Ветено, исполнето: Желбите на вработените се исполнуваат во чест на јубилејот

20 години успешна работа

Штедилница ФУЛМ (Финансиски услуги за луѓето на Македонија) продолжи да ги исполнува желбите на своите вработени во чест на јубилејот, 20 години успешна работа. Годината 2019-та со радост ќе ја паметат Мица Гурева,  вработена во филијала Тиквешија, Кавадарци, и Атанас Манушев, од филијала Муртино, Струмица, кои имаа желба да одат во Вашингтон.

Пред година дена промовиравме нови дигитални канали преку кои нашите услуги станаа подостапни за клиентите. Една од вработените кои одлично се снаоѓаат во потребата од дигитализација е Мица Гурева. ФУЛМ и` ја исполни желбата да патува, како благодарност за повеќе од 15 години работа во Штедилницата. Сакам да истакнам дека ниту возраста, ниту незнаењето англиски јазик не треба да се пречка. Вработените треба да имаат желба за учење нови работи и да се отворени за промени“– вели м-р Елеонора Згоњанин Петровиќ, управител на ФУЛМ.

Од десно кон лево: м-р Елеонора Згоњанин Петровиќ, управителка на ФУЛМ, Атанас Манушев од филијала Муртино, Струмица, и Мица Гурева, вработена во филијала Тиквешија, Кавадарци

Искрено, голема беше мојата радост и возбуда кога дознав дека ФУЛМ ќе ми исполни една од моите најголеми желби, да патувам во Америка! И тоа годинава, пред да заминам во пензија. Горда сум што работам во компанија која ги цени своите вработени и секогаш наоѓа начин да ги мотивира и награди.

Можам да кажам дека сум импресионирана од целиот престој во Вашингтон, а посебно би го издвоила големиот настан на Форумот на жени на кредитните унии по повод 10 години од неговото постоење, кој беше одлично организиран, како и говорот на нашата директорка за Форумот на жени на самата конференција – вели Мица Гурева.

Животот во поразвиените земји се базира на дигитални услуги. Мора да се прифатат промените и напредокот. Крајната цел ни е да придонесеме за подобра слика за компаниите во Македонија, да покажеме дека и кај нас има работодавци кои ги ставаат вработените и клиентите на прво место. Многумина заминуваат од земјава сметајќи дека овде немаат добро работно опкружување и дека нема работодавци кои ги почитуваат правата на вработените како во повеќето развиени земји. Мислам дека ФУЛМ веќе долги години дава пример за компанија во која е предизвик и задоволство да се работи и е поттик за младите да останат тука и да го остварат својот потенцијал работејќи во Македонија“ – вели Згоњанин Петровиќ.

Атанас Манушев, кој годинава прослави убав личен јубилеј, 20 години работа во Штедилница ФУЛМ, ни раскажа за импресиите од Америка:

Моето патување во Вашингтон беше кратко, но во тие неколку дена имавме многу средби, дружење, разгледување на знаменитости, така што понесов незаборавни впечатоци.

Првата слика кога зборувам за Вашингтон ми е огромното пространство во паркот пред Белата куќа и Собранието. Ме фасцинираше центарот на градот со тоа колку е чист и стилски изграден. Сите згради се направени од камени блокови или од стакло.

Поминавме еден прекрасен ден во друштво на нашата проект менаџерка Марта која ја посетивме во нејзиниот дом во една приградска населба. Ми беше интересно што сите куќи се изградени во ист стил, на еден кат, или ретко која на два, од лесен материјал, со мали, но функционални дворови, заградени исклучиво со жива ограда. Поради огромните дрвја во самите дворови и покрај нив, во целата населба имаш чувство како да си во голема шума.

Голем впечаток ми остави и посетата на една од многуте кредитни унии во Вашингтон, во која имаше вработено луѓе доселени во Америка скоро од сите континенти, а сите делуваа како еден уигран тим. Беа исклучително љубезни и професионални.

Ќе го паметам и мексиканскиот ресторан, во кој нашите колеги од кредитната унија ни организираа ручек. Додека ние се дружевме, јадењата што ги порачавме ни ги подготвуваа пред нас, на самата маса.

Во Америка ми беше интересно и тоа што нивната храна, почнувајќи од лебот натака, има благ вкус. Накратко, ова беше патување кое одамна сум го посакувал и среќен сум што желбата ми се исполни“ – вели Атанас Манушев.

Прославата на јубилејот на ФУЛМ продолжува со концептот на желботека/wishlist. Патувања во Тајланд, Америка, Париз, посета на Дизниленд, Капри, Плитвички езера се само некои од желбите на вработените, кои се на ред да бидат исполнети. Прославата на јубилејот на Штедилницата продолжува со исполнување на желбите на најмладите по повод новогодишните празници.

Текст и фото: ПР

Прочитајте и
Оставете одговор

Вашата мејл-адреса нема да биде прикажана.

Ви благодариме за коментарот!

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.