Kако би можело стилизирањето и уредувањето на вашиот дом да бидат од корист и за вашата врска

Нека биде ЗЕН

Лесно ни е да се занесеме фантазирајќи за тоа како би можел да изгледа нашиот дом… Но пред да преземете акција, размислете како би можело стилизирањето и уредувањето на вашиот дом да бидат од корист и за вашата врска!

Идејата што стои зад фенг-шуи е да се подобри протокот на чи, која е сила на духовната енергија. Ако мора да изберете една соба во куќата што сакате да ја уредите според принципите на фенг-шуи, тоа нека биде спалната соба.

Таа е најважна во домот, затоа што е најлична за вас и за вашиот партнер. Во неа поминувате многу часови, а квалитетниот сон е неопходен за добро здравје и силен имунитет.

Изградба на здрав дом

„Петте елементи на фенг-шуи се вода, дрво, оган, земја и метал“, објаснува Мејв О’Саливен, експертка за фенг-шуи. „Секој елемент има посебни својства, а кога се во рамнотежа, стануваат градбени блокови на среќен и здрав дом.

Потребно е присуство на сите пет за да напредуваме и да се чувствуваме здраво.“ За секој елемент во кинеската медицина постои соодветен систем на чувства, бои и емоции, а истото тоа важи и за домовите. „Ако еден елемент стане доминантен, може да надвладее над другиот и да предизвика нерамнотежа.

Разбирањето на овој циклус ќе ви помогне да ги засилите елементите што се потребни во вашиот простор – на суптилен но мошне моќен начин. Фенг-шуи во вашата спална соба ќе ги поддржи сонот и општото здравје, но ќе создаде и романтична врска со партнерот – сите знаеме дека ако спиеме подобро, имаме многу повеќе љубов за луѓето околу нас. Наведуваме неколку совети за креирање похармонична оаза во домот:

1 Исчистете го нередот Тоа ќе помогне спалната соба да се претвори во исклучително пријатно место. Нередот го нарушува протокот на енергија низ вашиот дом.

2 Преуредете го мебелот Најдобро е креветот да го поставите во доминантна положба. Поместете го така што ќе можете да го видите влезот од него, но не во директна линија со вратата. Тоа може да ви ја зголеми самодовербата, ќе видите кој влегува во вашиот простор и нема да се чувствувате збунето или ранливо.

3 Отстранете го минатото Добро погледнете што сте складирале под креветот. Работите на кои спиете влијаат на вас додека сте во пасивна јин-состојба. Дури и писмата од поранешните партнери можат да ве спречат да негувате подлабока поврзаност во моменталната врска со партнерот.

Урамнотежете ја спалната соба

„Секое парче мебел е важно во фенг-шуи“, вели Сузан Ројнон, терапевтка за ентериер. „Здравиот разум ни кажува дека, ако деловите на мебелот не се цврсти, или ако отсуствуваат, нема да имате поддршка. Тоа особено се однесува на зглавјето.“ Во фенг-шуи, зглавјата даваат чувство на поддршка во животот.

„Дрвото е најдобро за зглавје, но добра е и ткаенината ако е добро прицврстена. Избегнувајте метал или птици, затоа што носат лоша енергија. „Треба да имате соодветни ноќни шкафчиња со неколку ламби, кои ќе ви обезбедат чувство на рамнотежа. Ако живеете сами, а сакате партнер, оставете едно шкафче празно за да дадете простор да се подели вашиот живот.

Секоја година заменете ги перниците со нови и исчистете ги длабински – тие се магнети за гадинки, кои се штетни за астматичарите, а спиењето со гадинките што се хранеле со мртвите клетки од кожата на претходните партнери исто така не е добра идеја.

Кога станува збор за телевизор во спалната соба, Мејв вели: „Секогаш е потребно да има повеќе јин-енергија за да обезбедите чувство на целосна опуштеност.“ Ако има премногу јанг, нема да можете да се смирите и одморите.

„Електричните и магнетните полиња што ги емитуваат електронските уреди можат да придонесат за лош квалитет на сонот.“

Текст: Б. Стојменовиќ

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.