Воодушевете ги своите малечки и пригответе им слатки со пенести бонбони

Најзабавниот десерт

Не морате да купувате готова фондан-смеса за обложување торти и за обликување фигури, можете за миг да замесите фондан од пенести бонбони, чиј шаролик асортиман го има во понудите на голем број супермаркети.

Битно е да се свежи и меки, за да се обликуваат полесно, и по можност да се и бели, за да ја добиете посакуваната нијанса со додавање соодветна прехранбена боја. Освен за обликување фондан, пенестите бонбони може да послужат и за друга намена.

Ставете ги во приготвена смеса за бисквитна кора и испечете го колачот во рерна, за да добиете интересна текстура и колоритен пресек на десертот. Бонбоните може да се посипат по десерт и да се потпечат во рерна. Откако ќе заруменат и ќе добијат вкус на карамела, ќе заменат шлаг на слаткото.

Да не споменуваме какви само декорации можете да направите од нив. Од многу едноставни, до такви што само по изгледот личат како да се комплицирани, а всушност можете да ги направите за миг.

Декорацијата на прикажаната торта е многу ефектна, а може да ја обликува секој.

Доволно е пенестите бонбони, најдобро со ножици, да се пресечат по дијагонала и да се залепат преку шлагот на тортата, обликувајќи цвет.

Пресечните делови може да се валаат во шеќер во боја, а потоа во ситни шарени бонбончиња за да се добие уште поефектен украс.

Од бели бонбони направете симпатична овчичка со глава од фондан или прекрасен цвет.

НАПРАВЕТЕ ДЕКОРАЦИЈА ОД БОНБОНИ

Мафините се совршена подлога за украсување со пенести бонбони. Доволно е бисквитот да го премачкате со шлаг, крем од путер, ројал-смеса или со чоколадна глазура и одозгора да расфрлате шарени бонбончиња. Можете да ги распоредите и по план, обликувајќи муцка и уши на прасе.

ЗАМЕСЕТЕ ФОНДАН-СМЕСА

За да замесите 750 фондан-смеса, потребно ви е 250 г пенести бонбони (најдобро бели), 4 лажици вода и 500 г шеќер во прав. Во соодветен сад соединете ги бонбоните и водата, па загрејте ги во микробранова печка или во рерна на 100°С, само колку да омекнат бонбоните.

Постепено додавајте го половина од шеќерот во прав и мешајте со лажица додека се добие воедначена смеса. Потоа посипете со шеќерот и месете со рака додека се добие мазна смеса што се одвојува од прстите.

Во фондан-смесата можете да додадете малку прехранбена боја во прав за да ја добиете посакуваната нијанса.

ЗАМЕСЕТЕ КОЛАЧ СО БОНБОНИ

За приготвување на колачот, потребно ви е 250 г путер, 400 г црно чоколадо, 6 јајца, 150 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 150 г брашно, 1 лажица рум и 150 г пенести бонбони.

Растопете ги на умерена температура путерот и искршеното чоколадо. Посебно изматете ги јајцата со шеќерот и ванилиниот шеќер.

Во изматената смеса додајте ја стопената и оладена смеса од чоколадо и путер, па полека промешајте. Додајте ги 150-те грама брашно и лажица рум.

Пенестите бонбони исечете ги на помали парчиња, па додајте ги во смесата. Плехот обложете го со хартија за печење и истурете ја во него приготвената смеса. Печете околу 25 минути, на 180°С.

Текст и фото: „Добра храна“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.