3 грешки со кои ги уништувате вашите омилени фармерки

Дали и вие ги правите?

На сите ни се случило барем еднаш во животот да направиме дамка од кафе, маснотии или вино на фармерките и со чистењето да предизвикаме уште поголема штета

Фармерките се задолжителен дел од сечиј плакар. Лесни се за комбинирање со секое парче облека и ни нудат вистински спас кога мислиме дека немаме што да облечеме. Без оглед на тоа колку ги обожавате вашите фармерки, сигурно правите неколку грешки со кои несвесно ги уништувате. Во продолжение дознајте за што станува збор…

1. Премногу често ги перете

Доколку сакате вашите фармерки секогаш да ви стојат совршено залепени за телото, постои голема веројатност дека премногу често ги перете. Иако на тој начин ќе успеете да го вратите нивниот облик, со текот на времето материјалот ќе се истенчи, па дури и отшие. Постојат поделени мислења околу тоа колку често треба да се перат фармерките.

Некои експерти тврдат дека треба да се перат на секои 4 месеци, што мора да признаеме дека звучи малку екстремно. Други, пак, сметаат дека треба да се перат по неколку носења, но никако во преполна машина. Што се однесува до панталоните со многу еластин, тие треба да се перат по секое носење, но во ладна или млака вода и тоа со многу малку детергент за да не избледат.

2. Чувате ситници во џебовите

Доколку џебовите на фармерките ги користите како чанта и во нив чувате кармини, мобилен и разни други ситници, тогаш на тој начин правите дури две грешки. Освен што ќе се изгуби обликот на тој дел од фармерките, може да останат и трајни траги. Конците на одредени места во џебовите може да попуштат и да се скинат. Иако џебовите можат понекогаш да послужат како „чувари“ на мобилниот телефон и клучевите, одбегнувајте ја оваа навика ако сакате да имате беспрекорни фармерки.

3. Погрешно ги вадите дамките

На сите ни се случило барем еднаш во животот да направиме дамка од кафе, маснотии или вино на фармерките и со чистењето да предизвикаме уште поголема штета. Непривлечната бледа дамка на тоа место е доказ за неправилното третирање. За да ја отстраните дамката најефикасно, најважно е да дејствувате брзо и да не ја оставате да се исуши. Наједноставен трик е растворот од вода и сол. Земете некое меко крпче, потопете го во солена вода и внимателно исчистете ја дамката.

Доколку ви капне нешто мрсно на фармерките, обидете се најпрво да ја отстраните дамка со пудра во прав. Нанесете пудра на дамката и оставете ја да делува неколку часа. Потоа исчистете ја со сув пешкир или хартија. Исперете ги фармерките на највисоката дозволена температура што е наведена на нивната декларација.

Дамките од маснотии можете да ги отстраните и со детергент за садови. На мека крпа ставете неколку капки детергент и малку вода и со нежни движења кружете по дамката. Потоа потопете ги фармерките во млака вода за да се раствори и отстрани дамката.

Прочитајте и

Коментарите се заклучени.