нашата фитнес-рутина ги вреднувавме според бројките на вагата и на нашата облека.

Зборот „диета“ се применуваше само кога итно моравме да симнеме неколку килограми и подразбираше строг режим на исхрана, што доведува до изгладнување, а со тоа и до стрес и нервоза. Денес, погледите се сменија. Сè повеќе луѓе вежбаат и внимаваат на исхраната не само за да изгледаат убаво туку и за да бидат здрави. Не се хранат правилно само кога треба да влезат во фустанот од лани, туку здравите рецепти стануваат нивен прв избор кога треба да одлучат што да приготват за јадење.

Сега знаеме дека надворешната убавина не е целосна без внатрешната. Тоа како се чувствуваме однатре зрачи и се рефлектира на нашата надворешност. Најважно е како се чувствуваме во сопственото тело, а за да се чувствуваме добро, телото треба да биде здраво. Треба да се грижиме за него секој ден од годината, не само во одредени периоди. Можеме да бидеме задоволни од себе ако постои хармонија меѓу телото и духот, а тоа се постигнува само со здрав начин на живот.

Лесно е да се зборува за сето ова, но многу потешко е да се спроведе на дело, па затоа побаравме инспирација и мотивација од осум фитнес-инструктори, кои ни раскажаа за нивните почетоци, навиките што ги стекнале и лекциите што ги научиле низ годините…

# 1 СЕКОЈ ПОЧЕТОК Е ТЕЖОК

ДАНИЕЛ ТРБОГАЗОВ

фитнес-тренер и основач на „Мој тренер“ (@mojtrener.mk)

„Промената на старите навики со нови здрави навики воопшто не е едноставна, на почетокот изгледа и невозможно, па така се почнува и со пронаоѓањето изговори. Во текот на мојата долгогодишна тренерска кариера имам сретнато многу различни, па дури и смешни изговори, од кои омилен ми е ’немам време’. Токму во овој изговор ќе го најдете и одговорот на прашањето ’од каде да почнам’. Започнете со реорганизирање на слободното време. Поставете приоритети, најдете време за себе и за вашето здравје. Не губете време и веднаш закажете во колку часот и кој ден ќе почнете со тренинзи во некоја од локалните вежбалници. Охрабрете се и веднаш направете го првиот чекор. Не заборавајте дека физичкото движење е еден од главните фундаменти за нашето постоење.“

# 2 НЕМА ЛОШ ДЕН ЗА ВЕЖБАЊЕ

ВЛАДИМИР КУНОВСКИ

ЕМС и фитнес-инструктор (@vladimirkunovski)

„Моето студио MAXIFITM од пред кратко време почна да нуди ЕМС-тренинзи, односно тренинзи со електромускулна стимулација што ги активираат и засилуваат природните импулси на сите мускулни групи и кои траат 20 минути, а даваат неверојатни резултати за кратко време. По тренингот следува 10-минутна медицинска или антицелулитна масажа. Доволно е да се тренира двапати неделно за одличен ефект. Кога не ми се вежба, со текот на времето сфатив дека тоа чувство ми се јавува само на почетокот, додека не почнам со тренинг, но многу брзо го снемува и потоа сè е супер. За моите вежбачи повеќе нема лош ден за вежбање. Секако, важна улога игра и исхраната. Најдобро е да го почнете денот со појадок, да не се прејадувате, да не се изгладнувате и да не прескокнувате оброци, а важно е да се внимава и на правилното комбинирање протеини, јаглехидрати и масти.“

# 3 ВЕЖБАЊЕТО КАКО РЕЦЕПТ ЗА СРЕЌА

ДРАГАНА МЛАДЕНОВСКА

фитнес-тренерка и сопственичка на Fitlife studio (@dragana_fitlife)

„Никогаш не сум вежбала за да слабеам, туку за здравје и позитивна енергија. Има денови кога и мене ме боли глава и не се чувствувам добро, но вежбањето ми е ’таблета’ што знам дека ќе ме врати во нормала. Физичката активност треба да стане начин на живот, а не кампања што трае неколку недели. Откако станав мајка сè помалку имам време за себе, но сепак вежбам исто како порано, затоа што на моето дете и на мојата фамилија им треба среќна, исполнета и здрава мајка/сопруга/сестра и ќерка. Секоја мајка треба да наоѓа време за себе, затоа што тоа ќе ѝ помогне да биде позитивна и исполнета, а таа енергија ќе ја чувствува и новороденчето. Физичката активност мене ме направи подобра, поуспешна и попосветена личност, и тоа е најголемата фитнес-лекција што ја научив низ годините.“

# 4 КОНТИНУИТЕТ, УМЕРЕНОСТ И КОНТРОЛА

СВЕТЛАНА ПЕТРОВСКА

лична тренерка во „Проект фит“ (@svetlana_projectfitmk)

„Тренинзите треба да се изработуваат индивидуално за секого. Тренингот што ми одговара мене, на мојата градба на тело, и кој треба да ги подобри моите недостатоци, не значи дека им одговара на сите. За оптимални резултати треба да се изработи конкретен индивидуален тренинг, различен за секој вежбач. А за да се постигнат резултати од вежбањето, потребно е да се вежба барем трипати неделно. Нема да лажам дека не ми се случило да не ми се вежба. Но кога сте уморни или нерасположени, излезете од дома и одете на вежбање. Нема да го добиете задникот што го посакувате седејќи на него! Во вежбањето мора да има континуитет, а во исхраната умереност и контрола. Само така резултатите се неизбежни!“

Продолжете на следната страница за останатите фитнес-лекции…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.