Да му се вратите на бившиот? Еве зошто ги преиспитуваме сопствените постапки по раскинувањето

Искуствата на жените што дале втора шанса

Ретрото е во мода, и тоа во секој дел од животот. Цветни дамски фустани, ретро-автомобили, розови „веспи“, велосипеди со плетени кошници, молив и хартија… Се враќа сè. Но дали тоа значи дека би требало да размислиме и за враќање на бившиот во нашиот живот?

„Се забавував со момчето вкупно 5 години, со прекин. Во почетокот на врската, сè беше прекрасно, имавме одлична комуникација, исти интереси и страстен секс. Но по едно патување односите драстично се сменија. Ја запознал девојката поради која набрзо ме остави. Една година по раскинувањето, ја обновивме врската.

Она што сè уште беше добро, без разлика на сè, беа страста и желбата со ист интензитет како и првиот ден – сè додека открив дека се допишува со други девојки. Тоа сознание во мене создаде желба за одмазда.

Од мене направи прељубница и го дозна тоа. По некое време, паднавме во маѓепсан круг во кој постојано ги израмнувавме сметките. Настапија и расправиите за секоја дреболија. Постојано се надевав дека конечно сме расчистиле и дека нашата врска ќе тргне по нормален тек, но сепак не беше така. Тој стана љубоморен, а и јас.

Тоа во мене ги будеше најлошите мигови на лудило, како да не бев способно да размислувам рационално.

Прифатив врска што не беше врска – сè до еден повик и омаловажување кога се погледнав во огледалото и си реков: доста веќе! Веќе не му одговарав на повиците. И тогаш во мене се разбуди неверојатно чувство на слобода, среќа и на растоварување.“

Марија, 41

„Легендата вели дека враќањето на бившиот нема среќен крај, но не и во мојот случај. Се запознавме во средното училиште, на една забава што ја организираше неговиот бенд. Колку и да звучи како клише, јас сепак го запознав човекот на мојот живот. Почнавме да се забавуваме и така поминуваа годините – завршивме средно, се запишавме и завршивме ист факултет, заедно поминавме низ многу пречки и несреќи. Дојдоа и мастер-студиите и тој отпатува во Лондон.

Таа година живеевме на релација Македонија-Англија. Беше тешко да ги усогласиме слободните денови за среќавање, па затоа ја раскинавме врската. Кога се разделивме, се почувствував дека го загубив најдобриот пријател. Ми беше многу тешко. Ни по неколку месеци не можев да го преболам раскинувањето, па затоа седнав во авион и правец – Лондон.

Се смиривме. Ги запоставив студиите за да му се посветам. Денес, многу години подоцна, тој е успешен архитект, јас сум професорка по англиски јазик, а животот ни е како од филм – со две прекрасни деца. Доказ дека навистина постои љубов на прв поглед и дека враќањето на бившиот не мора да значи и пропаст.“

Ангела, 33

„Бевме во врска четири години. Патувања, излегувања, дружења, сè што ја прави врската убава и квалитетна. Имавме прекрасен однос, полн со љубов, трпение и посветеност, се согласувавме во сè, лесно донесувавме заеднички одлуки – сè беше како во бајка, за која мислев дека ќе трае до крајот на животот. Но не беше така. Иако живеевме заедно веќе четири години, никогаш не разговаравме за семејство, а тоа почна да ми пречи.

По една вечер, следуваше првата караница по која се иселив од станот. Разделеноста ни беше тешка и на двајцата. Почувствувавме празнина и потреба на врската да ѝ дадеме уште една шанса, па и го сторивме тоа. Се смиривме и повторно почнавме да живееме заедно.

Потоа заминавме на романтично патување, кое создаде нови спомени, чувство на вљубеност и на восхит. Но по неколку месеци, сè беше исто. Влеговме во ќор-сокак. Излезе дека смирувањето е резултат на стекната навика да биде заедно. Набрзо дефинитивно раскинавме и секој тргна по својот пат.“

Текст: Тамара Богунова

Фото: Pixabay

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.