Како да дојдете до вистинскиот производ за вас? Ви ги откриваме тајните на парфимериите

Совети каде и што можете да најдете

Разновидната понуда козметички производи за коса и за шминка е голем предизвик, но истовремено може и да нè збуни и да ни го отежнува донесувањето одлуки при купување. За да не дојде до тоа, ви ги откриваме тајните на парфимериите

Повеќето од нас уживаат во купување производи за разубавување во големите супермаркети или во познатите синџири на парфимерии. Таму козметиката можеме да ја разгледуваме колку што сакаме, а притоа никој да не ни „дише во врат“.

Објективната предност на купувањето во големите парфимерии е што таму – освен што ја имаме слободата да разгледуваме – новитетите од светот на разубавувањето пристигнуваат со неверојатна брзина.

При секоја следна посета, на рафтовите ќе забележите нешто ново. Истовремено, поради големото изобилие често не можеме да се фокусираме на она што ни е реално потребно, ниту пак да го избереме вистинскиот производ за нас. Повеќето одлуки ги донесуваме на самото место, а дома обично се враќаме со куп непотребни производи.

Значи, време е да научите каде и што можете да најдете!

Шминка

Почнете со онлајн-потрага. Повеќето познати брендови нудат неверојатно прецизни методи за одредување на соодветни нијанси на шминка на своите сајтови. Откако ќе го решите онлајн-тестот, испечатете ги препораките и понесете ги во шопинг.

Побарајте ги новитетите. Новите производи обично се секогаш истакнати на рафтовите на сите козметички брендови, па лесно ќе ги забележите. Тоа се однесува и на лимитираните козметички линии, врзани за одредена годишна доба.

Доколку посебно ви се допаѓа одредена нијанса на сенка, моливче или на лак за нокти од сезонската линија, најдобро е веднаш да си обезбедите резерва. Бидејќи кога колекцијата ќе се распродаде, повеќето од тие производи нема да бидат достапни во продажба.

Избирајте пошироки палети. Кога ќе тргнете во потрага по нова подлога за лице, држете се за брендовите со широка палета на бои, бидејќи на тој начин ќе ја добиете онаа што ви одговара.

Ако избирате помеѓу две приближни нијанси, определете се за онаа што е незначително потемна од вашата природна боја на кожа. (Секогаш можете да ја нанесете во потенок слој, што ќе ја осветли бојата, а вашето лице ќе добие потопол, исончан изглед.)

Ако веќе користите одредена подлога што ви одговара, но сакате да го смените брендот, земете го шишенцето во парфимеријата и споредете го со она што е во понуда. Овој начин на споредување е многу прецизен.

Избегнувајте (пре)евтина шминка. Никој не вели дека некој производ од оваа ценовна категорија не е добар, но речиси е правило дека не ги исполнуваат повеќето параметри за квалитет – избор на состојки, широка палета на бои, мал ризик од алергиски реакции…

На пример, моливчето за очи може да биде исклучително тврдо, па ќе ви се размачкува, или тешко ќе го отстранувате. Ако е возможно, тестерот испробајте го на надлактицата – за да ги проверите неговата тврдост и размачкувањето. Ако не сте сигурни, одлучете се за поскапи брендови чиј квалитет го гарантираат многубројни тестови.

Купувајте во чекори. Кога сте соочени со избор меѓу педесет маскари од различни произведувачи, прво стеснете го на категоријата водоотпорни и неводоотпорни, а потоа изберете боја и, накрај, намена – за погусти, подолги или за свиткани трепки.

Ако ни тогаш не сте сигурни, купете маскара што трепките ги прави погусти, бидејќи секогаш можете прво да ги навиткате, а потоа и да ги продолжите со нанесување на втор слој од маскарата.

Земете ги гратис-пакувањата. Во парфимериите често можат да се видат гратис-пакувања (козметички производ+ еден или два на подарок – производи од ист вид), кои им се привлечни на муштериите поради ниската цена. Често се работи за сетови што содржат маскара, а бидејќи неа треба да ја обновиме секои три месеци, овој вид купување навистина се исплати.

Кожа

Бидете прецизни. Ако не сте сигурни што барате, тогаш свртете се кон производите на реномирани произведувачи. Овие куќи ги изложуваат производите во јасни категории (борба со акни или со брчки, отстранување шминка, дневна и ноќна нега…) и според типовите кожа.

Текстот продолжува на следната страница…

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.