Сандра Силаѓев: „Нас, жените, другите нè гледаат, а ретко нè слушаат“

Суштината на глумата е сомнежот, најмногу во себе

Како што стареам, сите ми се поубави, дури и пакосните ми се убави. Поимот за убавина се менува со возраста. Можеби годините го прават своето, создаваме подлабоко разбирање.

Сепак, изгледа неа ја слушнавме, па постојано се враќаме да слушнеме што има да каже. По монодрамата „Дејт“, нејзината популарност само расте. Актерката ни открива зошто ѝ е важно нејзиниот јутјуб-канал да остане место на слободата, спонтаноста и поместувањето на границите, како и зошто упорно се обидува во центарот на вниманието да постави одредени теми и општествени групи

Во почетокот на 2017 година, Сандра Силаѓев изјави: „Не знам како би можела да направам профитабилна работа од Диња, освен темите да ги обработувам во колумни за разни списанија. Се обидов со реклами, но излезе дека тоа не е тоа. Диња никогаш не би ја продала во смисла да ја менувам, да ја ставам пред други камери.“

Пет и пол години подоцна, можеме да кажеме дека тоа е почеток на приказната што од неа создаде регионална ѕвезда. Списокот на местата во кои гостуваше летово со својата монодрама „Дејт“ потсетува на турнеите на Бајага и Здравко Чолиќ. Беше од Вардар до Триглав, што би се рекло, а тука се и Лондон, Даблин, Цирих…

Кога ја потсетивме на зборовите од 2017-та, ни кажа: „Диња се викаше мојот јутјуб-канал и тој одговор се однесуваше на него и на клиповите. Останав на тоа – и понатаму снимам клипови држејќи го мобилниот во рака. На каналот воведов само повремени кампањи врзани за екологијата, менталното здравје, човековите права, првата на младите, но тоа не се реклами туку моја желба да придонесам за малку поголема застапеност на одредени теми и видливост на одредени општествени групи. Имав понуди да снимам реклами во вид на клипови, шеговито, со телефонот, но ги одбив.

Снимив една реклама за мрежите, но тоа не е духовит клип. Сметам дека тоа што го објавувам на мојот јутјуб-канал треба да остане спонтано, надвор од школските правила, со грешки и со сите елементи што дозволуваат слобода, глупирање (со цел!) и поместување на границите. Којзнае, можеби со текот на времето ќе ја сменам одлуката, доколку ме инспирира нешто.“

Пред неколку години одлучивте вашиот канал веќе да не се вика Диња, туку Сандра, но многумина и понатаму ве доживуваат како Диња.

Мислам дека луѓето сфатија дека сум Сандра, особено новата и помлада публика. Одлуката да го сменам називот на каналот ја донесов затоа што ликовите што ги глумам во сериите и во филмовите новинарите ги потпишуваа со Диња, па можеше да се прочита: „Диња во серијата кај психијатарот“, а ликот се вика Олга. Имаше и „Диња се породува во филмот“, а името на ликот е Сања. Значи, ниту јас се викам Диња, ниту ликовите што ги глумам, како ни ликовите што ги глумев. Тоа не е во ред спрема колегите со кои работам на проектите. Така, сфатив дека називот на каналот ги комплицира работите, па одлучив да го наречам со моето име.

Во монодрамата „Дејт“ ја глумите 45-годишната Оливера Живковиќ, која бара сродна душа. Дали сметате дека сродната душа е наша илузија или може да се пронајде?

Одговорот е во монодрамата „Дејт“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra.siladjev)

Вашите клипови ги сакаат и го споделуваат и мажите. Колкумина се во публиката?

Па, нивниот број расте. Од декември 2015 година изјавив дека луѓето ја имаат сфатено мојата работа. Мислам дека мажите ми станаа публика со посредство на своите жени. Ми се случува таксистите да ме препознаат и веднаш да ѝ се јават на својата жена за да ѝ соопштат кого возат. Често ми откриваат: „Со вас ме зарази жена ми.“ Во мојата публика гледам многу мажи, дури и повозрасни двојки, што ми е многу симпатично.

За разлика од јутјуб-каналот и Инстаграм, каде што стотици илјади следбеници се зад екранот на мобилниот телефон, во монодрамата сте очи в очи со публиката. Дали некогаш се збунувате – било од бројката на присутните во салата, било од емоциите што ги емитуваат?

Долго време се занимавам со глума, така што контактот со публиката не е ново искуство за мене. Новост е големиот број луѓе во салата. Првото величествено искуство на размена на енергија во живо ми се случи во Љубљана, а подоцна и во Нови Сад, Скопје. Најмногу луѓе, околу две илјади, дојдоа во Ниш. Кога ќе почувствувате дека сите тие истовремено реагираат на вашите емоции и на тоа што им го давате, кога сите заедно го чувствуваме истото – тоа е автентично искуство. Верувам дека е уште посилно на концертите.

Дали паметите некој концерт по таквата величествена енергија?

Молоко и Ерик Бад на „Егзит“, Лус Касали Џамироквај, Ејми Вајнхаус, иако тоа беше најтажниот концерт на кој присуствував.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra.siladjev)

Пред пет година изјавивте дека сте на границата меѓу екстровертна и интровертна личност. Дали таа рамнотежа сè уште постои или ја поместуваат „Дејт“ и сличните контакти со публиката?

Сè е исто. Иста сум јас.

Дали е вистина дека не поднесувате телефонски разговори и дека претпочитате пишана комуникација?

Не се јавувам бидејќи разговорите по телефон ме истоштуваат, а секогаш имам некакви обврски околу детето или куќата, или на работа, па не сакам да ги прекинувам. Ѕвоното на телефонот ми е секогаш намалено или исклучено.

Сепак телефонот е присутен во повеќето ваши видеоклипови?

Затоа што немам друг глумец кога снимам, па полесно е да глумам дека разговарам со некого по телефон. Или глумам жена што е на кафе кај другарка, а се случува да ги снимам и двата лика.

Се занимававте и со познатата „немам што да облечам“. Дали некогаш сте стоеле пред орманот со таа реченица во мислите?

Настојувам секогаш да имам што да облечам, барем класичен фустан.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Sandra (@sandra.siladjev)

Двапати се шегувавте на сметката на животните тренери. Дали ви се јавил некој од нив за да ви се пожали?

Не. Јас не се шегувам на сметката на животните тренери, туку на лажните помагатели на луѓето, кои, всушност, им ги земаат парите и им нанесуваат штета по менталното здравје. Кај нас луѓето се лекуваат преку интернет, што е многу опасно.

Во клипови неретко ги критикувате и медиумите, особено т.н. женски, затоа што пропагираат терор на убавината.

Тоа е одамна раскажана приказна, таа постојана борба другите прво да ве слушнат, па да ве видат. Нас, жените, прво нè гледаат, а ретко нè слушаат, особено ако сте јавна личност. Што се однесува до критиката на теророт на убавината, мислев на рекламите што им ветуваат на тинејџерките среќен живот ако купат крем или некои „волшебни апчиња“.

Дали фактот што ве слушаат и гледаат десетици илјади луѓе ви создава притисок поради одговорноста?

Во глумата секогаш постои таквиот притисок, без разлика колку луѓе ве гледаат. Суштината на глумата е сомневањето, особено во себе. Затоа треба да имаш искусни и искрени соработници. Кога станува збор за глумата, слушам, ценам и прифаќам мислења, но не ми се неопходни кога станува збор за клиповите, затоа што ги доживувам како издувен вентил. Се разбира, на мојот јутјуб-канал постојат и сериозни содржини.

Тоа се документарците што ги работев со режисерката Марта Фиш, филмовите за лица со инвалидитет, филмот за жените што доживеале насилство од луѓе на разни позиции… Имам и плејлиста Разговори. Тоа се клипови во кои угостив разни инспиративни луѓе. Со нив разговарав за човековите права и за нивното место во таа приказна.

Неодамна покрај фотографија со другарка од детството напишавте дека ви е драго што заедно созревавте во блоковите, во 1990-тите (и подоцна). Што ви донесоа тие блокови во Нов Белград?

Во 1990-тите беа доста опасни. Израснав во нив со три другарки, кои се исто така уметници (филм, книги, сликарство). Најмногу време поминувавме во сликарското ателје на едната од нив. Многу разговаравме, заедно созревавме, во тоа наше прибежиште за преиспитување, додека блоковите надвор беа опасно место, особено за тинејџерките. За среќа, имавме другари од блоковите што нè заштитуваа и нè предупредуваа за разни опасности.

Блоковите се познати по „трибините“, скалите, подрумите, клупичките на кои се собира екипата од маалото. Тука се слушаат разни животни приказни, а доаѓаат и постарите соседи со сеќавањата од младоста. Блоковите се паметат и по возењето со велосипед покрај реката, со екипата, како и по дремењето на потпокривите на зградите.

Другарката, за која ме прашавте, е познатата режисерка Ивана Тодоровиќ. Горда сум на неа, а нејзините филмови „ве вадат од чевлите“ и ве менуваат од корен. Некое време заедно студиравме на Филозофскиот факултет, а потоа одевме на мировни студии. Тоа беше лудо време, но мислам дека денешново е уште потешко за тинејџерите, затоа што короната донесе огромни општествени промени и им ги отежна на децата школувањето и созревањето.

Направивте фантастична споредба меѓу животот и возот: „Животот е воз, сите сме во возот, секој има станица на која ќе слезе. Никогаш не знаеш која е станицата на твоите блиски, а која е твојата.“ Дали претпочитате брзи или бавни возови?

Јас најмногу сакам велосипед.

Текст: Бранкица Трескавица

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.