Како да дојдете до вистинскиот производ за вас? Ви ги откриваме тајните на парфимериите

Совети каде и што можете да најдете

Разновидната понуда козметички производи за коса и за шминка е голем предизвик, но истовремено може и да нè збуни и да ни го отежнува донесувањето одлуки при купување. За да не дојде до тоа, ви ги откриваме тајните на парфимериите

Оваа визуелно препознатлива категоризација ќе ви помогне да се фокусирате на она што ви е навистина потребно.

Купувајте во комплет. Одредени производи за нега се повеќенаменски (особено производите против стареење и оние за борба против акните) бидејќи се повеќекомпонентни, што значи дека треба да се користат заедно.

Комбинацијата на нивните состојки им го засилува дејството, без ризик да се појави иритација.

Држете се до проверени производи против стареење. Дерматолозите тврдат дека при употреба на овие средства не постојат нуспојави доколку содржат проверено делотворни состојки, како што е ретинол. Затоа добро прочитајте го составот на амбалажата, и доколку ретинолот е меѓу првите пет состојки, тоа значи дека неговата концентрација е доволна да ја оправда ефикасноста на препаратот.

Уште една делотворна состојка во борбата со брчките е гликолна киселина (за ексфолиација), како и хијалуронска киселина, па препаратите што ги содржат се докажано ефикасни. Се разбира, секогаш купувајте препарати соодветни за вашиот тип кожа.

Истото важи и за препаратите за борба против акни. Рафтовите се полни со препарати што отстрануваат акни. За да се изборите со здодевните мозолчиња, побарајте средство што содржи салицилна киселина и препарат за чистење лице со 2,5% хидроген. Доколку страдате од акни по телото, користете гел за туширање со 10% хидроген.

Тестирајте го производот. Малите примероци од производите за нега или тестерите од декоративна козметика се секогаш корисни, бидејќи овозможуваат да ги проверите реакцијата на кожата, ефикасноста на препаратот или компатибилноста на бојата. Обично се наоѓаат во поголемите парфимерии и аптеки.

Создадете резерва со СПФ-препарати. Кога имате доста СПФ-препарати при рака, тогаш и редовно ќе ги користите. Сепак не претерувајте со количеството, бидејќи овие средства ја губат ефикасноста две години по отворањето.

Коса

Гледајте од десно налево. Муштериите обично рафтовите ги разгледуваат одлево надесно, покажуваат истражувањата. Новите производи и оние на реномирани производители предизвикуваат импулсивно купување – најчесто се на левата страна на полиците, додека артиклите од домашно производство или на парфимерискиот бренд се наоѓаат на десната страна или на долните полици. Рафтовите во ниво на очите обично се исполнети со артикли на најпознати брендови.

Бидете економични. Прегледајте ги долните полици на кои се наоѓаат ХХL-пакувања на шампони, регенератори или производи за стајлинг, кои често содржат и гратис-пакување. Правило е дека поголемите пакувања се поекономични, но ако внимавате да го потрошите количеството производ пред истекувањето на неговиот рок на траење.

Спротивставете му се на искушението од дополнително купување. На одделите за козметика во супермаркетите, покрај производите за коса, се наоѓаат и четки, чешели, шноли, ластичиња – за да ги намамат муштериите на дополнителен, често непотребен трошок. Затоа, пред да уфрлите некој од овие артикли во кошницата, запрашајте се дали навистина ви треба уште една четка.

Не купувајте универзални производи. Ако на некој производ пишува дека е за сите типови коса, или дека решава разни проблеми со косата, оддалечете се од него! Доколку користите специјализиран производ, кој санира само еден проблем со косата, тогаш резултатите ќе бидат забележливи.

Не мачете се со избор на шампони и на препарати за стајлинг. Објективно, не постои голема разлика помеѓу поскапите и поевтините шампони – сите ефикасно ја чистат косата. Кога станува збор за препаратите за обликување на косата (лакови, пени и спрејови за густина), тие не содржат скапи состојки, што значи дека се добри и поевтините.

Серумите за сјај на косата и оние за контролирање на кадриците што ги произведуваат парфимериите се уште едно корисно средство. Бидејќи содржат помало количество силикон од професионалните препарати, невозможно е да претерате со количеството, со што се намалува ризикот од таложење на препаратот на кожата на главата.

Подобро е да користите поразредени формули и постепено да им го зголемувате количеството – за постигнување на посакуваниот сјај на косата.

Големите шишиња заменете ги со помали. На големите шишиња шампони или гелови за туширање, кои долго стојат во туш-кабините, може да се создаде мувла. (Не е опасна за здравје, но грозно изгледа!). Затоа шампонот префрлете го во помали шишиња, кои ќе ги миете и сушите помеѓу две полнења.

Добро размислете пред да купите фигаро или преса за коса. Електричните апарати за коса, како што се фен, преса и фигаро, треба да бидат многу квалитетни, бидејќи ќе ги користите со години. За разлика од нив, топлите папилоти се со ист квалитет без разлика каде ќе ги купите. Сепак користете ги оние обложени со мек материјал, бидејќи нема да ја оштетат надворешната структура на влакното.

Текст: Н. Човиновска

Фото: Pixabay, Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.