Коста Петров: „Досега имаме поддржано 559 компании преку кофинансирани проекти, со над 76 милиони евра инвестиции“

Интервју со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој за „Економист: Светот во 2021-та“

Во декември 2020 година, престижниот британски неделник „Економист“ го издаде својот годишник „Светот во 2021-та“, кој третпат беше објавен на македонски јазик под ексклузивна лиценца на компанијата „Колор медиа плус“ – издавачот на голем број списанија на нашиот пазар, меѓу кои „Убавина и здравје“, „Руски доктор“, „Добра храна“, како и организатор на настани и конференции („Профемина“, Influencer Awards, Food Talk…

За прогнозите на економски план за новата година, во рамките на македонската секција на „Економист: Светот во 2021-та“, разговаравме со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, г. Коста Петров, кој меѓу другото најави дека во ФИТР „сериозно се работи на развој на стратегија за дигитални номади. Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационалните претприемачи.“

Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој

ФИТР бележи значително подобрена позиција на Глобалниот иновациски индекс – раст од 27 места во последните две години. На што се должи ова?

Фондот за иновации и технолошки развој има над 1.500 отсто раст на портфолиото за само три години. За овој период имаме поддржано 559 компании преку кофинансирани проекти, со над 76 милиони евра инвестиции.

За споредба, во 2015 година, буџетот изнесувал 9 милиони евра, од кои доделени биле само 9 отсто, односно 1 милион. Ова е навистина драстично зголемување, што директно придонесува за поместување на нашата позиција на Глобалниот иновациски индекс.

Тука ќе истакнам две важни работи. Првата е фактот дека со нашиот модел на работа, не само што ги поддржуваме компаниите, туку и на некој начин ги „разбудивме“ и ги поттикнавме и самите да вложат свои средства во развојот и напредокот.

Така, на 1 евро од државата, 1 евро вложуваат компаниите. Тоа значи дека вкупните инвестиции во приватниот сектор од 2017 година до денес, преку програмите на Фондот, се зголемени за над 3.800 отсто, а обемот на финансиска поддршка за овие компании е зголемен за близу 2.800 отсто во однос на периодот пред 2017 година.

Втората работа што сакам да ја истакнам е фактот дека над 50 отсто од портфолиото на ФИТР се стартап-компаниите, претежно основани од млади луѓе – што ми е особено драго. Ова зборува дека имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија во следниот период да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со стартап-заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат.

Иновациите и развојот на технологијата се брзорастечки секаде низ светот. Кои се вашите идеи и планови како директор на институцијата, чија главна цел е да придонесе за напредок во овие две области?

Една од поважните иницијативи на ФИТР за следниот период е основањето на т.н. Fund of funds, кој би бил менаџиран од странa на професионално друштво за управување со фондови. Станува збор за развој на хибриден модел на финансирање за посериозен развој на еквити финансирање на нашиот пазар.

На тој начин, покрај државните, ќе се прибираат и средства од приватен капитал и од меѓународните финансиски институции. Овие средства ќе се влеваат во различни инвестициски фондови, за конечно да бидат инвестирани во приватните фирми (seed and venture companies) преку влез во дел од нивната сопственост.

Интензивно работиме и на Регионалниот фонд за иновации – наша идеја, која беше позитивно прифатена од сите претставници од регионот, вклучително и од приватниот капитал. Со основање регионален фонд за иновации на ниво на Западен Балкан ќе привлечеме дополнителни финансирања од меѓународни финансиски институции и од приватни инвеститори, кои ќе бидат директно наменети за развојот на иновациите и технологијата, односно ќе бидат насочени кон иноваторите и компаниите.

Накратко, целта е да се обединиме, да формираме поголем, поатрактивен пазар, со поголем потенцијал за инвестиции и развој.

Понатаму, за првпат формираме стартап-совет, преку кој заеднички ќе работиме на законски измени, со цел позиционирање на нашата земја како стартап и регионален хаб. Потребни се законски измени за навистина да развиеме еден стабилен стартап-екосистем, како држава сме подготвени за брзи и ефикасни промени. Сериозно работиме и на развој на стратегија за дигитални номади.

Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационалните претприемачи. Секако, преку размена на знаења се зголемуваат шансите за регионален и глобален успех на нашите компании.

Кризата со ковид-19 ни покажа колку се важни иновациите, но и ни покажа колку се ранливи економиите. Што ќе биде вашиот главен фокус во следниот период?

Главниот фокус во следниот период за нас ќе бидат силни инвестиции во иноваторите и она што е многу важно – воспоставување механизми за нивна континуирана поддршка. На овој начин обезбедуваме полесен пласман на производите и услугите на нашите корисници, а со тоа и можност да придонесат за развојот на економијата во државата. Точно е дека живееме во специфични околности, меѓутоа не смееме да дозволиме да се обесхрабрат иновативните умови, бидејќи токму овој период видовме дека тие нудат одговори и решенија на проблемите со кои се соочуваме.

Поставуваме и нова менторинг-програма за корисниците, но и за македонските стартапери. Наша цел е да им помогнеме во секој чекор од нивното претприемачко патување. Новата менторинг-програма ќе вклучува менторинг за стартап-ентузијасти, потоа корисници, тие што биле одбиени, за да идентификуваме што треба да подобрат, и ВИП менторинг-програма за оние компании што имаат најголем потенцијал за брз развој.

Паралелно развиваме и нови инструменти за подобра соработка меѓу академскиот и приватниот сектор. Преку систем на менторство и отворена комуникација сакаме да им помогнеме на сите што се заинтересирани да изработат што поквалитетни апликации, но и да им дадеме ветер во грб за да изградат успешни компании.

Текст: „Економист: Светот во 2021-та“

Фото: приватна архива

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.