Од шпајзот на нашите баби: Засладете се со домашен џем

3 рецепти

Користејќи ги рецептите од вашите баби, зрелите плодови од домашното овошје префрлете ги во тегли и зачувајте ги за во зима!

ЏЕМ ОД СЛИВИ

за 8 тегли од 370 мл

приготвување: 4 часа

мирување: 12 часа

Состојки:

* 5 кг зрели сливи

* 1–1,5 кг шеќер, во зависност од тоа колку се слатки сливите

* 2 лимона

* 200 мл рум

* 3 ќесиња ванилин шеќер

Приготвување:

  1. Сливите се мијат под млаз вода, се сечат наполу и се чистат од коските. Потоа се сечкаат на помали парчиња.
  2. Во поголемо широко тенџере се реди ред сливи, ред шеќер, додека се потроши материјалот. Вака приготвените сливи во шеќер се оставаат да преноќат на ладно.
  3. Утредента се ставаат на шпорет и се варат на умерена температура, додека наполу се згусне смесата.
  4. Лимонот се лупи, па пулпата се сечка на коцки и се чисти од семките. Се додава во џемот и се продолжува со варење. Пред крајот на варењето се додава румот, па се вари додека се добие потребната густина (за да се провери густината, една лажица џем се вади во чинија, па ако во текот на мешањето со лажица по чинијата останува трага – готово е).
  5. Теглите се мијат и се сушат во загреана рерна на 100°Ц, да се стерилизираат. Во топлите тегли се додава врелиот џем и се враќаат во исклучена рерна, да се фати заштитна коричка. Оладениот џем се посипува со ванилиниот шеќер, па теглите се затвораат со целофан, претходно натопен во рум, и им се ставаат капачињата.

ЏЕМ ОД ПРАСКИ

за 3 тегли од 200 мл

приготвување: 2 часа

Состојки:

* 2,5 кг зрели праски * сок од 1 лимон * 400 г шеќер * 5 г мелен кардамом

Приготвување:

  1. Праските добро се мијат, па заедно со кората се сечкаат на покрупни парчиња. Потоа се мелат во блендер.
  2. Мелените праски се ставаат во тенџере, се додаваат шеќерот, кардамомот и сокот од лимонот. Се вари на средна температура додека почне да се згуснува смесата. Потоа се намалува температурата и понатаму се вари со повремено мешање, додека зад маталката почне да останува трага од мешањето.
  3. Додека се вари џемот, се стерилизираат теглите. Добро се мијат, па се ставаат во рерна и се загреваат на 100°Ц додека се исушат.
  4. Во топлите стерилизирани тегли се додава врелиот џем. Се затвораат со измиени и стерилизирани капачиња. Топлите тегли се виткаат во дебели фротирски крпи и се оставаат на собна температура да се оладат. Утредента се редат во шпајзот, на суво и ладно место.

ЏЕМ ОД ШИПКИ

за 6 тегли од 800 г

приготвување: 5 часа

Состојки:

* 4 кг исчистени шипки * 350 г на литар сок од шипка * 1 лимон

* вода по потреба * 1 стапче цимет

Приготвување:

  1. Најпрво се чистат шипките – се мијат и се сечат наполу, се отстрануваат семките и се вадат црните капчиња.
  2. Исчистените шипки се ставаат во подлабоко тенџере, се налеваат вода и сокот од лимонот, да пливаат. Се ставаат кората од лимонот и циметот, па се вари додека шипките омекнат, а половина од течноста изврие.
  3. Омекнатите шипки се пасираат со цедалка (трипати) или со мултипрактик, па се цедат низ газа или најлонски чорапи, да не останат влакненца. Добиениот нектар се мери на вага и се враќа во тенџерето, на секој литар сок се додава 350 г шеќер и се продолжува да се вари на умерена температура додека се добие потребната густина.
  4. Додека се вари џемот, се стерилизираат теглите. Добро се мијат, па се ставаат во рерна и се загреваат на 100°Ц додека се исушат.
  5. Во топлите стерилизирани тегли се става врелиот џем. Се затвораат со измиени и стерилизирани капачиња. Топлите тегли се виткаат во дебели фротирски крпи или во покривач и се оставаат на собна температура да се оладат. Утредента се редат во шпајзот, на суво и ладно место.

Текст: „Добра храна“

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.