Имате место за уште малку слатко? Пробајте го овој ролат од баклава
Ќе ве остави без зборови!
Овој ролат ќе ги освои и тие што не се по благото
Состојки:
- 12 тенки кори за пита
- 200 г ореви
- 200 г бадеми
- 200 г лешници
- 250 г путер
- За преливот:
- 800 г шеќер
- 800 мл вода
- 1/2 лимон
Приготвување:
1. Оревите, бадемите и лешниците кратко се пропржуваат во сува тефлонска тава. Потоа крупно се мелат со машинка.
2. На работната масичка се става кора за пита и се премачкува со растопениот путер. Се прекрива со друга кора, па и таа се премачкува и се посипува со малку од мелените јаткасти плодови. Потоа се нанесуваат третата и четвртата кора, па и двете се премачкуваат и се посипуваат со мелената смеса. Полнетите кори цврсто се виткаат во ролат. На истиот начин се обликуваат уште два ролата.
3. Ролатите се сечат на резанки со ширина од 4 см и вертикално се поставуваат во плех за печење премачкан со путер. Одозгора се прелева со остатокот од путерот и се печат во загреана рерна на 200°Ц, додека поруменат.
4. Посебно во тенџере се додаваат вода и шеќер, па се вари додека се добие поредок сируп. При крајот на варењето се додава сок од лимон.
5. Додека е уште врела, печената баклава се прелева со ладниот сируп и се остава да се олади на собна температура. Потоа се става во фрижидер.
Извор: Добра храна