Можеме ли засекогаш да бидеме млади?

Лабораторија за убавина

Во лабораториите низ целиот свет се спроведуваат истражувања за подмладување, па посакавме да истражиме кои се најновите откритија на ова поле

Идејата за креирање клонови, единки што се идентични на нас со здрави органи со кои луѓето би можеле да се послужат во моментот кога нивните ќе почнат да откажуваат, за да си го продолжат животот, не е само дел од забавната содржина што ја гледаме на филмските екрани.

Некои стручњаци, следејќи ги научните напредувања, проценуваат дека за неколку децении е можно да има многу повеќе 100-годишни луѓе од неколкуте илјадници што живеат денес во светот. Освен тоа, тие би можеле и да изгледаат одлично.

Австралискиот биолог и генетичар д-р Давид Ендру Синклер е еден од најпознатите експерти во полето на подмладувањето и смета дека стареењето е болест против која може да се бори со медицина и со лекови.

Самиот тој е заговорник за примена на ресвератрол, потенцијален лек што припаѓа во групата на полифеноли и е многу барана состојка во производите за нега на кожата, но и во додатоците во исхраната што помагаат во зачувување на здравјето и младешкиот изглед.

Дека научнофантастичните филмови ќе станат реалност можеме да видиме и според низата истражувања и експерименти што се прават со помош на матични клетки и гени, за корекција на најголемиот човеков орган – кожата, за да можат нејзините сопственици да го задржат младешкиот изглед до крајот на животот.

Кожа одгледана во лабораторија

Експериментите за „одгледување кожа“, т.е. генетички модифицирани ткива, трансплантанти, доведоа до интересни искуства и откритија. Можностите се бескрајни, од силиконски гелови што имитираат кожа, чии слоеви како крем се размачкуваат врз лицето и ја затегнуваат кожата, до „вистинска“ кожа, одгледана во лабораториите.

Волшебни пилули со колаген

А можеби сето тоа доведува до мошне едноставно решение поради кое би можеле да изгледаме на 60 години како да имаме 20 – волшебни пилули чија состојка е колаген, со која е можно да се „запре времето“. Таа волшебна состојка му е многу попотребна на човечкото тело, како што старее, бидејќи помалку ја создава, а денес се наоѓа во голем број производи за нега на кожата и телото.

Матични клетки

Младост во 70-тите години би требало да им биде задача и на матичните клетки, чија употреба е широка на полето на регенеративната медицина, а ембрионалните клетки имаат силен пристап во изградбата на повеќето органи, меѓу кои и срцето и бубрезите.

Ги нарекуваат волшебни клетки, бидејќи имаат уникатна способност за обновување на другите клетки. Се наоѓаат во коскената срцевина, папочната врвка, масното ткиво, во помал дел во крвта, а највисока концентрација имаат околу коренот на влакното.

Без овие „поправувачи“ е невозможно да се живее. Се смета дека токму матичните клетки имаат најголема способност за подмладување на кожата и дека врз нив почива развојот на медицината и лекувањето.

Трансфузија на крв

Трансфузијата на крвта е хит за кој зборуваат светските ѕвезди. Особено е драгоцена крвта од младите донатори, тинејџери, затоа што содржи помалку штетни протеини, кои се развиваат со текот на годините. Засега станува збор за уште еден вид клинички истражувања, во чии рамки пациентите примаат една доза годишно.

Имуносупресивни лекови

Лекот што се користи кај пациентите со пресадени органи во експериментите врз глувци покажал дека им го продолжува животот за 38 отсто. Активната состојка Rapamune е имуносупресив, па се применува за да се спречи евентуалното отфрлање на донираниот орган при трансплантација. Но експертите сметаат дека би можел да се користи и за продолжување на животниот век.

Текст: Наташа Човиновска

Фото: Getty Images

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.