20 години успешна работа: „Еурофарм“ е модерен, иновативен, препознатлив и општествено одговорен бренд

„Ние постоиме за да се грижиме за Вашето здравје"

Разговор со м-р Татјана Стерјева, сопственичка и генерална менаџерка на познатата компанија „Еурофарм“ за „Економист: Светот во 2020-та“

Во рамките на годишното издание на престижниот „Економист: Светот во 2020-та“, кој првпат излезе на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“, разговаравме со м-р Татјана Стерјева, специјалистка по фармацевтска технологија, магистерка по менаџмент на човечки ресурси, сопственичка и генерална менаџерка на „Еурофарм“.

Во 2020 година Еурофарм ќе одбележи 20 години од својата успешна работа и постоење. Како ќе ги опишете овие години на работење и постојано напредување?

– Основањето и почетоците на „Еурофарм“ се должат пред сѐ на големиот ентузијазам, конкретни цели, издржани идеи, посветеност, истрајност во намерите. Нашата желба за напредок беше навистина голема и сериозна, а наедно беше и остварување на животниот сон – да им се понуди најдобрата фармацевтска грижа на пациентите во земјава.

Растот на брендот „Еурофарм“ одеше постепено и посветено, внимателно градејќи професионални односи и партнерства со реномирани светски и домашни фармацевтски, медицински и козметички брендови. На тој пат, да се изгради успешен и препознатлив фармацевтски бренд, значеше дека треба да бидеме подготвени на долг, понекогаш макотрпен, но процес на постојано вложување.

Бевме подготвени со потрошувачки ориентирана развојна стратегија и продуктивна визија. Нашата иновативност и посветеност ни овозможија континуирано да растеме и да опстојуваме на врвот. Откако ќе се позиционирате, следува борбата за одржливост на брендот.

За таа цел, неопходно е постојано следење, приспособување и прифаќање на новите трендови што се наметнуваат на пазарот. Тоа се трендови што ги задоволуваат потребите и барањата на пациентите, потоа клиентите и соработниците. Целиот тој процес ве прави современа и модерна компанија, тоа се тие позитивни аспекти по кои брендот се издвојува од другите компании од ваков тип во земјава.

Приказната за „Еурофарм“ секојдневно се надградува, а мојата визија за неа е преточена во нашето мото „Ние постоиме за да се грижиме за Вашето здравје”.

Колку беше едноставно или тешко да се постигнат денешните резултати и успеси? Која беше вашата стратегија за освојување на пазарот?

– Развојот и растот на компанијата секако дека се случуваа етапно. За креирање успешна приказна, мора да ги следите трендовите, во нашиот случај и потребите на пациентите и барањата на клиентите, приспособувајќи се притоа на современите пазарни предизвици, модерните организациски тенденции и развојната стратегија.

Постојаната заложба за развој на стабилна пазарна позиција и освојување нови пазари, проследена со зголемување на конкурентноста, ефективноста и ефикасноста на брендот, беше главен поттик за спроведување голем број стандарди за квалитет и професионално управување.

Освен тоа, како особено важен сегмент сакам да го споменам и фактот дека „Еурофарм“, паралелно со надградувањето на своите капацитети, го зголемува и својот висококвалификуван и едуциран кадар, кој ги нуди најдобрата фармацевтска услуга и грижа.

Нашите лојални пациенти се нашето најголемо богатство, па поттикнати од нашата грижа за нив, пред седум години ја воведеме првата фармацевтска картичка за лојалност, која денес ја користат над 150 илјади задоволни членови на Еурофарм клуб-семејството.

Од друга страна, се трудиме секоја година на македонскиот фармацевтски пазар да пласираме нови и квалитетни производи, но да ги надградуваме постојните производствени линии со новитетите на светските фармацевтски брендови.

„Еурофарм“ е веќе голем и препознатлив бренд. Низ изминатите годините имате постојан раст и развој. Како ќе ја позиционирате вашата компанија денес?

– „Еурофарм“ денес е модерен, иновативен, препознатлив и општествено одговорен бренд од фармацевтската индустрија. Водени од потребата да оставиме белег на македонскиот фармацевтски пазар, посветено работиме на спроведување нови, рентабилни и одржливи практики, со што си овозможуваме јакнење на својата пазарна позиција и бизнис-перформанси.

Секојдневно сите сме соочени со нови професионални предизвици што ни ги наметнува бизнис-климата во земјава, но и глобалните тенденции. Затоа пристапуваме со максимална посветеност во насока на континуиран раст и развој на брендот.

Веќе осум години по ред, „Еурофарм како синоним за висок квалитет, навремена услуга, професионална грижа и лесна достапност го носи епитетот македонски фармацевтски супербренд. На тоа се надоврзуваат работењето и етаблирањето на „Еурофарм“ како една од најуспешните компании во трговијата на големо со фармацевтски производи, како во Република Македонија, така и во регионот.

Потврда за тоа се многубројните награди изминативе години, а последно во низата е признанието во категоријата за најдобра национална развојна стратегија на годината за Република Македонија на „Европската бизнис-награда”.

Доказ за успешното опстојување на брендот претставува нашето долгогодишно рангирање на листата на 200 најголеми и најуспешни компании во земјава, каде што од година на година бележиме видлив напредок.

Вашата компанија секоја година бележи сопствен раст и развој изразен во бројки, што е сѐ поредок случај на нашиот пазар, бидејќи компаниите се соочуваат со голем број проблеми и пречки во своето професионално работење. Кои се вашите идни планови и, секако, очекувања од нив?

– Има многу планови за севкупен развој на брендот, но трпеливо ги чекаме вистинските моменти за нивно реализирање. Секако дека продолжуваме да инвестираме во модернизација и унапредување на нашите капацитети, во имплементирање нови професионални, безбедносни и стандарди за квалитет, во едукација на нашиот професионален кадар, промовирајќи и приближувајќи ги светските новитети на пазарот во земјава. Како општествено одговорна компанија остануваме посветени на нашата определба за подигнување на јавната свест за превенција и градење здрави животни навики, бидејќи грижата за генерациите што доаѓаат е наша примарна определба.

Како една од најуспешните жени менаџери во земјава, се наметнува прашањето дали успевате да ги избалансирате сите обврски што ги има секоја жена во улогата на мајка, сопруга и успешна бизнисменка?

– Секојдневно се трудам да ја пронајдам таа природна рамнотежа помеѓу деловните и приватните обврски. Сонот за сопствен бизнис бараше подготвеност, посветеност и истрајност во справувањето со сите предизвици и пречки што се појавија на патот на неговото остварување, бараше многу професионални и лични откажувања, но денес се гордеам со секој успех, признание, награда, задоволен клиент и среќен пациент на брендот „Еурофарм“.

На мојот пат кон личниот и професионалниот успех најмногу ми значеше поддршката од семејството, поддршката од родителите, пријателите…

Успешна, реализирана и среќна жена е сестрана жена, жена што умешно ги испреплетува и остварува сите животни улоги. Се радувам што мојата реализираност во деловниот свет е дополнета со среќна семејна приказна, во која сум горда сопруга и посветена мајка на две прекрасни деца, кои ми ги даваат најголемата мотивација, енергија и сила во најтешките животни предизвици.

Уживам во секој слободен миг поминат со нив, во семејните собири со поширокото семејство, како и во дружењето со пријателите. Уживам во патувањата, природата, добрата храна, уметноста и спортот.

Наш семеен спорт е ракометот и сите сме пасионирани навивачи на нашиот ракометен клуб „Еурофарм“. Тоа ни дава посебно адреналинско доживување и возбуда, од која станавме зависни и вистински уживаме во секој натпревар.

Да се биде успешен генерален менаџер значи да се поседуваат клучни вредности, меѓу кои и умешноста и капацитетот во пренесувањето на сопствената визија на соработниците. Како ќе се карактеризирате себеси како генерална менаџерка?

– Успехот на „Еурофарм“ е успех на сите вработени, за кои со сигурност можам да кажам дека се јадрото на компанијата, на брендот. Со својата професионалност, мотивираност, енергичност и посветеност, тие секојдневно работат на реализирање на нашите цели, мисија и визија. „Еурофарм“ е големо семејство, во кое секој е инспириран од императивот да бидеме подобри, поефикасни и поуспешни, семејство во кое сите меѓусебно се надоврзуваме и дополнуваме во интерес на нашата фармацевтска приказна.

Како генерална менаџерка, моето работење го темелам на градење добра работна средина, иновативно, прагматично и етичко менаџирање, постојана едукација и усовршуваше на вработените, следење и имплементирање на највисоките стандарди за квалитет, со особен акцент на активностите за помош на заедницата.

Грижата за моите вработени, тие ја претвораат во грижа за нашите пациенти, клиенти и соработници, градејќи ја притоа нашата успешна приказна.

Текст: ПР „Економист: Светот во 2020-та“

Фото: Горан Десковски

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.